Заштитата на културното наследство зазема клучно место од културолошката матрица на една држава, бидејќи таквото суверено организациско егзистирање на еден народ претставува круна на неговата опстојба. Имајќи ја предвид географската местоположба, Македонија како имател на такво богато и разновидно културно наследство, чија слоевитост допира длабоко до праисторијата, ја има одговорноста и пред себе, но и пред светот, бидејќи се наоѓа во самото цивилизациско територијално жариште. Затоа, Македонија нема локални културолошки и цивилизациски димензии, ами значаен светски придонес ако се има предвид колепката на писменоста во Охрид, во науката именувана и како македонска ренесанса.
На почетокот од XXI век Македонија, во временски интервал од близу една декада, ги возобнови своите материјални столбови на постоење со епицентар на плаошничкото светилиште. Црквата „Св. Климент и Пантелејмон“, Охридската книжевна школа, Самоиловите тврдини, праисториската наколна населба во Заливот на Коските, Скопското Кале, се всушност материјализирање на духовниот полнеж, како и длабок порив за постоење и опстојување на еден народ толку оспоруван во сите негови вредности. И Македонија успеа! Успеа по околу 1.000 години од зачетокот на сесловенската писменост, која светската наука ја нарекува македонска теорија за потеклото на старословенскиот јазик, да ја оправда големината на делото создадено од Кирил, Методиј, Климент, Наум, Горазд, Ангелариј…, па покрај научната верификација, пред светот да се претстави и материјалното сведоштво за далековидата мисла што пробива и векови.
Како што имало поволна комбинација од општествено-политички амбиент со генијални духовни поединци, кога се создала писменоста, така и на самиот почеток од XXI век, при возобновувањето на плаошничките материјални светилници, беше создаден политички амбиент надграден со ентузијастички поединци, а предводени од праисторичарот од Вапилон близу Лихнид.
Но визионерот секогаш има препрека, а можеби и искушение, бидејќи погледот му досега подалеку од кратковидите занаетчиски професионалци. Па така, самопрогласената принцеза од Бапчорион токму поради својот личен професионалниот неуспех со македонските светилници на плаошничката почва започна процес на слалом-движење, станувајќи како шарена шамија на која само се придодаваа бои, кои започнаа со основен црвен тон, завршувајќи со темносина боја подвлечена со жолто. Но не е проблемот во шарањето на одот доколку таа патека има индивидуална траекторија. Тешкотијата настанува во оној момент кога потиснатата лутина тлее со години, се трансформира во фрустрација, и на крајот, искористувајќи одреден општествен процес, се проектира во професионална деструкција, во случајов во областа на заштитата на културното наследство.
И кој е билансот од таквиот начин на однесување, кое кај секоја личност би требало да заврши со крајот на пубертетот, а да се стабилизира со првата зрелост на личноста?
На крајот, кога ќе треба да се сумира резултатот од оваа бескрајна приказна, во која како спореден лик доминира Суетата, но како непремостлив меѓник од дваесетина години, Македонија треба да изведе прагматичен резултат како од математичка равенка.
Така, праисторичарот од Вапилон помина некоја година на задолжително спиење во Струга и покрај големите дела што ќе траат наредните 1.000 години, а самопрогласената принцеза од Бапчорион со шарената шамија околу вратот, вежбајќи слалом, заврши во ендекот на заштитарскиот еснаф.
А Македонија, што доби Македонија? Македонија како резултат на споредниот лик од приказнава доби десеткуван човечки ресурс кај заштитарите на културното наследство, разграден и изобличен систем на работа граден повеќе од седум децении во оваа област, дури и исчезнување на некои професии со занаетски карактер, а таквиот празен простор го пополнија приучени, придојдени, туѓинци во оваа благородна професија, создавајќи услови за креирање естрада во најсуштинската област што треба да го одржува идентитетскиот и културолошкиот континуитет на една држава.
И целава приказна личи на нарушената идилична слика во песната „Почна да се пишува“ од турскиот поет Исмаил Ујароглу:
Крај реката врапче
Вода пие
Водата бистра, врапчето плашливо
Како може убаво да се напише песна
За врапчето што пие вода
Си помислува во себеси
Едно цвеќе во близина
Додека тоа така мисли
Одеднаш еден куршум
Врапчето умира, водата поцрвенува
Цвеќето уплашено
А песната, што стана со песната
Песната почна да се пишува
(Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство)