Фото: Жана Штрковска (Виолетова)

Според преданието „Маркова Црква“ станува збор за месност каде што претходно се наоѓала Марковата црква во селото

Знаменитостите на Македонија

Црквино е сместено од десната страна на реката Бабуна во Велешко. Според преданието, месноста Маркова Црква го добила своето име поради верувањето дека токму на тоа место претходно се наоѓала црквата на Крале Марко. Имено, се верува дека споменатата црква ја изградил Марко Крале пред доаѓањето на Османлиите во Македонија, најверојатно врз темели на постара црква од времето на богомилското движење. Црквата била една од нивните центри од кај што тие ги проповедале своите идеи. Преданието исто така вели дека Османлиите, сакајќи да го задушат христијанството, ја урнале црквата. Според традицијата, некој Османлија сакал да земе од урнатата црква една греда, ја товарил гредата на колата и си тргнал за дома, но „на едно сто-двесте метри веднаш се скамениле и колата и воловите, а и Османлијата умрел“. Скаменувањето во ова предание доаѓа како резултат на извршениот престап на Турците што jа урнале црквата.
Со Црквино е поврзано и археолошко наоѓалиште Белушка. Се верува дека станува збор за римска населба, која се наоѓа на 2 км југозападно од селото, на зарамнето плато со површина од околу два хектара каде што се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал, а мештаните наоѓале и бронзени монети.
Инаку, се верува дека името на селото Црквино доаѓа од „староземанската црква“ (средновековната црква „Свети Ѓорѓи“) во горното маало, која е опкружена со муслимански куќи. Според статистиката на Васил К’нчов објавена во „Македонија, етнографија и статистика“ од 1900 година, во Црквино живееле 410 жители, од кои 350 Македонци и 60 Турци. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Црквино имало 128 Македонци, под јурисдикција на Бугарската егзархија. Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци.

Фото: Марио Шаревски

Црквино е мешано македонско-албанско-бошњачко село, со големи промени на населението, кои се засведочени од записи според истражувањата од 1914 и 1966-1967 година, а во продолжение ќе ги наброиме забележаните родови во селото. Македонски: Чавдаровци, Никовци, Ќосевци (слават Св. Никола), Недевци (или Неделци), Кушарци (слават Свети Ѓорѓи) Мурговци (слават Света Петка), Даш(с)ковци (слават Св. Недела), Манасиевци, Мицевци (слават Свети Димитрија) ова се стари родови, односно староседелци; Јаневци дошле во 1840 г. од чифлик од Горно Караслари, Богоевци (2 к.) и Костовци се доселени од селото Крајница; Коневци (2 к.) се доселени од селото Никодин, Тиквешко/Прилепско. Бошњачки: Шаботиќи, Прпузовиќи, Адиловиќи, Ајдарпашиќи, Зверотиќи, Калачи, Јаворовци, Плаовци, Турковиќи, Адровиќи и уште некои други. Сите заедно имаат 58 домаќинства. Доселени се од околината на Иванград (20 к.), околината на Нови Пазар (10 к.), Тутин (10 к.), Рожае (10 к.) и Сјеница (8 к.). Албански: Албанците се најнови доселеници во Црквино, тие дошле од селата Седларево, Корито и Дуф во Полог. Како и од околината на Призрен во Косово. Турски: Козевци-Емушовци и Мечовци биле старинечки родови, кои се потурчиле од јуручките. Доселени турски родови биле: Ферат-Асанлар, Адилар, Аџилар, Билманлар, Садиклар, Топалали, Дураклар, Мемед-Алилар, Алимлар, Реџеплер, Таирлар дошле од „Јуруклук, од преку Вардар“ во средината на 18 век, по потекло Јуруци.Д.Ст.


„Свети Ѓорѓи“ – православен храм од 1819 година

„Свети Ѓорѓи“ е македонски православен храм во селото Црквино, Велешко. Изградбата датира од 1819година, а по својот изглед, црквата е иста како црквата „Свети Спас“ во блиското село Ногаевци. Поради напуштањето на селото од страна на христијанското македонско население денес црквата е во крајно лоша состојба, а предвидена е нејзина обнова од Министерството за култура. За иконата на Свети Кирил Филозоф во оваа црква истражувања вршела Донка Барџиева. По повод патрониот празник на црквата, Ѓурѓовден, таа е доста посетена од христијани што водат потекло од селото Црквино, а денес живеат во Велес.