Една западна земја ќе се подготвува да биде домаќин на руско- украинските мировни преговори
Русија е подготвена за преговори со Украина, вклучувајќи го и условот дека преговорите би можеле да се одвиваат и на територија на западна земја. Тоа беше официјално изјавено од страна на „висок руски извор“ за рускиот медиум „Известија“, што се совпадна со претходна изјава на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. Имено, тој изјави дека „Будимпешта може да стане посредник меѓу Москва и Киев во прашањето за решавање на конфликтот“. Сепак, руското министерство за надворешни работи нагласи дека во моментов Украина и нејзините западни партнери не покажуваат подготвеност за преговори со Русија. Но експертската јавност смета дека улогата на посредник најверојатно би можела да ѝ припадне на земја што не е членка на НАТО.
Сијарто потсети дека за тоа разговарал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и со шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андреј Јермак, во февруари 2022 година.
Во Русија таквите предлози не се отфрлаат. Како што забележува висок извор, Москва не е против преговорите со Киев на територијата на западните земји, вклучувајќи ја и Унгарија. Но, најважно е дека Западот и Украина се подготвени за конструктивен разговор со Русија.
– Нема да трчаме по никого – изјави тој за „Известија“.
Преговорите меѓу Москва и Киев за решавање на руско-украинскиот конфликт се одржаа во февруари и март 2022 година, прво со посредство на Белорусија, а потоа и на Турција. Подоцна, по иницијатива на Киев, преговарачкиот процес беше замрзнат. Во интервју за украинските медиуми објавено на крајот на ноември, лидерот на фракцијата „Слуги на народот“ во Врховната Рада, Дејвид Арахамија, призна дека Украина одлучила да ги прекине преговорите со Русија откако британскиот премиер Борис Џонсон (2019-2022) го убеди претседателот Володимир Зеленски да ја продолжи борбата, пренесува „Известија“.
Сепак, руското МНР забележува дека Украина и Западот не покажуваат подготвеност за преговори со Москва. Родион Мирошник, вработен во руското министерство за надворешни работи, за „Известија“ изјави дека засега Киев се обидува строго да ги следи упатствата на Западот „да се бори до последниот Украинец“.
На оваа вест познавачите на состојбите додаваат дека какви било преговори за ставање крај на војната во Украина се крајно неверојатни, барем не во моменталната фаза на конфликтот и актуелните глобални геополитички околности. Едни од најважните секако се американските претседателски избори, кои ќе се одржат во ноември следната година. Тешко е да се поверува дека на американскиот претседател Џо Бајден, по толку многу изјави за потребата да ѝ се нанесе стратегиски пораз на Русија и да ѝ се помогне на Украина колку што е потребно, би му било во интерес да премине во преговарачки процес со Москва, бидејќи републиканците дефинитивно би го прикажале како негов пораз во надворешната политика.
Иако формално Вашингтон не одлучува ниту за преговори ниту за војна и мир во Украина и секогаш одлуката за таквите работи му ја препушта на Киев, со оглед на тоа што Украина е суверена држава, на сите им е јасно како стојат работите во реалноста и кој ги има првиот и последниот збор во сето тоа.
Украина е осудена на пропаст без западна, особено американска помош. Значи, без Вашингтон, Киев нема ниту би можел да донесе независна одлука од ваков тип. Ако Борис Џонсон можеше да ги запре гореспоменатите руско-украински преговори во првата фаза од војната, дали некој навистина мисли дека Џо Бајден или американската политика не би можеле да го направат истото тоа?
Значи, преговорите за завршување на војната ќе започнат кога Вашингтон ќе оцени дека е потребно, тргнувајќи пред сѐ од позицијата на сопствените интереси. Р.С.