Концертот со наслов „Почеток“ ќе се одржи на 18 јануари (четврток) во Македонската филхармонија. Диригент е Алфонсо Скарано (Италија), а како солист ќе настапи Здравко Ангелов на кларинет.
На програмата се делата: симфониска поема „Ноќ на голото брдо“ ,од М. Мусоргски, Соната бр. 1 за кларинет и симфониски оркестар од Ј. Брамс, арр. Л. Берио – премиерна изведба, и свита „Слики од изложба“ од М. Мусоргски.
Италијанскиот диригент Алфонсо Скарано веќе седма сезона е шеф диригент на Тајландскиот филхармониски оркестар, откако работеше како гостин диригент шест сезони, од 2011/2012. Тринаесет години маестро Скарано го обликуваше звукот во Тајландскиот филхармониски оркестар, што кулминираше со првата европска турнеја во август/септември 2022 година, цедето за американската компанија „Албани рекордс“, со изведбата на Брунеровата Деветта симфонија. Пред ангажманот во Тајланд, работел како шеф диригент во Филхармонијата во Теплице, Чешка (2013 – 2018), гостин диригент во „Виртуози ди Прага“ (2000 – 2010) и музички директор и диригент во Оперскиот фестивал во Тоскана, Италија (2006 – 2008). Алфонсо Скарано е победник на Натпреварот за диригирање во Тревисо во 1993 година, на натпреварот „Франко Капуана“ во Рим, освоил втора награда на интернационалниот натпревар „Луиџи Манцинели“ и др. Покрај неговата работна позиција во Бангкок, Алфонсо Скарано редовно диригира со оркестарот на Симфонискиот оркестар на Ерусалим (Израел), „Оркестро симфоника“ во Бразил, со Рускиот симфониски оркестар во Москва, Државниот оркестар во Истанбул (Турција), Киевскиот симфониски оркестар на Националната радио и телевизија, Прашката филхармонија – со која ги водел турнеите во Германија и во Бугарија. Соработувал со врвни инструменталисти, како Мипа Мајски, Марио Брунело, Кристоф Барати, Никита Борисо-Глебски, Стефано Болани, Ана Кравченко, Даниела Деси, Роландо Виласон и др. Алфонсо Скарано диригирал и оперски репертоар: „Травијата“, „Набуко“, „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Боеми“, „Лучија ди Ламермур“, „Дон Пасквале“, „Кавалерија Рустикана“, „Паљачи“, „Кармен“, „Севилскиот берберин“, „Џани Скики“ и др. Поддржувач и промотор е и на современата музика, диригирал повеќе праизведби на дела од Наронг Прангкаорен, Герхард Кофман, Симон Лакс, Паоло Уголети, Роберто ди Марино, Фредерик Остерлинг, Колин Рајли и др. Покрај класичните балети („Лебедово езеро“, „Дон Кихот“ и „Рајмонда“), Алфонсо Скарано исто така е фокусиран и на современ балет.

Здравко Ангелов музичкото образование го започнува на седумгодишна возраст. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2000 година, во класата на проф. Иван Кочаров, а магистрира во 2012 година на истиот факултет во класата на проф. Стојан Димов. Повеќе од 15 години е вработен како прв кларинетист на Македонската филхармонија, на што му претходат педагошката работа во Државното музичко училиште во Скопје и двегодишното искуство како соработник на Македонската опера и балет. Во текот на својата досегашна музичка кариера се стекна со голем број признанија во Македонија и во странство, а во 2000 година ја освои специјалната награда „Јамаха“. Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа и како камерен музичар, а наедно е постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“. Учесник е на значајни фестивали во Македонија –„Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест“–Битола, „Штипско лето“, „Денови на македонската музика“, во Србија – „Номус“, „Бемус“, а како член и истакнат солист на Македонската филхармонија со оркестарот настапува во Црна Гора, Словенија, Србија, Бугарија, Хрватска, Шпанија, Оман, САД итн. Неговата исклучителна музикалност и посветеност се препознаени од многу светски имиња што сведочат за прекрасната атмосфера што тој ја создава музицирајќи. Настапува под палката на истакнати диригенти, како што се Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, Густав Кун, Даниел Рајскин, Урош Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут, Пол Мејер, Емил Табаков и многу други. В.Д.