Напуштеното училиште во Ротино Фото Петар Милошевиќ

Селото Ротино се наоѓа во Цапарското Поле, односно во близината на северните пазуви на планината Баба, на 12,5 километри оддалеченост од Битола. Ротино се одликува со неколку религиски објекти, како што се црквата „Св. Никола Долни“, главната селска црква изградена во 1870 година, црквата „Св. Никола Горни“, гробјанска црква, како и црквата „Св. Илија“ – главната манастирска црква на Ротинскиот манастир. Со Ротино се поврзуваат и неколку археолошки наоѓалишта, а меѓу нив се Арнаутски Пат, Манастирска Црква, Стара Црква и Старо Селоa

Занимливости

Во 19 век Ротино припаѓало на Битолската каза во Османлиската Империја. Според податоците на Васил К’нчов, објавени во „Македонија – етнографија и статистика“ од 1900 година, во Ротино живееле 680 жители, сите Македонци. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Ротино живееле 680 Македонци. Неколку истражувања покажуваат дека сите родови во Ротино се доселени. Според еден податок, родови во селото се: Петревци (17 куќи), први доселеници во селото, кои се доселени од селото Трн, основачот на родот се викал Соколе, според следното родословие: Павле (жив на 62 г. во 1951 година) Ристе-Петре-Соколе, кој се доселил од Трн; Трпеновци (14 куќи), доселени веднаш по првиот род, местото на старина не го знаат; Бошевци (14 куќи), кои се доселени од некое село во битолско поле; Штерјовци (8 куќи), Унчевци (6 куќи), Лозановци (6 куќи), Лалевци (5 куќи), Павловци (4 куќи), Милевци (4 куќи), и Наневци (3 куќи) се доселени со непозната старина; Милошевци (3 куќи) се доселени во 19 век од селото Горно Српци, каде што биле староседелци; Толевци (7 куќи) и Наумовци (1 куќа) се најмлади родови во селото, а потекнуваат од предок кој бил Влав и дошол од селото Трново, овде работел како слуга и потоа се оженил.
Неколку истражувања покажаа постоење на неколку археолошки наоѓалишта. Тука треба да се спомене т.н. Арнаутски Пат, наоѓалиште од римско време што е лоцирано во стопанството „Овоштар“, каде што при неговата изградба бил уништен поголем дел од антички пат, најверојатно дел од трасата на Виа Игнација. Интересно е и наоѓалиштето познато како Манастирска црква или „Св. Илија“, на локација 200–300 м јужно од селото во дворот на Ротинскиот манастир, каде што, според жителите, во месноста Мала Корија при обработувањето на земјата се забележани темели од стари објекти. Во поново време овде е изградена црквата „Св. Илија“ врз темели од стар објект.

Фото: П. Неделковски

Значајно археолошко наоѓалиште е и т.н. Стара црква, односно црква и некропола од средниот век, 2 км североисточно од селото, каде што се пронајдени и гробови градени од камени плочи. Во близината на Ротино се наоѓа и археолошкото наоѓалиште Старо Село. Станува збор за римска населба што е лоцирана на 700 м североисточно од селото, во месноста Старо Село, каде што при обработувањето на земјата биле откриени темели од ѕидови градени од камен и варов малтер и питоси. На површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, имбрекси, питоси и градежен материјал. Д.Ст.

 


„Св. Никола Долни“ – црква од 1870 година

„Св. Никола Долни“ („Св. Талалеј“) е главна црква во Ротино, изградена во 1870 година и значаен пример на македонската преродба од 19 век. Црквата е изградена врз темелите на старо црквиште. За време на Првата светска војна на ова подрачје се воделе жестоки битки и црквата тешко пострадала. По војната таа е обновена и преосветена. Внатрешноста на храмот е живописана од мајсторот Златко Лечковски, родум од Ротино. Храмот е мала трикорабна градба со полукружен средиштен свод и полукружна апсида на исток, со шест лажни столба што образуваат слепи ниши. Иконостасот датира од повоената возобнова. Од стариот црковен инвентар е зачувана само една икона. Во дворот на црквата пред влезот е изградена нова камбанарија.