Фото: ЕПА

Во новата победа на Париз, со која тимот обезбеди директен пласман во четврт-финалето, Шортс го забележа четвртиот т.н. дабл-дабл (20 поени, само со едно промашување, и 10 асистенции, за вкупен перформанс-индекс од 29). Тој лани беше МВП во Лигата на шампионите на ФИБА, а сезонава и понатаму е водечки или во врвот во неколку статистички категории во Еврокупот

КОШАРКА

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ти Џеј Шортс имаше нова блескава партија во дресот на Париз (Франција), кој на гости го победи Хапоел Тел Авив со 104-86, во 15. коло на Еврокупот, во второто по ранг клупско кошаркарско натпреварување во Европа.
Шортс за малку повеќе од 28 минути во игра на тој меч го оствари четвртиот т.н. дабл-дабл (двоцифрен ефект во две статистички категории) сезонава, со 20 поени и 10 асистенции, на кои додаде и по два скока и украдени топки. Тој во текот на натпреварот имаше само едно промашување (5/5 за еден поен, 6/7 за два и 1/1 за три поена) и оствари перформанс-индекс од 29, највисок на натпреварот.
Со оваа победа Париз го обезбеди директното место во четврт-финалето на Еврокупот, во кој ќе се најдат првите две екипи од двете групи, а следните четири тима од групите прво ќе играат во осминафиналето.
Шортс и понатаму е водечки или во врвот во неколку статистички категории во Еврокупот сезонава. Така, тој води меѓу асистентите со просек од 7,5 по натпревар и во погодените удари за два поена со 6,3 по меч, втор е според просечниот перформанс-индекс, со 22,3, трет е според просечниот број поени по средба, со 17,9, и петти според украдени топки, со две.
Шортс во минатата сезона беше прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) во Лигата на шампионите (ЛШ) на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), тогаш во дресот на германски Бон, со кој ја освои титулата во тоа натпреварување.
Париз во досегашните 15 кола сезонава во Европкупот забележа 14 победи и еден пораз и го обезбеди првото место во групата А. Финалистите на годинашниот Еврокуп ќе добијат право да се натпреваруваат во Евролигата во идната сезона. Н.М.