Фото: КФМ

КОШАРКА

Македонската машка кошаркарска репрезентација продолжува со мини-подготовките за првите два меча, со Естонија, во Скопје (СРЦ „Кале“), утре (19 ч.) и на гости во Полска, в понеделник, во квалификациите за Европското првенство (ЕП) в година. Македонија е во групата Х, во која е и селекцијата на Литванија (носител на по три злата и сребра и еднa бронза од ЕП). На ЕП 2025 ќе играат двете најдобропласирани од оваа група, како и Полска (носител на едно сребро и три бронзи од ЕП), како еден од четирите кодомаќини на континенталниот шампионат (заедно со Финска, Кипар и со Летонија).
Црвено-жолтите досега настапиле на пет европски првенства, а најдобриот пласман го остварија на ЕП во Литванија, во 2011 година, кога го освоија четвртото место. Естонија има шест настапи, двапати била петта (во 1937 и во 1939 година) и еднаш шеста (1996-та). Двете селекции заедно биле учесници само на едно ЕП, во 2015 година, кога Македонија беше 19-та, а Естонија на 20-то место.
Натпреварот утре ќе биде 11-ти меѓусебен на Македонија и Естонија во квалификациски циклуси, а вкупниот резултат е 6-4 за Естонија. Првпат се сретнаа во циклусот за пласман на ЕП 1993, на турнирот во Вроцлав (Полска), кога Естонците славеа со 74-60. Силите беа одмерени и во квалификациите за ЕП 2007, кога Македонија на гости загуби со 66-72, а во Скопје победи со 95-50. Македонија и Естонија играа и во 2008 година во квалификациите за ЕП следната година, Македонија двапати победи, и тоа во Талин со 90-78 и во Скопје со 87-75.

Потоа тие се сретнаа во квалификациите за Светското првенство во 2019 година, две победи забележа Естонија (80-76 на гости и 74-65 дома). Во циклусот квалификации за ЕП 2022, Македонија загуби од Естонија во Скопје со 81-72, а потоа победи во балонот во Перм (Русија) со 86-84. Двете селекции играа меѓу себе лани, во Талин, на претквалификацискиот турнир за пласман на годинашните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз, а Естонија победи со 83-59.
На европската ранг-листа (објавена во септември 2023 година), репрезентацијата на Литванија е на шестото место, Полска е на 10-то, Естонија е на 22-то, а Македонија е на 30-то место. Билетите за натпреварот Македонија – Естонија во Скопје се по цена од 250 денари и се пуштени во продажба на онлајн платформата „мктикетс“.
Според пријавениот состав, кошаркарите на Естонија имаат просечна возраст на играчите од 25 години, а висината е два метра. Репрезентативците на Естонија настапуваат во првенствата на Естонија, Шпанија, Италија, Белгија, Полска и на Германија. Кај Македонија просечната возраст на играчите е 27,3 години, висината 1,98 м, а репрезентативците настапуваат во Македонија, Русија, Хрватска, Шпанија и во Косово. Г.И.


МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ

квалификации за ЕП 1993
Естонија – Македонија 74-60
квалификации за ЕП 2007
Естонија – Македонија 72-66
Македонија – Естонија 95-50
квалификации за ЕП 2009
Естонија – Македонија 78-90
Македонија – Естонија 87-75
квалификации за СП 2019
Македонија – Естонија 76-80
Естонија – Македонија 74-65
квалификации за ЕП 2022
Македонија – Естонија 72-81
Естонија – Македонија 84-86
квалификации за ЛОИ 2024
Естонија – Македонија 83-59