Фото: ЕПА

И покрај впечатокот на запоставеност, морињата остануваат витален канал на светската економија. Поморската трговија вреди околу 16 отсто од глобалниот БДП. Околу 80 отсто од глобалната трговија се одвива преку море, кога станува збор за транспортот, односно околу 5 отсто од вредноста. Би можело да се каже дека светската трговија зависи од флотата, која ја сочинуваат 105.000 контејнерски бродови, танкери и товарни бродови што пловат по океаните дење-ноќе

Деновиве во белградска „Политика“ излезе интересна анализа. Тоа е всушност едно убаво потсетување на значајноста на поморските патишта во меѓународната трговија и воопшто во развојот на глобалната економија, како севкупност на националните економии, раст и развој. Во продолжение, за македонската јавност, пренесуваме поголем дел од анализата на страниците на нашиот весник

Анализа

Битката за Јутланд беше најголемата поморска битка во Првата светска војна, а веројатно и во историјата на поморското војување. Историчарот Ендрју Гордон се обидел да објасни што тргнало лошо за тогаш надмоќната Кралска морнарица на Велика Британија против бројно послабата германска флота. Гордон заклучил дека проблемот бил во долгата мирна заветрина на Трафалгар. Британската поморска победа над Наполеон во 1805 година создала простор за долг период на самозадоволство и занес. Во 1916 година, ниту еден од британските адмирали немал водено голема војна. Командата на морињата била земана „здраво за готово“ меѓу воената елита.
Тоа одекнува и денес. Во мирната долга заветрина од Втората светска војна повторно се разбрануваа водите на отворените мориња, на чии бранови се раѓаат нови сили, подготвени да го прекројат владејачкиот поредок. Водите на Црно, Црвено и Јужнокинеско Море сугерираат дека наближува цунами.
Во меѓувреме, последниот офицер што служел во Фокландската војна меѓу Велика Британија и Аргентина, како последен поморски судир што го водела некоја држава на НАТО, одамна е пензиониран.

Океаните повторно се важни

Океаните повторно се важни во геополитиката, но изгледа како ситуацијата да се променила. На Блискиот Исток, бунтовничката група на Хутите денес има крстосувачки ракети, вид оружје какво што до неодамна имаа само државите.
Хутите веќе со месеци ги напаѓаат бродовите што пловат по меѓународниот трговски пат во Црвено Море. Нападите ги намалија трговскиот сообраќај и протокот на стоките низ Суецкиот Канал за 90 отсто, нарушувајќи ја глобалната трговија, која заради опстанок е пренасочена на патот што Магелан го минал пред повеќе од 500 години.
Деновиве Хутите истрелаа дронови и балистички ракети на комерцијални пловила и успеаја да се истоварат барем на еден брод.
На 12 јануари, САД и Велика Британија започнаа удари на повеќе од 60 цели врз Хутите во Јемен. Ударите се обид за повторно воспоставување слободна пловидба на клучната артерија на светската трговија, но и драматично проширување на географскиот обем на блискоисточниот судир. Претседателот на САД, Џозеф Бајден, се закани со понатамошна воена акција и кажа дека Америка нема да дозволи „непријателските актери да ја загрозат слободата на пловење на една од најкритичните комерцијални маршрути во светот“.
Хутите, поддржани од страна на нивниот спонзор Иран, се покажаа отпорни на нападите од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, што сугерира дека американските и британските удари нема брзо да ги совладаат.

Борба на морињата

Ескалацијата на Црвено Море е придружена со поморски хаос и на други места. Во Европа војната во Украина би можела да предизвика поморска битка за Црно Море и Крим. Црно Море се полни со мини и потопени воени бродови. Украина се надева дека ќе успее да ја потисне руската морнарица од Крим, која е традиционална база на оваа велесила уште од времето на Катарина Велика.
Балтичко и Северно Море се соочуваат со војна во сенка, односно саботажа на гасоводот и каблите. Азија доживува најголемо зголемување на поморската моќ од Втората светска војна, додека Кина се обидува да ја врати контролата врз Тајван, САД размислуваат за сценарио што вклучува кинеска инвазија, поморски блокади и војна од пошироки размери. Тајван е во фаза за постизборни превирања, кои имаат потенцијал да ја обликуваат иднината на односите во Југоисточна Азија. Тензиите околу островот би можеле да доведат до интензивна кинеско-американска поморска војна, која би одекнала и подалеку од Пацификот. Силата во морето е важен чинител во глобалната воена доминација.

Морнарица

САД и нивните сојузници и понатаму ги имаат најнапредните подморници и морнарица, но нивната поморска доминација еродира. Кинеската морнарица сега е најголема во светот. Американските бродоградилишта се стивнати, а европските морнарици се сенка од некогашниот заштитен знак на колонијалните сили што држеле половина свет. Европските земји отфрлија 28 отсто од своите подморници и 32 отсто од фрегатите и разурнувачите, во периодот од 1999 до 2018 година. Постои кинеско-американското ривалство. Кинеската е растечка флота на подморници и бродови. Морнарицата на Кина гради групи на носачи на авиони, а нејзиниот трет домашен носач „Фуџијан“ речиси е завршен. Исто така, Кинезите проаѓаат на пристаништа низ светот, од Соломонските Острови, преку Екваторијална Гвинеја, до Обединетите Арапски Емирати. Јакнењето на кинеската морнарица значи дека по првпат се оспорува приматот на американската морнарица, од 1945 година, а има и сѐ повеќе актери „одметнати“ од актуелниот поредок.

