Солидарен фонд и членарина како организирана пензионерска солидарност

Веќе 68 години постои и функционира солидарниот пензионерски фонд како облик за остварување на пензионерската солидарност, заснована врз принципите на меѓусебна зависност, човечка солидарност и хуманост.
Историски гледано, по формирањето на здруженијата на пензионери бил формиран солидарен посмртен фонд уште во 1955 година, а дополнет во 1962 година, додека од 1967 година тој функционирал во состав на Републичкиот одбор на здружението на пензионерите и инвалидите на трудот на СРМ. Солидарниот фонд за посмртна помош и членарина пензионерите сами го формирале за да ги обезбедат членовите на семејството во случај на нивна смрт, а со членарината ги развиваат пензионерските активности преку кои ги бранат интересите на пензионерите во промовирање на ставовите и мислењата за прашања од нивен интерес, поведување иницијативи и учество во градењето на јавното мислење и креирањето на политиките. Издвојувањето на средствата за посмртна помош и членарина се вршело со согласност на пензионерот, но за Фондот на ПИОМ исклучително тешка и обемна работа била распределбата на членарината по здруженија на пензионери, во согласност со бројот на членовите во едно здружение. Една од причините биле миграцијата на пензионерите од едно во друго здружение и формирањето повеќе паралелни здруженија. Тие процеси го отежнувале извршувањето на основната дејност на Фондот и затоа се барало рационално решение Фондот да се ослободи од распределба на членарината, а сепак солидарниот фонд како посмртна помош и членарина да функционира во интерес на пензионерот и на здруженијата.

ЗАКОНСКИ ОСНОВИ ЗА ФОРМИРАЊЕ НА СОЛИДАРНИОТ ФОНД

Како длабоко хумана активност за унапредување на пензионерското организирање во нашата држава, со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на РМ“ бр. 153/2007 г.) за првпат на степен на закон се уредува областа Солидарен фонд – посмртна помош и членарина. Со членот 28 од Законот се додава нова глава VI-а „Солидарен фонд и членарина“, со четири нови члена 130-а,130-б, 130-в, и 130-г, кој стапува во сила од 1 јануари 2008 година.

УПРАВУВАЊЕ НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ СО СОЛИДАРНИОТ ФОНД

Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија и неговите здруженија, како и групи на пензионери и поединци, повеле постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 28 (глава VI-а „Солидарен фонд – посмртна помош и членарина“ со членовите 130-а,130-б,130, 130-в и 130-г и членовите 43, 44, 55 и 56 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на РМ“ бр. 153/2007 г.) за да ги заштитат пензионерските здруженија и да им бидат повратени средствата за посмртна помош издвојувани пред 1 јануари 2008 година.
По барањето за оцена на уставноста и законитоста на споменатите законски решенија, Уставниот суд со Одлука У.бр. 266/2007-1 на 17 септември 2008 година ги укинува наведените законски одредби и притоа укажува на следното:
Прво, поради фактот што пензионерите преку своите здруженија на доброволна основа одлучиле да издвојуваат средства за погребни трошоци каде што доаѓаат до израз принципите на хуманост, социјална сигурност, заемност и солидарност нивното управување и располагање со сопствените средства не може да се одземе по сила на закон без нивна согласност како што било регулирано во одделните одредби на оспорениот закон.
Второ, со оглед дека станува збор за лични средства на пензионерот за посмртна помош и членарина, неспоива и неодржлива е надлежноста на ФПИОМ да одлучува за начинот и постапката за користење на овие средства. Според судот, одлучувањето за овие средства не може да биде во делокругот на ингеренциите на државата.
Трето, анализирајќи ги наведените членови од Законот, Уставниот суд ги оспорува членовите 55 и 56, бидејќи со нив е регулирано издвоените средства пред стапување во сила на Законот (1 јануари 2008 г.) да бидат преземени од ФПИОМ без поединечна согласност на корисникот на пензија, што е во спротивност со Уставот, и судот смета дека и за овие средства е потребна согласност од пензионерот. Законодавецот им става обврска на здруженијата да ги повратат средствата на Фондот на ПИОМ на име посмртна помош, а не и членарината, оставајќи ја за спроведување на нивните активности.
Постапувајќи во целост по забелешките изнесени во Одлуката на Уставниот суд У.бр. 266/2007-1 од 17 септември 2008 година, законодавецот повторно ја уредува областа солидарен фонд и членарина со Закон за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на РМ“ бр. 152/2008 г.), а во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на РМ“ бр. 53/2013 г.) (пречистен текст), тоа прашање е содржано во одредбите на членовите 115-117.

ПРИНЦИПИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА СРЕДСТВАТА ЗА СОЛИДАРЕН ФОНД

