Само неколку дена пред Божиќ, украинскиот претседател Володимир Зеленски апелираше за подигање на борбениот дух на неговите сонародници и повика да не потклекнат во одбраната на земјата.
– Потребно е максимално внимание за одбраната, максимални напори за земјата, максимална енергија за Украина да ги постигне своите цели – рече синоќа Зеленски во своето редовно видео-обраќање.
– Времето за одмор ќе дојде подоцна – нагласи тој.
Украина годинава првпат официјално го слави Божик на 25 декември според западната традиција, а не на 7 јануари согласно православните обичаи.
– Сега, пред Божиќ, сите во нашата земја мора да запомнат дека ова е време за концентрација, време за работа – рече Зеленски.
Судбината на земјата ќе се решава во регионите Харков, Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, кои беа нападнати од Русија.
– Дваесет семејства на украински херои вчера добија станови од државата. Секој војник, морнар и офицер на кој му е доделена титулата херој ќе го добие истото признание од државата – рече Зеленски.