Да ги возвишиме својот ум и разум, да се очистиме и да ја претвориме нашата внатрешност во удобно уреден дом во кој ќе ја примиме небесната светлина, која води во богопознание, зашто денес небото и земјата се споија и изедначија, земното се воздигна кон небесата, а небесата ѝ снисходи на материјата. Денес се роди Господ како Месија, како Спасител Кој дарува благодат што преобразува. Се воплоти Христос Синот Божји за да го смири светот, за да ги умудри народите, за да го восинови човекот, за да нè издигне над секое создание. Бидејќи Бог нè направи наследници на Неговото Свето царство, да бидеме сопричесници на Неговиот мир, да се облечеме во целомудреноста, да ја говориме вистината, нашите раце постојано нека чинат правда и добрина. Истрајна и еднодушна нека ни биде молитвата, преку која Бог се раѓа во срцето човечко. Непорочен нека ни биде животот, праведна нека ни е мислата. Да станеме борци против секој раздор и немир. Наша поткрепа нека ни биде љубовта што ги раѓа прошката и милосрдието. Бог ни прости и нè помилува, ни даде живот на Небесата. Он Самиот за нас ја извојува слободата, ја згази главата на змијата, која преку својот отров со векови го разболува и убива човекот. На овој празник сите ние сме гласници Христови. На светот му објавуваме дека Бог стана човек, дека се роди по плот за да го облагороди и продухови секој човек посебно. Се роди Христос и ја разруши преградата, која високо се издигаше меѓу Бога и луѓето. Он ни го благовести мирот и го истргна коренот на ропството. Веќе не сме туѓинци и придојдени, туку сме сожители на светиите и сродници на Бога. Ни се утврди темелот чиј аголен камен е токму Господ Исус Христос. Врз Него и Неговото Евангелие стројно е изградена Црквата, која за навек е Свето Божјо живеалиште. Овде се чува тајната на секој празник. Овде на секоја литургија се излева благодатта на Младенецот преку која се чувствува претвкусот на вечноста.
Од страна на свешенослужителите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ова Свето Божјо живеалиште со векови е всадувано во душата и срцата на македонскиот православен човек. Токму заради тоа, на овој македонски Божиќ го повикуваме целиот македонски народ да се соедини и поучи од минатото, со што би создале сплотена и духовно силна македонска држава.
За нас христијаните, зборовите: „Слава на Бога во височините и на земјата мир, а меѓу луѓето добра волја“ не се обична овоземна парола, туку се благодатен дар од воплотениот Бог. Тој длабок и смирувачки мир, за нас Македонците денес е насушна потреба. Еве, сега ни се нуди безрезервно. Да го грабнеме тоа спасоносно семе и да го посееме во македонската душа. Без Божјиот мир, неминовно ќе владее безредието. Без добрата волја, повредувањето на другиот станува вообичаено секојдневие. Без љубовта Божја, секоја навреда, непочит, бездушност и убиство си наоѓа свое демонско оправдување, што често ни се случуваше во изминативе триесетина години. Човекот тоне во хаос и непријателство, а светот се уништува во подлости и војни. Да внимаваме, драги мои Македонци, многу е важно што ќе кажеме, како ќе постапиме. За јавниот морал сите сме одговорни. Не може да очекуваме дека без зауздување на своите страсти и слабости ќе имаме напредок и просперитет. Не е сè дозволено во овој свет. Не сме сами во него. Ако му го одземеме достоинството на човекот, како што нам ни го зедоа, ако ја погазиме неговата личност, ако го затрупаме неговиот образ, тогаш од него ќе остане само организам што дише, безлична маса што има облик на човек, а дејствува како ѕвер. Во оваа реалност денеска живееме. Не постои грев што не го направивме, измешавме сè во исти котел. Народот го фрливме во немоќ, безволност и осаменост, а човекот го претворивме во единка што тоне во несреќа и распуштеност. На цел еден народ му ги одзедовме името, историјата и идентитетот, лажејќи се себеси дека ќе живееме во комфорност и удобност, а бегаме од фактот и забораваме дека имаме одговорност и пред нашите предци и пред нашите наследници. Кога во едно општество секој е загрижен само за себе, тогаш оттаму си заминува човечноста. Ниту една несреќа не останува сама и заборавена, ако навреме не биде избркана од нашите дворови и живеалишта. Таков е наравот на гревот. Ако не биде обработен и исфрлен од организмот, тогаш тој го зазема местото на духот, сраснува со генот, станува идентитет на личноста и составен дел од неговото „јас“. Ако безгрижно и незаинтересирано гледаме како пред очи ни се убива цел еден народ и ако никој не реагира на овој геноцид, тогаш се осоколува злото, кое си наоѓа плодна почва за своето отровно семе. Тогаш секој настран и расипан човек без трошка совест е способен да застрела и да повреди дури и дете. За него не постојат никаква вредност и светиња, оти тој самиот си е на себеси сè. Целиот свет не вреди колку солзата на едно дете, кон ова особено треба да бидеме внимателни.
Затоа, од овој шок и потрес што како народ и општество го доживеавме, што поскоро ќе треба да извлечеме поука. Најпрво ќе мора да се смениме себеси и своите навики. Ќе мора преку Воплотениот Христос да го осветлиме мракот во својата длабочина, во своите души и срца. Оттаму да го исфрлиме секое зло, секој немир и омраза. Бог ќе ни помогне и заштити ако искрено ја побараме Неговата помош. Тој ни е утеха и поткрепа во сите дни од нашите животи. Тој ги спасува онеправданите, ги воздигнува немоќните, ги штити и закрепнува раслабените. Тој ги закрилува гонетите заради правда, и со сите почести ги прима во Своето Царство оние што пред време и насилно го завршиле својот земен живот. Ако бидеме небрежни и не се преиспитаме себеси, со тоа ќе го поттикнеме злото, кое ќе помисли дека е неказниво и прифатливо, дека за него не постои ред и закон, па непречено и засилено ќе продолжи да ги шири своите злобни пипала. Оваа задача како народ и држава ќе мора да ја решиме, за никогаш повеќе да не ни се повтори.
Св. Нектариј Егински, еден од најголемите светители во XX век, вели дека „без вистинска вера, нема здрава нација“. Без вистинска вера во Богомладенецот, никогаш нема да имаме здрава нација и правилна национална свест. Затоа, да повикаме со благодарност кон Воплотениот Месија, Кој е началник на мирот, за да нè просветли со зраците на Својата благодат. Нека ни помогне Бог во нашето покајание, нека ни биде сотрудник во секој наш благороден подвиг.
Господ Исус Христос нека им биде верен сопатник на сите оние што минуваат низ тешкиот лавиринт на животните искушенија. На сите оние што страдаат и боледуваат нека им помогне нашата заедничка молитва. Овој празник нека им биде одмор од секоја неволја. Нека ни биде почеток на радоста што никогаш не престанува. Нека ја подигне Господ Својата света десница и нека го благослови македонскиот народ, нека ги крепи и заштитува Република Македонија и нашата духовна мајка – Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Воплотениот Спасител нека нè стори достојни за овој празник, нека ни биде постојана утеха Неговата истрајност и пожртвуваност. Он е изворот на секоја мудрост, Он е решение за секој проблем, Он е носечки столб на секој наш напор и настојување.
Радувајте се возљубени мои, зашто Христос се воплоти и на светот му е пружена можност за преумување, спасение и избавување! Христос се роди, навистина се роди!
Митрополит повардарски †Агатангел (Станковски)