Европската унија оцени дека Турција треба да „преземе решителни активности за да ја смени постоечката тенденција во однос на правната држава и фундаменталните права, се наведува во заедничката изјава по дијалогот на високо ниво меѓу Брисел и Анкара.
По средбата во Анкара меѓу еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, лиферувана е заедничка изјава во која се потенцира стратешката важност на односите меѓу ЕУ и Турција.
-Ние остануваме посветени на водење отворен и искрен дијалог, за да дискутираме за прашањата кои се високо на нашите агенди на сеопфатен начин во поглед на справување со заедничките предизвици и за соработка во суштинските области од заеднички интерес, се наведува во изјавата.
„Турската страна ја потврди својата заложба за пристапување кон ЕУ и нејзината решеност за брзо спроведување реформи во областа на владеењето на правото и фундаменталните права, како што беше наведено во соопштението за медиумите по состанокот на Акциската група за реформи од 29 август 2018 година. Стандардите на Советот на Европа и нормите на ЕУ ќе делуваат како сидро за овие реформи. Беа дискутирани тековните ажурирања на Стратегијата за реформа на судството и можниот придонес на ЕУ“, се вели уште во заедничката изјава.