Одејќи по крвавите траги на нашите херои, нашата задача, како што велеше уште и Мисирков, е само еден чекор напред. Во овие драматични мигови, кога повторно се доведува во прашање нашата опстојба, да дадеме сѐ од себе и да ја зачуваме Македонија, за над неа повторно да се роди новото сонце на слободата,
а ние да го видиме радосен и среќен нашиот народ. А таа борба мора да
започне денес, затоа што утре веќе ќе биде доцна
Сите наши илинденци, револуционери и борци за Македонија, кои работеа на оформувањето и дефинирањето на македонското национално прашање, дејствуваа и се бореа во прв план за единство и обединување на Македонците во клучните историско-пресудни мигови за Македонија, каков што е и денешниот.
Идејата на нашите први револуционери, како и идеите на нивните наследници, беше Македонците да се обединат во едно заедничко, победоносно – национално јадро. Македонските херои и револуционери, како историски личности од нашето подалечно и поблиско минато, треба да ни бидат поттик за развојот и на современиот демократски македонизам, со една единствена цел – дефинитивното единство на Македонците под овој небесен свод, за кое единство тие ги дадоа или ги посветија своите животи. Тие знаеја и со таа максима се бореа, дека само единството на Македонците може да создаде сигурна и просперитетна држава. Значењето за обединување во едно единствено македонско ткиво е поважно од кога и да е и денес, кога на овие бришани балкански простори, живеејќи ги најголемите македонски маглини повторно и којзнае по кој пат ни се закануваат едни исти мизантропи, едни исти програмери на геноцид, кои треба нас Македонците вака разединети и расцепкани да нѐ бутнат во океанот на непостоењето.
И самата член на револуционерното семејство Циривири, кое во текот на НОБ од најблиското семејство положи три животи, свесна сум за жртвата, но и за големата посветеност на социјалистичко-идеолошка матрица како македонска кауза. Затоа што борбата низ црното и црвеното, на темницата што штрека и вкрвавената зора е нашата differentia specifica и само ние што знаеме како најблиските страдаа во жртвувањето на животот, знаеме и да ја цениме Македонија, која уште од своето постоење перманентно се спротивставува на насилството. Македонија, за која Рацин пишуваше дека гори во татнежи и молскавици, умира во маки и страдања и повторно се раѓа во белите мугри во срцата на Македонците и кога во нив немаше ништо друго, освен голема надеж и детерминираност да се истрае на патот до слободата.
Социјалистичката идеја колку и да е негирана денес, таа во денешниов поим за демократија е идеја за социјална правда (слобода, еднаквост, солидарност и борба против дивеењето на експлоататорите), а како таква органски не може да се одвои од идејата за македонското национално прашање затоа што тие две прашања се комплементарни и постојат во нераскинлива симбиоза.
Таа идеја е историски континуитет, нужност кога народот веќе нема да може да го издржи овој експлоататорски систем и конечно треба да го дигне својот глас.
Затоа денес се толку важни обединувањето и единството на Македонците за кои нашите револуционери се бореа. Затоа е и од непроценливо значење во овој миг, сите заедно да застанеме под едно национално знаме како симбол на македонското единство и да ја извојуваме и оваа битка за спас на Македонија.
Затоа и оваа колумна денес нека биде повик за обединување и единство на сите Македонци, во овој критичен историски миг, кога повторно и којзнае по кој пат во прашање се доведува опстанокот на Македонците и на Македонија како држава.
Денес, повеќе од кога и да е, треба да се откажеме од делбите и поделбите на македонскиот народ, затоа што така со сигурност одиме во една рационално необјаснива војна, војна на сите против секого, каде што во најголема усвитеност доаѓа до израз она познатото на Хобс: „Homo homini lupust est“ – односно дека човек на човека му е волк. Наместо тоа, да погледнеме во минатото, но истовремено присутни во сегашноста, и да се избориме за себеси.
Затоа и денес, зборувајќи за големите хоризонти на нашите херои и револуционери, ние ја палиме и искрата во нашите срца и на сите Македонци, затоа што прво таму треба да дигнеме национално востание. Затоа што само на тој начин како што ни говореа нашите херои – слободна Македонија ќе биде дело на Македонците и само така ќе може да се одбраниме себеси.
Одејќи по крвавите траги на нашите херои, нашата задача, како што велеше уште и Мисирков, е само еден чекор напред. Во овие драматични мигови, кога повторно се доведува во прашање нашата опстојба, да дадеме сѐ од себе и да ја зачуваме Македонија, за над неа повторно да се роди новото сонце на слободата, а ние да го видиме радосен и среќен нашиот народ.
А таа борба мора да започне денес, затоа што утре веќе ќе биде доцна.