Промоцијата на книгата „Два опита (Конески и Старделов)“ од Иван Џепароски се одржа во салата за седници на Филолошкиот и Филозофскиот факултет при УКИМ. Промотори беа Ана Димишковска и Вангел Ноневски, кои се и рецензенти на книгата. Монографијата „Два опита (Конески и Старделов)“ претставува оригинално конципирано, консеквентно изведено и длабински промислено дело, во кое е изложен врвен аналитичко-критички и херменевтички пристап кон аспектите што ги поврзуваат делата на двајцата великани на современата македонска интелектуална и книжевна култура – Блаже Конески и Георги Старделов.
– Повеќеслојноста на оваа монографија се изразува во фактот што таа не само што нуди драгоцени информации за нивниот живот, дело и творечки искуства туку ги елаборира и суштинските аспекти од нивниот придонес на планот на книжевноста, книжевната критика, естетиката и филозофијата – истакнува проф. Димишковска.
– Книгата „Два опита (Конески и Старделов)“ претставува уникатен придонес кон нашата културна, филозофска и академска средина. Одбирајќи да ги претстави двајцата интелектуалци чии академски кариери биле заемно испреплетени, авторот погаѓа во суштината на одбраната тема: овие двајца великани да се претстават не како засебни фигури (иако и таквиот пристап би бил легитимен), туку како дејци чиј ангажман бил меѓусебно испреплетен и дополнувачки – забележува Ноневски.
Промоцијата е во соорганизација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Филозофскиот факултет.