Агенцијата за млади и за спорт во соработка со Сојузот на спортски федерации 69-ти пат ги избра најдобрите во спортот во Македонија во една година

ИЗБОР НА НАЈДОБРИ СПОРТИСТИ

Кикбоксерот Бобан Илиоски и натпреварувачката во бодибилдинг Мери Акиевска се прогласени за спортисти на Македонија за 2023 година. Илиоски на Светското првенство (СП) во лоукик во Португалија освои златен медал во категоријата до 86 кг и бронза на Европското првенство (ЕП) во маи-таи. Акиевска, пак, која е тројна светска шампионка во бодибилдинг, на СП во Шпанија го освои златниот медал во дисциплината велнес-фитнес и злато на „Арнолд класик“ во Европа.
За најдобар млад спортист е прогласен каратистот Витомир Трајковски, кој освои бронзен медал на ЕП во Кипар (до 21 година), во категорија до 84 кг. Најдобра млада спортистка е таеквондистката Милијана Рељиќ, која освои бронза на ЕП (до 21 година) и злато на Опен Г-1 турнирот одржан во Скопје.
Најдобар тренер селектор е Дејан Митровски, која ја предводеше македонската репрезентација во кикбокс и во маи-таи на СП и на ЕП. Најдобра женска репрезентација е сениорската ракометна, а најуспешна федерација е одбојкарската, која мошне успешно организира една од групите на ЕП во сениорска конкуренција, што се одржа во Скопје. Машкиот карате-тим, освојувач на злато на Универзијадата во Загреб, е најдобар во универзитетскиот спорт, а најдобар спортист со телесен инвалидитет е пливачот Андреј Стојановски.
Агенцијата за млади и за спорт, во соработка со Сојузот на спортски федерации, 69-ти пат ги избра најдобрите во спортот во Македонија во една година. Изборот го направија 30 национални спортски федерации, 13 спортски медиуми и седум члена на највисокото тело за спорт во државава, Советот за спорт. Се гласаше во девет категории, со по пет номинирани, а три признанија им беа доделени на најдобрите за остварувања во училишниот спорт. Г.И.