Вчера, во СВР Штип е пријавено дека на експресниот пат Штип – Кочани, во близина на селото Жиганци, се случила сообраќајна несреќа, во која учествувале три возила – „голф“, со кочански регистарски таблички, управувано од 54-годишниот Д.Д. од Кочани, патничко возило „сеат“, со скопски регистарски таблички, управувано од 25-годишниот М.А. од Скопје, и патничко возило „ситроен“, со винички регистарски ознаки, управувано од 58-годишната Л.С. од Виница.
-На самото место на несреќата од добиените повреди починале сопатничката од возилото „сеат“, со иницијали Н.П. на возраст од 24 години и сопатникот од возилото „голф“, Г.А., на возраст од 52 години од Кочани. Смрт констатирал лекар од итната медицинска помош од Кочани. Тешки телесни повреди добиле возачите на „голфот“ и „ситроенот“, сопатникот од „голфот“, на возраст од 52 години, и две сопатнички на возраст од 63 и 84 години од „ситроенот“, и двете од Виница. Повредите се констатирани во Општата болница во Кочани, Клиничката болница во Штип и комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител, сообраќаен вештак и увидна екипа – изјавија од СВР Штип.
Во оваа фаза СВР Штип соопшти дека не може да споделува податоци за сообраќајната несреќа поради доследно почитување на предистражната постапка.