Целата оваа позитивна атмосфера што се создаде околу почетокот на емитувањето на серијата „Црвениот поет“, посветена на Кочо Рацин, на најубав начин покажува колку ни беше потребна една ваква серија, колку всушност се важни ваквите проекти преку кои на младите генерации им се претставуваат историјата и фактите, а неминовно покажува и колку младите генерации биле жедни за вакви проекти, малку поинакви од она што досега им се сервираше на малите екрани
Лавина од позитивни реакции предизвика премиерното прикажување на телевизиската серија „Црвениот поет“ на ТВ Телма, посветена на животот, ликот и делото на Коста Рацин, великанот на македонската поезија на 20 век и еден од најсветлите револуционерни ликови што се родиле под македонското небо. Граѓаните, историчарите, експертите, сите едногласно и со позитивни коментари ја оценија првата епизода од серијата во која се прикажани вистински настани базирани на историски факти од неговиот живот. Токму ваквата реакција на најубедлив начин потврди дека токму едно вакво уметничко дело ни беше потребно, особено во еден ваков момент.
Разоткривањето на делата на македонските културни дејци е важно за повторно осознавање на нивната уметничка големина, затоа што тие со своите дела ја внесоа Македонија на културната мапа на светот, а нивните достигнувања прераснаа во идентификација за вистинските вредности во македонското културно живеење. Само ако трајно ги зачуваме, ќе можеме да ја спасиме нашата кревка култура од налетот на инвазивните тенденции однадвор, особено од соседните центри на моќ, како и од колективниот заборав.
Целата оваа позитивна атмосфера што се создаде всушност покажува колку ни беше потребна една ваква серија, колку всушност се важни ваквите проекти преку кои на младите генерации им се претставуваат историјата и фактите, а неминовно покажува и колку младите генерации биле жедни за вакви проекти, малку поинакви од она што досега им се сервираше на малите екрани.
И навистина, овој проект е за поздрав. Ваквиот наратив го крева чувството на национална припадност, ја разгорува љубовта кон татковината и неминовно го билда патриотизмот, особина што на македонскиот народ и тоа како му е потребна, особено поради случувањата во последно време, кои во голема мера претставуваа атака токму на овие вредности.
Конечно младите можат по нешто и да научат од ТВ-екраните, да го почувствуваат она што ние постарите генерации го негувавме како љубов кон татковината, бидејќи тоа не се учи само од еден час по историја на училиште, а и не се негува само еден ден во годината. Тоа е чувство што треба да се плете како дебел зимски шал, за да трае и да грее во долгите и студени зимски денови.
Токму серијата посветена на Рацин, низ неговиот живот и дело ја покажува жедта на обичниот човек за слобода, го покажува поривот за борба, желбата за независност и љубовта кон татковината.
И неминовно во еден ваков момент, на човека му доаѓа да извика – Дајте му на народот историски филмови, дајте им на младите генерации можност низ филмови да си ја осознаат историјата, затоа што факт е дека многу поинаку е чувството да читаш за сопствената историја, а сосема поинаку да гледаш филм или серија за неа.
Она што серијата или филмот како чувство ќе го предизвика и ќе го вреже во душата на младите, не може никако да се спореди со она што во која било историска книга ќе се прочита.
И со гордост можам да кажам дека „Нова Македонија“ е еден од ретките медиуми што, доследно на своите историски определби, секојдневно се труди да ја негува историјата, посветувајќи им на сите историски важни личности достојно внимание за да не бидат оставени на забот на времето.
А она на што сме особено горди е фактот дека секоја среда во прилогот ЛИК, го користиме фонтот инспириран од ракописот на Кочо Рацин, изработен од типографот Ласко Џуровски. Тоа е скромниот придонес на нашиот медиум за трајно потсетување на ликот и делото на еден од нашите најважни историски личности, наш обид за претставување на начинот на кој тој пишувал, наш обид за борба со сѐ почестото игнорирање на кирилицата и масовното користење на латиничниот фонд во услови на сѐ помасовна компјутеризација.
Голема е честа што токму „Нова Македонија“ пишува, информира и објавува со фонт создаден според ракописот од овој македонски книжевен деец, истакнат интелектуалец и револуционер.
Фонтот наиде на многу позитивни критики, што се должи на разбудените чувства, на трепетот на дамарите на македонската душа, кога повторно во неа одекнуваат безвременските стихови на Рацин, кои се непроценливо културно богатство, не само македонско туку и светско. Рациновиот фонт има 600 карактери, со кој може да се пишува кирилично и латинично на 93 јазици.
И за крај повторно да се навратам на серијата за Рацин, која на најубав начин покажа колку многу народот ја сака македонската филмска продукција, па затоа, да го повториме повикот – ајде оваа серија нека биде мотив и порака до сите продукциски куќи – да создаваат многу повеќе македонски филмови и серии. Тоа е една од најдобрите инвестиции во нашата иднина.