Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Западот се обидува да ја уништи Русија одвнатре, нагласувајќи дека постои опасност од нуклеарен конфликт.
За време на годишното обраќање во рускиот парламент, рускиот претседател нагласи дека Русија нема да дозволи никој да се меша во нејзините внатрешни работи, пренесе „Ројтерс“.
Во текот на својот речиси двочасовен говор Путин најмногу внимание посвети на главните цели за следните шест години, пред се на економските и демографските.
Традиционално, на настанот беа поканети околу 1.000 луѓе. Меѓу нив беа членови на двата дома на рускиот парламент, претставници на владата и претседателската администрација, шефови на Уставниот и Врховниот суд, членови на Државниот совет и Јавната комора, гувернери, претставници на верски организации, дипломати и новинари, вклучително и странските.
Путин многу малку зборуваше за војната во Украина, но затоа најголемиот дел од својот говор го посвети на дополнителни мерки за стабилизирање на економијата и нови социјални политики за поддршка на семејствата и руралните области.
Неговото минатогодишно обраќање најмногу беше насочено кон Украина, а поради претстојните претседателски избори овојпат повеќе се сврте кон „домашни“ теми.
Тој изјави дека мнозинството руски граѓани ја поддржале неговата одлука пред две години да испрати десетици илјади војници во Украина, како дел од она што Москва го нарекува „специјална воена операција“.
Осврнувајќи се на францускиот предлог за испраќање војници на НАТО во Украина, Путин истакна дека „последиците за натрапниците би биле „трагични“.
– Имаме оружје што може да погоди цели на територијата на членките на НАТО – додаде рускиот претседател.
Тој рече дека Русија ќе ги зајакне западните делови на земјата, бидејќи по Финска и Шведска ја завршува процедурата за влез во НАТО.
Тој наведе дека е точно оти Западот се обидува да ја вовлече Русија во трка во вооружување.
0Не гледаат ли опасност од нуклеарен конфликт? – праша рускиот претседател.
Според него, Москва е подготвена за дијалог со САД за стратешка стабилност, но тој ги отфрли сите обиди да се принуди Русија да преговара.
За време на својот говор Путин спомена дека Русија користела напредни системи за оружје, вклучително и хиперсонични ракети „Циркон“ и дека има воена предност во Украина.