Да се одржи во живот независната сцена не е лесна работа, бара константна свесност дека театарот може да биде секаде околу нас, а не само во институција, споделува продуцентот Петар Антевски
„Младоста последна умира“ во продукција на „Пресврт“ е документарен проект, архива на разговори со актери, што подлабоко ја истражува социополитичката, економската и културната положба на младите луѓе. Овој проект зборува за нивното секојдневие, за нивната борба да ја преживеат младоста во Македониja или надвор од неа. Актерската екипа составена од Ангела Стојановска, Јанка Лефкова, Лазар Христов и Никола Ристески ги истражува културните политики и нивното влијание врз приватниот живот. Драматург на претставата е Ева Камчевска, а продуцент Петар Антевски.
– „Пресврт“ како театарска организација се случи уште во 2019 г. со идеја да прерасне во заедница на театарџии што овозможува простор за слободно творештво на театарска продукција преку експериментирање, истражување и едукација. Се стремиме да бидеме место за независните драмски уметници да ги развиваат своите идеи – вели Антевски.
Од 2019 г., па досега, имаат продуцирано четири претстави: „Иднината е приватна“ (2020) во режија на Милош Б. Андоновски, „Дневна доза мазохизам“ (2021) во режија на Лука Кортина, „Насмеана депресија“ (2022) во режија на Ива Срнец Хамер и копродукција со Емпириа театар од Загреб, како и последната „Младоста последна умира“ (2023) како колективно авторство и режија.
– Проектот зборува за нашето секојдневие и за нашата борба да ја преживееме младоста во Македониja. Пречекорувајќи ја границата на дефиницијата „млади“, ова е извештај за преживеаното и наученото. Ги отвораме прашањата на кои често и немаме одговор. Ова е претстава за нашиот систем на вредности, за културата што никогаш не ја сведочиме и за уметноста што можеби никогаш нема да ја направиме – споделува Антевски.
Актерката Јанка Лефкова додава дека со претставата опфаќаат прашања поврзани со животните предизвици на младите луѓе, како што се професионалната несигурност, егзистенцијалните дилеми и борбата за освојување свој простор во време кога сѐ изгледа дека се распаѓа.
– Истражувавме како младите луѓе се справуваат со неизвесноста за иднината и како го развиваат својот личен и професионален идентитет, посветувајќи се на работата што ги исполнува. Оваа претстава ги истакнува борбата и стремежот кон стабилноста и страста во рамките на непредвидливи околности – вели Јанка Лефкова.
Претставата е склопена од нивни лични искуства.
– Поставувањето на личните искуства на која било тема на сцена е катарза за актерот. Е сега, ако тоа е доволно возбудливо за да го држи вниманието на публиката – браво за сите. На крајот на денот, мислам дека сите луѓе само сакаме да си ги кажеме маките, дека така ни олеснува. А јас и моите колеги сме привилегирани затоа што можеме да ги ставиме во претстави и да има кој да ги чуе – подвлекува актерката Ангела Стојановска.
Според Ева Камчевска, чувството дека екипата доволно ти верува да ти ги даде како материјал своите лични приказни да се заиграш со нив, да ги преобликуваш или да ги оставиш баш такви какви што се, го прави самиот процес донекаде интимно искуство.
– Оттука мислам дека ни драматург ни драмски автор не е вистинскиот термин за мојата работа во вакви процеси. Треба да се измисли некоја кованица што е повеќе од драматург, а помалку од целосен драмски автор – посочува Камчевска.
Сѐ повеќе има независни продукции, независни актери и претстави, но сепак од што зависи независната сцена?
– Во претставата има реплика – работиме најразлични „тезги“ за пари за да може да бидеме слободни и да работиме на независната сцена од ќеиф. Да, има простор за одредени сопствени услови и правила, но предизвиците со кои се соочуваме за да можеме да работиме на овој начин, често нѐ тераат да се запрашаме – дали вреди? Дали независноста на независната сцена е само илузија? Или експеримент помешан со ентузијазам? Не знам… Во секој случај, барањето простор за играње на претставите за да може да живеат што подолго е една од најголемите пречки што независната сцена ги има – подвлекува Ева.
Според Петар, потребата на младите театарџии да работат и да се надградуваат себеси ја оживеа независната сцена.
– Наместо да чекаат метежот во институционалните театри да се расчисти, новите театарски генерации почнаа да освојуваат нови простори и да создаваат свои театарски групи. Сѐ повеќе дипломирани драмски уметници, а сѐ помалку работни места за нив и со тоа сѐ помалку надеж дека ги чека вработување наскоро. Кога покажавме дека ентузијазмот постои, дека сме тука и не планираме да ни ја убијат желбата за продуцирање театар, време е да се возврати со поголема финансиска поддршка на проектите. А со тоа ќе дојде и зголемување на свеста на публиката дека независните продукции постојат – вели Антевски.