Неколку дена откако триумфално и ЕУ-форично влеговме во 2024 година, во која ќе ни се исполнат сите желби и датуми, а во учебниците што ќе се печатат ќе пишува дека на европскиот фронт победиле прогресивните сили што внесуваат во Устав сè што ќе им се побара за да нè изнесат надвор од здравиот разум каде што сите ќе бидеме среќни без непотребни мисли, јас конечно сонив убав сон. Водев љубов со Дежа Ву, внука на режисерот Џон Ву. Ги пуштивме Ву-танг клан гласно за да не ни се мешаат во воздишки, врисоците што доаѓаа однадвор, каде што членовите на Ај кју клукс клан ги тепаа оние нецивилизирани паметни непослушници, кои најбезобразно можат да ги положат сите испити на факултет без врски и сите тестови за вработување без партиска книшка што мора да се признае дека е антиевропски.
Потоа се разбудив. Испив пропишана доза ЕУ-директиви со НАТО-витамини што ми го прочистуваат метаболизмот од метафизика и веднаш бев спремен, полн сила и правдина, за среќен да ги завршам планираните обврски. Додека го пиев еликсирот читав вести на мобилен телефон. Логично, Владата објасни дека ќотекот што во мојот сон го добија оние паметни клошари од прогресивните припадници на Ај кју клукс клан бил со европско знаменце, што значи апсолутно дозволен и потребен, одобрен лично од мама Урсула како еден вид отворање ново поглавје за спречување евроскептицизам. Пред да излезам му се јавив на матичниот Албанец да го прашам дали да продолжам со терапијата против сомнеж кон институциите, а тој ми рече превентивно да кркнам уште една доза, па слегов долу во аптека да си ги купам потребните шарени револуционерни пилули.
А фатив сомнеж кон институциите кога ми го сменија претходниот матичен, интересно, исто така Албанец, па веднаш закачив вирулентна нервоза бидејќи ме опседна мисла дека тоа е неправедно, (бев убеден дека човекот е маестрален доктор) ама брзо се смирив, малку со ќотек од Ај кју клукс кланот, па со пропишаната терапија за отворање пристапни преговори со новата нормалност, ама и поради тоа што убаво ми објаснија дека претходниот доктор е сменет затоа што завршил медицина во озлогласената Хавана, а не во Мала Речица, за разлика од сегашниов, кој е вработен со партиски виолински клуч што свири по европски ноти и ги отвора сите бриселски брави и сефови. На излегување ги поздравив локалните нордистанци, кои се расправаа дали нордистанските Бугари се антички Грци или татарски Словени, па си го фатив патот кон шалтерите, кои ме очекуваа со сета своја љубезност.
Стигнав до шалтерот на ЈСП во Карпош 2 за да си купам билет со три возења. Редот беше до Карпош 5 во Охрид. Забележав дека меѓу нордистанците што чекаат најмногу се нордистарци и нордисамци. Прашав, да не случајно, во меѓувреме, МВР се споило со ЈСП, па и тука отвориле шалтер за вадење лични карти и пасоши, оти многумина сакаат да извадат нордистански документи, ама ми објаснија дека се чека ред за добивање годишна слободна волја (ама вистинска, не како онаа лажна што, демек, Бог ни ја дал) за бесплатен автобуски превоз до сите пристапни ЕУ-соништа и фондови. Израчунав дека за да стигнам до шалтерот ќе ми требаат најмалку два добиени датуми за пристапни преговори, па одлучив да дојдам утре. „Еј!“, чув глас зад себе. Се завртев и ја видов мојата сосетка, нордистанка бр. 20.768, една многу привлечна дама, која ме праша дали вечер сакам да одам со неа на арената, затоа што имала две карти. Со задоволство прифатив.
Сакав да појдам пеш, ама во тој момент дојде автобус. И покрај фактот што немам билет за пристапно возење кон европските вредности, одлучив да се шверцувам, па ако дојде контрола, едноставно да се преправам дека сум Украинец.
Така стигнав до мојата следна точка, МВР, односно оној дел познат како „пасошко“. Од тоа што можев да забележам, редот составен од нордистанци од кои повеќе за мене беа нордистранци беше од Центар до Брисел, што е крајно логично кога ќе се земе предвид дека новоизвадените документи со блескави нордистански додавки, води директно во рајот каде што сето јаве се остварува во соништата. Но јас не бев дојден за тоа.
Тука мора да ви откријам една тајна. Дури и најсовршените луѓе, како оние што во моментов го водат Нордистан, си имаат свои мани и пороци. И јас ги имам. Одвреме-навреме земам специфичен вид дрога. Со мојот руски дилер вообичаено се наоѓаме тука, пред МВР, оти чудната логика вели дека така е најсигурно. Што имаш денес, го прашувам. Сино сало и бели ноќи, Владимир и Фјодор баш се потрудија, ама и неколку Воланд-спидови од кои пеколот, рај ти се гледа, ми одговори. Хм, не, од синото сало имам гадни флешови, белите ноќи на Фјодор ме прават тажен, а од Воланд-спидот најчесто се губи глава. Да не имаш нешто за низ нос, го прашав, да се направам, „тарас-буљба“? Њет, промрморе, доктор Гогољ е болен. Океј, му вратив, дај ми од вообичаената украинска „конопљанка“, бидејќи кога ја мешам со „мудрик“, како да се телепортирам од книжевност на фудбал. Ми ја даде дрогата, му платив, се завртев да заминам, кога, „Еј!“, чув зад себе. Еве ја и тука, мојата згодна сосетка. Се ококорив. Нордистанка бр. 20.768, викнав гласно, па како ти успеа толку брзо да се преместиш од шалтер на ЈСП до шалтер на „пасошко“.
Будалче, ми вели, станав трансродово лице, открив дека во мене живее и маж, па го искористив тоа многу едноставно, односно се договорив со мажот во мене, додека јас сум, на пример на шопинг, он да оди на пазар или како сега, кога таа во мене е пред ЈСП, тој во мене е на „пасошко“ и не заборавај за вечер, одиме на арената, така? Така, ама кој руски ѓавол ме тераше додека ја слушам да извадам и запалам „конопјанка“ и да дозволам да ме уапсат? Па така, наместо со згодната сосетка на трибините, се најдов, долу, во срцето на арената. Ваквите како мене, во црната хроника се заведени како контролори на летање, односно криминалци што сакаат сами да имаат контрола над летањето со умот, зависност наречена фантазија. Среќа што ме фатија со украинска „конопљанка“, па на арената само ќе изедам гаден ќотек, оти не дај Брисел, ако ме фатеа со руски „сталкер“, не ми бегаше ЕУ-таназија. А и ме радува фактот дека, сеедно што гадно ќе боли, ќотекот што ќе го добијам нема да биде како оној нецивилизиран ќотек излезен од рајот, туку доброчуден и прогресивен ќотек со европско знаменце.