Светската економија на немирни бранови

И покрај впечатокот на запоставеност, морињата остануваат витален канал на светската економија. Поморската трговија вреди околу 16 отсто од глобалниот БДП. Околу 80 отсто од глобалната трговија се одвива преку море, кога станува збор за транспортот, односно околу 5 отсто од вредноста. Би можело да се каже дека светската трговија зависи од флотата, која ја сочинуваат 105.000 контејнерски бродови, танкери и товарни бродови што пловат по океаните дење-ноќе.
Денес со 62 отсто од контејнерите превезуваат пет азиски и европски фирми, 93 отсто од бродовите се градат во Кина, Јапонија и Јужна Кореја, а 86 отсто се расходувани во Бангладеш, Индија или Пакистан.
Специјалистичката улога на американската морнарица била да стане монополистички давател на услуги во секторот на безбедноста, користејќи повеќе од 280 воени брода и 340.000 морнари, за да се штитат морските патишта.
Значи, во последните неколку децении секој имал некоја своја позиција и постоела хиерархија на океаните. Сепак, ривалството на суперсилите и пропаста на глобалните правила и норми значи дека геополитичките тензии се продлабочуваат. Неизбежна и опасна последица е дека океаните сега повторно станаа спорна зона, првпат по Студената војна.
Западните санкции врз одредени земји предизвикаа експанзија на шверц, па се проценува дека околу 10 отсто од сите танкери се дел од анархична „мрачна флота“ што дејствува надвор од законите и финансиските текови.

Военото цунами тргнува кон брегот

Пандемијата на коронавирусот во 2020 година предизвика хаотична ситуација во синџирите на снабдување, како и блокадата на Суецкиот Канал една година подоцна, кога заринка транспортниот брод „Евер гивен“ и го заглави овој пловен пат. Војната во Украина во 2022 година направи големи турбуленции на светскиот пазар со житни растенија, а ракетните удари на Хутите во Црвено Море во последниве месеци (што е многу посериозно од импровизираните пиратски напади на бродови од 2000-тите и 2010-тите години) доведоа до тројно поголеми трошоци на транспортот од Азија во Европа, зашто транспортот се пренасочува околу Јужна Африка.
Нападите на Хутите досега предизвикаа скок во осигурувањето и цените на доставата, но сѐ уште не довеле до поширок раст на цените, зашто пазарите на контејнери и енергенти имаат резервни капацитети. Меѓутоа, тоа би можело лесно да се промени. Цените на нафтата пораснаа по вестите за американските и британските напади и ако немирите се прошират на Ормушкиот Мореуз, низ кој протекува голем дел од светската нафта и гас, или ако Иран биде директно вклучен во судирот, тие би можеле да растат многу повеќе.
Блокадата на транспортот по затворањето на Суецкиот Канал во 2021 година и нарушувањето во производството на житарки во Црно Море во 2022 година предизвикаа светска инфлација. Иако испораката е мал дел во конечната цена на повеќето производи, непредвидливоста на морето би довела до тоа компаниите да ги намалат своите синџири на снабдување, зголемувајќи ги трошоците.
Судирите од големи размери на море би можеле да бидат разорни. Поморските судири имаат свои карактеристики, зашто тешкотијата на брзо засилување на флотите значи дека ескалацијата е помалку веројатна, отколку на копно. Препирките околу стратегиските острови би можеле да предизвикаат конфронтација во Јужнокинеско Море и на Индиски Океан, а блокадите на економиите, пософистицирани од руската или иранската, би можеле да направат огромна штета. Симулацијата што ја прикажа „Блумберг“ покажува дека блокадата на Тајван и западните контрамерки довеле до намалување на светското БДП за 5 отсто.

Што крие морското дно

Поморските артерии не носат само физичка стока. Доминацијата на Волстрит и Силиконската Долина зависи од околу 600 поморски кабли за пренос на податоци што се ранливи на саботажи.
Под површината на морињата и океаните се наоѓа цела телекомуникациска инфраструктура, која пренесува 97 отсто од глобалниот интернет-сообраќај. Војната во Украина и понатамошните тензии во Европа само го исфрлија на површина геополитичкиот ризик за оваа инфраструктура. Во 2022 година непознати напаѓачи го дигнаа во воздух гасоводот Северен тек 1 и 2 во Балтичко Море. Една година подоцна, каблите за пренос на податоци меѓу Естонија, Финска и Шведска се мистериозно пресечени.
Понатаму, ако океаните се во срцето на меѓународниот поредок, наедно тие се и пејзажот каде што се појавуваат и предизвиците за тој поредок. Во меѓувреме, судирот на море се заканува да ѝ донесе потоп на светската економија.


Заменик-лидерот на Хамас, Салех ал Арури, загина во експлозија во Бејрут

Заменикот на политичкиот лидер на Хамас, Салех ал Арури, вклучително и двајца команданти на военото крило на Хамас, беа убиени во напад на израелско беспилотно летало во јужен Бејрут. Неговото убиство доаѓа како резултат на синхронизираните, се посилни напади на израелската армија над Хамас, како одмазда за нападот на 7 октомври, кога беа убиени 1.200 луѓе и беа земени 240 Израелци во заложништво.
Органиацијата Хамас го сметаше Ал Арури за миротворец, бидејќи бил „во срцето на преговорите“ за исходот на војната во Газа. За разлика од нив, Израел го сметаше за одговорен за смртоносните напади врз своите граѓани.