Универзална сала во Скопје ќе биде готова во 2026 година, најави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. По пауза од две години откако градоначалничката Данела Арсовска ги стопираше градежните работи, фирмата изведувач „Универзал-Балкан“ деновиве почна со градежни работи за реконструкција на надворешноста на објектот.
Според договорот, за 90 работни дена или до летово треба да биде готова надворешноста и куполата, по што ќе се продолжи со внатрешноста. Дополнително треба да се распише тендер за изведувач на внатрешноста.
– Да го најавиме започнувањето на реконструкцијата на Универзална сала – архитектонски и културен симбол на Скопје. Министерството за култура презеде обврска во наредните три години непречено да го реализира проектот, затоа што имаме обезбедено финансиски средства и комплетна документација. Владата и Министерството одлучија да го преземат објектот, затоа што тој има огромно значење и не може да се функционира без објект од ваков калибар – рече министерката за култура Бисера Костадиновска -Стојчевска.
Проектот е готов и како што кажа проектантот Бујар Муча, проектант од „Мегарон инженеринг“, ќе биде задржана автентичноста на објектот.
– После две години ќе продолжи да се реализира нешто за коешто навистина се вложивме. Проектот е готов уште од 2021 година. Сега е ставен на располагање на изведувачите. Најпрво да се заврши покривот и фасадата, а потоа техничките фази и ентериер – рече проектантот Бујар Муча од „Мегарон инженеринг“.
Тој појасни дека комплетно ќе бидат модернизирани сцената и просторот за публика. Заради новите архитектонските прописи ќе се намали бројот на седишта, на околу 1.300.
Според него, атмосферски влијанија сигурно имало, во годините додека на објектот воопшто не се работеше, но не се такви кои може да наштетат на она што е веќе изградено.
Тој смета дека недостатоци во проектот, од аспект на безбедност, немало. Но, во текот на реконструкцијата се појавила потреба за уште два носачи, па проектирале и добиле позитивно мислење од ревизијата и од ИЗИС.
Управителката од фирмата изведувач „Универзал-Балкан“, Билјана Блажевска, рече дека реконструкција и адапција на Универзалната сала ќе биде направена за 90 дена од денот на доставен налог за изведување на работите.