Фото: „Нова Македонија“

Србија очекува да привлече огромна работна сила од Македонија и од Албанија, но нашите соговорници не мислат така. Претставниците од македонскиот бизнис-сектор со кои се консултиравме не очекуваат дестабилизација на пазарот на трудот во земјава, но очекуваат нешто друго…

Дали Србија со Отворен Балкан ќе ги вшмука и онака малиот број работници од домашниот пазар на трудот

Нашиот северен сосед Србија се подготвува нашироко да им ја отвори вратата на работниците од Македонија и од Албанија, со цел да привлече квалитетна работна сила и да ја засили својата економија. Оваа интензивна подготовка на Србија е резултат на иницијативата Отворен Балкан, што овозможува слободен пристап до пазарот на трудот меѓу земјите на Западен Балкан. Најголемиот број луѓе се очекува да го најдат своето решение и да си ја остварат желбата да работат во Србија, Македонија или во Албанија, во зависност од нивните потреби и вештини. Но дали тоа значи дека Отворен Балкан е нов предизвик за одлив на кадар од Македонија?

Атрактивноста на пазарот на трудот меѓу трите земји од Отворен Балкан не е голема, бидејќи се нудат речиси слични плати

Соговорници од бизнис-секторот со кои се консултиравме знаат дека атрактивноста на пазарот на трудот меѓу трите земји од Отворен Балкан не е голема бидејќи нудат речиси слични плати. Просечните плати се слични – во Србија е 758 евра, во Албанија 699 евра, а во Македонија – 614 евра. Истовремено, одливот на кадар кон европските земји е главниот проблем за трите земји. Бизнисмените очекуваат како поголем пазар Отворен Балкан да овозможи полесно доаѓање на работниците од трети земји.
Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, укажува дека неговите очекувања се дека нема да има голем прилив и одлив на работници со почетокот на иницијативата Отворен Балкан, затоа што сите три земји се на приближно ист степен на економски развој.
– Кај нас може да се вработат сезонските работници од Албанија, кои досега влегуваа како туристи, а работеа на црно во градежништвото, земјоделството и угостителството. Моите очекувања се легализација на досега нелегалните вработувања на сезонски работници од Албанија. Можеби мал број наши работници би заминале на работа во Србија, но тоа не би било масовно и бројката ќе биде незначителна – посочува Димитров.
Според него, нашите млади најчесто ја гледаат егзистенцијата во Хрватска, Словенија или во Германија каде што се донесоа многу мерки за либерализација на пазарот на трудот, па не верува дека голем број ќе се одлучат за Албанија или за Србија.
– И покрај одредени негативности, сепак сметам дека слободното движење на работниците е нивна цивилизациска придобивка, која мора да ја почитуваме. Нашата главна задача е како да бидеме попривлечна дестинација за работници од странство и како да ги задржиме младите во земјава. Да ја направиме Македонија посакувано место за работа и живеење, но за тоа ни требаат храбри реформи на институциите, владеење на правото, подобрување на инфраструктурата и економски реформи, кои ќе го зголемат животниот стандард на граѓаните. Без ова, земјата полека ќе се празни, а пензионерите ќе нема од каде да земаат пензија – нагласува Димитров.

Кај нас се очекува прилив на сезонски работници од Албанија во земјоделството и овоштарството

