Фото: Бенјамин Нетанјаху/Фејсбук

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека војската го убила четвртиот најважен припадник на Хамас, алудирајќи на заменик-политичкиот лидер на палестинскиот исламистички Хамас, Салех ал-Арури и најави дека наскоро ќе стасаат и до други високи команданти.

Нетанјаху го рече ова во видеоизјава додека Израел ја истражува судбината на Марван Иса, кој е заменик-лидерот на военото крило на Хамас, кој важи за трет човек по важност и кој наводно бил цел на воздушен напад вчера рано изутрина.

– Ние сме на пат кон целосна победа. На патот до таа победа веќе го елиминиравме лицето број четири на Хамас. На ред се три, два и еден – рече израелскиот лидер оценувајќи дека сите тие се „мртви луѓе“ и дека Израел ќе дојде кај сите нив.

Ал-Арури беше убиен во воздушен напад во Бејрут на почетокот на јануари. Меѓутоа, Израел никогаш официјално не ја презеде одговорноста за тој напад, наведуваат израелските медиуми.


Израел тврди дека ја почитува верската слобода, но и дека ќе биде подготвен да одговори на провокациите за време на Рамазан

Израел ја почитува слободата на вероисповед, но ќе биде подготвен да одговори на какви било провокации или ексцеси за време на светиот муслимански месец Рамазан, кој започна денеска, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во видео порака.

– Државата Израел ја почитува слободата на молитва во џамијата Ал-Акса (трето најсвето место на исламот во Источен Ерусалим) и на сите свети места – порача Галант во објава на неговиот канал на Телеграм.

Галант предупреди да се избегнуваат провокации.

– Месецот Рамазан може да биде и месец на џихад и на сите им велиме, не провоцирајте. Ние сме подготвени, не правете грешка – нагласи израелскиот министер.