„Литература.мк“, во партнерство со радиото „Џез ФМ“, најави почеток на низа музички настани во новото „Кафе литература“ во „Дајмонд мол“. Под мотото „Читаме џез“ почнува новиот концепт, чија мисија е организација на квалитетните музички настани со врвни музички уметници, како и нови откритија, од домашната и регионалната сцена преку кои сите присутни ќе можат да ги истражуваат еволуцијата и мноштвото начини на кои џезот и книгите влијаат на културата.
– Љубителите на читањето и квалитетниот звук ќе имаат можност да уживаат во овој несомнено храбар концепт што би можел да се опише преку три едноставни, но многу силни и значајни зборови: „Литература, музика, култура“. Секој петок, квалитетната музика во „Кафе литература“ станува достапна за сите. Петочните сесии почнуваат со настанот „Читаме џез“ и незаменливиот Џијан Емин, кој е препознатлив по својот автентичен и оригинален музички израз и секогаш забавните и енергични настапи. Посетителите ќе можат да уживаат во неговите добро познати музички интерпретации на редовниот репертоар на музички настани секој втор петок – велат организаторите.
Овие музички настани ќе ја слават динамичната врска помеѓу литературата и музиката. Новиот концепт ќе ја слави симбиотската врска помеѓу литературата и музиката, како две од најголемите уметнички форми што ја трансформираат глобалната култура.
– Во обид да ја збогатиме градската програма и да ја едуцираме публиката, создадовме квалитетен музички репертоар што ќе го размрда скопското секојдневие – истакнаа од „Литература.мк“.
„Џез ФМ“, најстарото и единствено радио кај нас за промоција на џез-музиката и сродните жанрови, е посветено на ширење на добриот звук и иновативниот пристап кон музиката.