Засега е извесно дека Македонија може со сигурност да смета на прилив на сезонски работници од Албанија во земјоделството и овоштарството – берба на јаболка, грозје, аронија, но делумно и во градежништвото, бидејќи имаме такво искуство. За есенската берба на јаболка во Преспанскиот Регион се потребни од 5.000 до 10.000 работници. Речиси половината од нив досега доаѓаа од Албанија, од Корча, Поградец и од села во областа Мала Преспа, но бројката е непостојана бидејќи станува збор за работници што сезонски работат и во Грција и Италија. Иако Србија е во врвот по производство и извоз на малини и редовно има недостиг од работници за берба на малини, упатените сметаат дека сезонските работници од Албанија, сепак, би ја избрале Македонија и поради близината и поради личните врски – со оглед дека голем дел од оние во пограничниот регион се Македонци.
Бизнисмените во делот на хотелиерството не очекуваат дестабилизација на пазарот на трудот во земјава, но очекуваат на полесен начин да дојдат до одредена категорија работници што им се потребни.
– Не очекувам некои проблеми во отворањето на пазарот на трудот за земјите од Отворен Балкан, туку само изедначување на пазарот. Трите земји имаат речиси ист стандард на работниците и се соочуваат со голем одлив на кадар кон земјите од Европската Унија, каде што во однос на платите има поголеми разлики. Трите економии имаат потреба од вработување работници од трети земји и очекувам на овој начин полесно да увезуваме работници. Од Балканот можеме да очекуваме само да се олесни работата и да обезбедиме понекој стручен работник што ни е неопходен – вели Крсто Блажески, претседател на Здружението на хотелиери (ХОТАМ).
Тој за годинава очекува зголемување на квотите за вработување странци, бидејќи, како што вели, на нивниот бизнис му се потребни повисоки квоти за обезбедување работници од Бангладеш, Пакистан, Индија.
– За да го покриеме одливот на кадар што заминува во европските земји. Годинава имавме квота од 5.000 работници, но таа беше потрошена само за увоз на градежни работници од Турција. Подоцна квотата порасна на 7.000 работници – додава Блажески.


Чадеж: Целта е земјите да можат да разменат работна сила

Претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж, потсети дека започна единствениот пазар на трудот меѓу Србија, Македонија и Албанија и посочи дека тоа е навистина револуционерна работа за Западен Балкан.
– По толку многу лоши работи што ги доживеавме од деведесеттите години на минатиот век, нашите земји и народи почнуваат да соработуваат – изјави Чадеж.
Тој посочи дека за Отворен Балкан е голема работа што граѓаните на Србија ќе можат без проблем да се пријават и да добијат дозвола за работа во Албанија и во Македонија.
– Тоа е голема работа за економијата, бидејќи сите се соочуваме со недостиг од работна сила, како и со проблеми во нејзината структура – вели Чадеж.
Тој оцени дека на секоја земја ѝ недостигаат работници во одредена гранка и дека целта е земјите да можат да разменат работна сила.
– По првпат во регионот решивме да бидеме единствени. Граѓаните на Србија веќе можат да го креираат својот идентификациски број (ИД) за Отворен Балкан на порталот е-управа. Тоа е првиот чекор за вклучување на отворениот пазар на трудот, каде што, заедно со Србија, се и Македонија и Албанија, со вкупно 11 милиони работници – нагласи Чадеж.
Тој додава дека потоа се пристапува до порталот за е-управа на земјата каде што барате работа или каде што веќе сте воспоставиле контакт со работодавецот.
Српските медиуми наведуваат дека во оваа земја имаат поголема можност да се вработат занаетчиите, квалификуваните работници и информатичарите, за разлика од економистите и правниците, чиј број на невработени е голем.


Државниот завод за статистика (ДСЗ) за пазарот на трудот
Недостигаат околу 10 илјади работници во македонските компании

Недостигаат околу 10.000 работни места во македонските компании, кои од почетокот на годинава и во екот на сезонските вработувања во странство дополнително се зголемуваат. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, најмногу слободни работни места има во трговијата 1.687, градежништвото 983, хотелиерството 566 и во транспортот 469. На крајот на минатата година во земјава имало 105.452 невработени. Повеќе од половина од слободните работни места се во средните и во големите компании.
Во јануари годинава тој број се зголемил на 105.803 невработени, според податоците на Агенцијата за вработување. Од нив 63.697 се без образование, 25.097 се со средно образование, а 6.749 се високо образование.
Бизнисмени велат дека засега се оставени сами да се борат со проблемот, но велат дека е крајно време државата да подразмисли да го скрати времето на примање на социјалните додатоци и да овозможи привилегии за вработување студенти и за работа на пензионери. На подолг рок да се овозможи во образовниот процес предност да му се даде на стручното образование. Како едно од решенијата се посочува и либерализацијата на пазарот на трудот со иницијативата Отворен Балкан, но сомнежот е поголем бидејќи има низа индикации дека тие увезени работници нема да бидат стручни, образовани, туку општи работници што треба да се дообучуваат и наместо директно да се вклучат во процесот на работа за нив да се троши дополнително време за обука, па потоа да заминат во други земји. Во одредени сектори (земјоделство, градежништво, туризам) очекуваат повисоки квоти за странски работници за годинава.