Во споменатиот закон за пензиското и инвалидското осигурување, глава Х „Солидарен фонд – посмртна помош и членарина“, во членот 115 е утврдено дека на корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здружение на пензионери (членарина). Ова законско решение е прифатено од пензионерите бидејќи законодавецот водел сметка работата околу уплатата на членарината да ја олесни затоа што станува збор за возрасни лица, а ги ослободува и од обврската за плаќање провизија.
Средствата за солидарен фонд – посмртна помош, Фондот ги уплаќа на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка, со назнака „Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисници на пензија“, а со ставот 1 на членот 116 од ЗПИО издвојувањето на посмртната помош и членарина се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основа на школување.
Со ставот 2 на членот 116 е регулирано дека висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината на исплатата на посмртната помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на солидарниот фонд во единствен износ за сите корисници на пензија, како и начинот на располагање со слободните а неискористени средства од посмртна помош, со акт ги утврдува Регистрираната организација на сојузите на здруженијата на пензионери на Македонија. Со ставот 4 на истиот член е утврдено дека средствата по основа на членарина Фондот ги доставува на сметката што ја определува Регистрираната организација составена од сојузите на здруженијата на пензионерите. Понатаму, законодавецот определува дека само посмртната помош од средствата за солидарен фонд ја врши Стручната служба на Фондот преку своите филијали во согласност со актите на одборот на Регистрираната организација.
Врз основа на овие законски одредби, четирите сојузи во нашата држава со Спогодбата бр. 165 од 17.12.2008 година се спогодуваат односно се согласни Регистрирана организација за солидарен фонд и членарина да биде Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, кој ќе ја врши и административно-стручната работа за Регистрираната организација.
Регистрираната организација има одбор во кој членуваат претставници на сите сојузи (тоа се претставници од здруженијата односно пензионерите што учествуваат во донесување на одлуките за солидарен фонд и членарина) и со правилник ги уредува односите во врска со солидарниот фонд и членарина. Одборот донесува и други акти по кои постапува и Фондот на ПИОМ во сервисирањето на посмртната помош. Значајно е повторно да се напомене дека самите пензионери преку своите претставници одлучуваат за средствата за солидарен фонд и членарина, а не како што било случај со претходниот закон за ПИО за начинот и постапката да одлучува Фондот на ПИОМ.
Со оглед на фактот дека Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија преку Регистрираната организација односно нејзиниот одбор е овластен средствата на име членарина да ги распределува до другите сојузи и здруженија, истите тие ги води на посебна сметка, а податоците за уплатената членарина ги добива од ФПИОМ и врз основа на склучен договор истите тие ги уточнува и ажурира според членовите по здруженија и потоа ги доставува на нивно располагање и надлежност.
Како што беше изнесено, во членот 115 од ЗПИО е утврдено дека на корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здруженија на пензионери (членарина).
Од изложената законска одредба е евидентно дека издвојувањето дел од пензијата за солидарен фонд, кој го сочинуваат посмртна помош и членарина, е во исклучителна диспозиција на пензионерот, кој својата волја писмено ја изразува при поднесувањето барање за пензија. Остварувањето посмртна помош и членарина се меѓусебно поврзани и условени со цел да функционира остварувањето на посмртната помош преку Регистрираната организација бидејќи се лични средства на пензионерите и со нив може да управуваат само пензионерите, а не државен орган, ФПИОСМ или МТСП. Со средствата од членарината се остваруваат следните активности: над 450 клуба на пензионери, дневни центри, одржување пензионерски домови, разграноци, социјално-хуманитарни активности, поддршка на издавачка дејност и издаваштво, традиционални културни и спортски активности заради активно стареење, помош на пензионерите за набавка на огревно дрво, партиципација со средства при бањско лекување, набавка на лекови, ортопедски помагала и низа други социјални и солидарни активности, како и издавање на бесплатниот весник „Пензионер плус“. Во тој контекст е и промовирање и заштита на правата и интересите во креирање на јавното мислење на огромната целна група од над 336.000 пензионери, а во пензионерските здруженија членуваат околу 282.000 пензионери по нивна согласност за пристапување во солидарниот фонд. Од изложеното произлегува дека заемноста и солидарноста на солидарниот фонд може да функционираат само ако пензионерот истовремено уплаќа средства за посмртна помош и членарина по своја слободно изразена волја. Околноста, на пензионерите да им се одбиваат само средства за посмртна помош, а не и членарина, е некомпатибилна со начинот на управувањето на средствата без нивен придонес и влијание, изразен преку членарината. Имено, ако пензионерот не е член на здружение и не уплаќа членарина, го губи влијанието да управува со средствата што ги издвојува за посмртна помош. Тоа е така затоа што со средствата од солидарен фонд одлучуваат и управуваат претставници од членовите на здружението односно Сојузот.

Како што е наведено во воведот, доброволниот посмртен фонд бил формиран уште во 1955 година, а дополнет во 1962 година. Во 1967 година тој функционирал во состав на Републичкиот одбор на здружението на пензионерите и инвалидите на трудот на СРМ, каде што работел Единствен фонд за заемна помош во случај на смрт на членот на Фондот на своето семејство. Член на Фондот можел да биде секој пензионер што членувал во некое од општинските здруженија и кој ги усвојува правилата на Фондот. Со зачленувањето во здружение, пензионерот си обезбедувал помош и активности во здружението, но и должност за редовно уплаќање на членарината за создавање можност за извршување на сите обврски поврзани со солидарниот фонд и активностите во здружението.
Функционирањето на солидарниот фонд и членарината како заемна и длабоко хумана активност му дава посебно обележје на пензионерското организирање, кое трае 77 години, и непобитен факт е дека здруженијата и сојузите се конститутивен елемент во формирањето на граѓанските организации во нашата држава.
Сите одредби што се однесуваат на солидарниот фонд се во согласност со темелните вредности утврдени во Уставот на РМ, како што се: правната заштита на сопственоста и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, слободата на здружување заради остварување заштита на социјалните, културните и други права и уверувања (членот 8, членот 20 и членот 30 од Уставот на РМ).

Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија