Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во писмо до претседателот, техничкиот премиер и министерот за надворешни работи, пишува дека Грција нема овластување да информира за престанокот на важење на пасошите во друга држава и ги повикува македонските институции да се воздржат од испраќање на какво било писмо или известување до земјите членки на Обединетите нации.
– Според воспоставените дипломатски протоколи во рамките на Обединетите нации, валидноста на пасошите на една нација на меѓународната сцена може да биде доведена во прашање или пасошот да се смета за неважечки, само преку формално известување од страна на земјата (во случајот македонското МНР) а не од страна земја, без разлика на билатерални договори. Поточно, единствено министерот за надворешни работи на Македонија може да испрати комуникација до сите земји-членки на ОН, со која ќе ги прогласи сите претходни верзии на нашите пасоши за неважечки од одреден датум. Ова е суверена работа која спаѓа во јурисдикција на владеењето на Македонија и не е предмет на надворешна власт или интервенција – се нагласува во писмото.
Се наведува и дека ОН немаат улога да спроведуваат промени врз земјите-членки, кога станува збор за билатерални договори.
– Сакаме да ги потсетиме сите засегнати страни дека билатералните договори, како што е Договорот од Преспа потпишан меѓу Грција и Македонија, не даваат никакво овластување на една нација еднострано да ги информира другите земји за статусот на патните документи на друга земја. Улогата на ОН е да бидат информирани за таквите договори, а не да спроведуваат промени врз земјите-членки, без експлицитна согласност и акција на директно инволвираната нација – посочуваат од ОМД.
Македонците во светот го повикуваат државниот врв да се воздржи од известување од земјите-членки на ОН:
– Имајќи го предвид ова, го повикуваме претседателот на Македонија, техничкиот премиер на Македонија, а особено министерот за надворешни работи на Македонија да се воздржат од испраќање на какво било писмо или известување до земјите-членки на ОН во врска со неважење на претходно издадените македонски пасоши. Секое такво дејство не само што ќе го поткопа нашиот национален суверенитет, туку и потенцијално ќе им нанесе непријатности на граѓаните кои се потпираат на нивните тековни документи за меѓународно патување – стои во реакцијата.
ОМД смета дека Грција нема право да циркулира информации за неважење на македонските пасоши.
– Понатаму, сметаме дека секој обид на Грција или која било друга нација да циркулира информации за неважење на нашите пасоши врз основа на билатерални договори или од која било друга причина е неприфатливо кршење на дипломатскиот бонтон и навреда на суверенитетот на Македонија. Ваквите дејствија, доколку се преземат, ќе се сметаат за директна навреда за нашата нација и нејзините граѓани, особено од дијаспората. Ја повикуваме меѓународната заедница да ги почитува воспоставените протоколи и суверенитетот на нациите во управувањето со сопствените работи, особено во однос на прашањата толку чувствителни како валидноста на патните исправи. Обединетата македонска дијаспора е подготвена да ги брани правата и достоинството на нашата нација и нејзините граѓани од какви било дејствија што би ги поткопувале – се заклучува во писмото, во кое се бара разбирање и поддршка од државниот врв.