Во Денсинг салата на Младинскиотот културен центар во Скопје вчера во 18 часот беше отворена интерактивната инсталација „Од тела кон тело низ водени форми“, концепт на Ана Лазаревска, во кој таа ги предизвикува посетителите да учествуваат во еден несекојдневен настан. Во тотален мрак, изолирани од сите звуци, тие треба да влезат во кругот светлина и да го чујат со стетоскоп срцебиењето на оној кој стои наспроти нив.
За исложбата, нашиот познат писател Ѓоко Здравески ќе напише:
Јас сум ти, во друго тело.
Форми има многу, но водата во нив е една и во сите е истата. Вода. Во пукнатините на забот на времето влегува и таму молчи на сите човечки јазици. И сѐ што низ неа минува – останува во неа.
Изложбата „Тела од вода“ е интерактивна. Ако влезете во неа, станувате дел од неа. Две исти води, во две различни тела. Две различни отчукувања на срцата – одеднаш.
Треба ли храброст да се чуе како на другиот му чука срцето? Во темната тишина на салата водата да се излее од својот сад и да стане – чиста вода.
Во проектот со Ана Лазаревска активно учество дадоа Ѓоко Здравески, Елена Андреева, Александар Ордев, Томи Димитровски и Доријан Миловановиќ. Интерактивната изложба се затвора вечерва на полноќ.