Мултимилијардерот Илон Маск тврди дека ќе престане да го користи својот мобилен број, а оваа одлука се чини дека е негов обид да ја промовира новата опција на својата социјална мрежа Х (поранешен Твитер).
Меѓутоа, оваа опција треба да биде достапна само за оние што плаќаат за премиум-верзијата на оваа социјална мрежа. Станува збор за тоа дека корисниците на премиум-верзијата ќе можат да остваруваат аудио/видеоповици.
– За неколку месеци ќе го повлечам телефонскиот број и ќе го користам X само за текстуални и аудио/видеоповици – објави Маск на својата социјална мрежа.
X официјално започна со воведување можности за аудио и видеоповици минатата година. Додека сите корисници на оваа социјална мрежа можат да примаат повици, оние што се претплатени можат да остваруваат повици. Повиците не се шифрирани, за разлика од повиците на други слични услуги како што се Вотсап или Фејстајм на „Епл“.
X нуди функција наречена „подобрена приватност на повиците“ за која тврди дека помага да се заштити приватноста. Но тоа значи дека само ИП-адресите на повикувачите се скриени едни од други и дека споменатата опција мора секогаш да биде вклучена. Не е познато колку се популарни аудио и видеоповици на X.
Откако беа овозможени минатата година, Маск постојано се обидуваше да ги промовира. Тој рече дека можноста за остварување на овие повици е дел од неговиот план да ја претвори социјалната мрежа во „апликација за секого“. Повиците се еден од новитетите објавени на X, пишува весникот „Индипендент“.