Пред речиси десет години, на плиток дел од морското дно на канадскиот Арктик, беа откриени остатоците од „ХМС еребус“, а две години подоцна, во 2016 година, на 72 километри оддалеченост, беше пронајден и неговиот сестрински брод „ХМС терор“. Овие откритија го означија крајот на потрагата по двата брода што траеше повеќе од 150 години. Бродовите испловија во 1845 година под команда на сер Џон Френклин, во мисија да го пронајдат северозападниот премин помеѓу Атлантски и Тихи Океан.
Ниту еден од 129-те луѓе на бродот не го преживеа патувањето, а деталите за нивниот трагичен крај се дадени во легендата на Инуитите.
Најновите откритија „отворија океан од прашања“, според агенцијата „Паркс Канада“, која ги проучува остатоците. Сепак, климатските промени го попречуваат нивното истражување. Потонатиот брод „Еребус“ сега е изложен на сè посилни бури, што го катализира неговото уништување и ги отежнува годишните нуркања.
Потонатиот брод „Еребус“ се наоѓа на само 11 метри длабочина на морското дно во Заливот на Кралицата Мод и е сè поподложен на штети од невремето, што го отежнува истражувањето на подводниот археолошки тим на „Паркс Канада“. Новите технологии помагаат во истражувањето, па тимот успеа да реализира дури 68 нурнувања за само 12 дена, во септември минатата година.
Се очекува климатските промени да ги зголемат фреквенцијата и интензитетот на бурите во арктичката средина, а истражувањето на „Стантек“ ќе помогне да се утврди сериозноста на бурите што ќе се случуваат сѐ до 2050 година во областа во која се наоѓаат потонатите бродови.