Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија го продолжува прикажувањето на северноамериканскиот континент, овој пат во официјална конкуренција на два престижни филмски фестивали – Интернационалниот филмски фестивал на научна фантастика во Бостон и интернационалниот фестивал „Ноќи на стравот“ во Висконсин.
Интернационалниот фестивал на научна фантастика во Бостон е оформен во далечната 1976 година, што го прави втор најстар жанровски филмски фестивал во САД. Во иницијалните години на постоењето во киното „Орсон Велс“ премиерно се прикажувани култни остварувања, како „Денот кога Земјата застана“, „Војна на световите“ или првото издание на дотогаш сѐ уште непознатиот „Војна на ѕвездите“. Денес фестивалот се одржува во кинокомплексот Сомервил и пред американската публика прикажува и промовира ограничен број жанровски филмови од американската и интернационалната филмска продукција.
Интернационалниот филмски фестивал „Ноќи на стравот“ се одржува во Висконсин и има цел да открива филмски остварувања со дистописка, фантастична и хорор-тематика од меѓународната кинематографија. Во своето 16-годишно постоење овој фестивал промовирал режисерски имиња како Мајк Фланаган, Грег Никотеро, Адриан Гарсија Боглијано и многу други.
Премиерата на „М“ беше на отворањето на фестивалот „Синедејс“ лани во Скопје, а по скопската кинопремиера филмот играше во повеќе градови низ Македонија. Тозија, чие деби „Џган“ во 2016 имаше голем успех, вели дека „М“ е дистописка приказна за осумгодишниот Марко, дете што е затворено во границите, во заштита на својата магична шума. Низ годините живее не знаејќи што се случува со светот надвор. Чувано е и скриено од посесивен, строг, опседнат татко, кој секако, знаејќи дека тој е сѐ шо му останало, се труди да го сочува од сознанието за тој свет. Марко го игра Матеј Сиваков, а во екипата се и: Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ-Вејзовиќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев.
Сценариото е на Тозија и режисерот Даријан Пејовски, а кинематографер е Влатко Самоиловски. Продуцент е „Фокус покус филмс“ од Скопје, во копродукција меѓу Хрватска, Косово, Луксембург и Франција.