На синоќешниот вонреден состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации одржан на барање на Москва, Русија ја осуди Украина дека направила „намерен акт на тероризам“ и користела на касетни бомби во нападот на рускиот пограничен град Белгород.
Русија вчера најави дека ќе одговори на тој удар, за кој ја обвини украинската војска, а во кој, според последните податоци, во Белгород загинале 24 лица, додека десетици се повредени.
Станува збор за најсмртоносниот напад врз цивили во Русија од почетокот на офанзивата во Украина во февруари 2022 година, поради што Русија вчера побара да се одржи состанок на Советот за безбедност на ОН.
„Ова е слеп и намерен напад врз цивилни цели“, рече рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија.
Ја обвини Украина дека целела на спортскиот центар, лизгалиштето и универзитетот.
„Членовите на Советот за безбедност имаат можност да ја исполнат својата должност и објективно да проценат што се случило“, рече Небензија, посочувајќи дека станува збор за украински „намерен терористички акт“.
„За да го зголемат бројот на жртвите на терористичкиот акт, користеле касетни бомби“, рече тој.
Ова оружје е забрането во многу земји, а кога се распрснуваат мали експлозивни направи пред или по ударот, се предизвикуваат колатерални цивилни жртви.
Сојузниците на Украина одговорија дека за војната е одговорен рускиот претседател Владимир Путин.