Фото: ЕПА

Европол објави апсење на т.н. цели од висок ранг, како резултат на заедничка акција на полициите на Хрватска, Германија, Шпанија и Турција, во координација на оперативна група на Европол што се занимава со спречување на активностите на балканскиот картел

РЕЗУЛТАТИ ОД ПОЛИЦИСКАТА АКЦИЈА „БАЛКАНСКИ КАРТЕЛ“

Во организирана акција насловена „Картел 2“ во Истанбул неодамна беа уапсени хрватските државјани Ненад Петрак и Кристијан Палиќ под сомнение за шверц на дрога. Европол го објави апсењето како резултат на заедничка акција на полициите на Хрватска, Германија, Шпанија и Турција со помош на Европол, односно нивната оперативна група што се занимава со активностите на балканскиот картел.
Европол го опишува Петрак, кого не го именува, како цел од висок ранг. Оттаму велат дека тој е осомничен дека е шеф на криминална група што организирала шверц на огромни количества кокаин од Јужна Америка во Европа. Тие додаваат и дека неговата група била осомничена дека стои зад голем број други криминални активности, меѓу кои насилство и обид за убиство.

Под мерки на тајно оперативно следење и фотодокументирање

Додека живеел во луксузен стан во елитниот кварт Ускудар во изминатите шест месеци под лажно име, Ненад Петрак немал поим дека фаталната грешка што ќе го чини апсење е посетата на неговата сопруга и децата. Четириесет и двегодишниот електричар од Загреб, кој едно време живеел во сплитската населба Жњан, пред да биде уапсен во Истанбул бил цел од висок ранг на хрватската, турската, шпанската и германската полиција. Токму семејната средба, како што минатата сабота изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, била клучна за неговото апсење. Семејното собирање не остана незабележано од хрватската полиција, но само една во низата собрани информации го стесни кругот околу бегалецот, кој ја напушти Хрватска на 11 април.
И додека Петрак им е релативно добро познат на хрватските и европските тела за кривично гонење, Кристијан Палиќ од Загреб, чие апсење се случи само еден ден подоцна, им е сосема непознат. Кога минатата недела беше објавена спектакуларната снимка од апсењето и целата акција на турската полиција, многумина се запрашаа кој е всушност тој човек. Утврдено е дека Палиќ е еден од водечките луѓе на картелот, задолжен за снабдување на Европа со кокаин од Јужна Америка и дека соработувал со картели што дејствуваат во Европа, воспоставил врски со криминални организации во Јужна Америка и одиграл важна улога во перењето пари добиени од криминал. Се дознава и дека Палиќ имал лажен идентитет под името Мартин Темерај. Некои од турските медиуми тврдат дека токму тој бил клучен во овие незаконски активности. Кристијан Палиќ извесно време бил следен од турските власти и бил уапсен во акција под кодно име „Картел 3“ во Бешикташ.

Ефикасна акција „Балкански картел“

Европол ја координираше истрагата за шверц на големо количество кокаин во која учествуваа хрватските, германските, шпанските и турските агенции за спроведување на законот како дел од работната група „Балкански картел“. Оперативните активности доведоа до апсење најпрво на Петрак, за кого полицијата вели дека е поврзан и со организацијата на испорака на еден тон кокаин во Европа, кој беше запленет во Шпанија во 2020 година во операцијата „Фалкуша“. Од нивната изјава произлегува дека Кристијан Палиќ, кој исто така беше уапсен во Истанбул е осомничен за перење пари, а по него, покрај Хрватска, трагаше и Германија.
Апсењето на хрватскиот наркобос е резултат на оперативните активности поддржани од Европол на почетокот на октомври, во кои беа вклучени органите за спроведување на законот од Хрватска и Германија. Денот на акцијата, кој се одржа на 11 октомври 2023 година, доведе до апсење на 21 лице (12 во Сплит и 9 во Германија) и запленување на осум возила, оружје (пушки, митралези, муниција и придушувачи) и голема сума пари, дрога, мобилни телефони и различни видови документи. Европол помогна во размената на информации и обезбеди аналитичка поддршка во текот на истрагата. При собирањето разузнавачки информации е откриена цела скриена мрежа што оперирала во различни земји на повеќе континенти.

Историјата на шверцот и турските врски на хрватското наркомилје
датира од почетокот на седумдесеттите години од минатиот век

Од податоците што се досега собрани може да се заклучи дека не случајно и Ненад Петрак и Кристијан Палиќ, благодарение на врските со тамошните наркодилери, мислеле дека ќе најдат засолниште во Турција. Историјата на шверцот и турските врски на хрватското наркомилје датира од почетокот на 1970-тите, а продолжи и во 1990-тите, кога кај Делнице „паднаа“ 30 килограми хероин. Тој беше донесен во Риека со автобус што тргна од истанбулскиот хотел „Икбал“ во областа Лалели.
Петрак и Палиќ се само едни од многуте криминалци од овие простори што побарале засолниште во Турција. Како што пишуваат балканските медиуми, Турција во последните години стана вистинско место за балканските криминалци, а доказ за тоа се многубројните убиства и апсења што се случија во последно време.
Тамошните медиуми претходно пишуваа дека нема крај на претворањето на Турција во рај за светските криминалци, особено сега, кога се олеснети условите за стекнување државјанство.
– Зад турските пасоши може да се кријат лидери на меѓународни криминални организации што ги вложуваат парите заработени од криминални активности или да купат куќа за 400.000 долари. На тој начин, дури и да бидат фатени во Турција, нема да бидат екстрадирани во земјата каде што би им се судело – пренесува истанбулски „Биргун“.
Според турските медиуми, затоа е јасно дека и шефовите на мафијата од Дубаи постепено се селат во Турција.

Зошто Турција: Влез само со лична карта, а секоја година милиони туристи од Балканот влегуваат во оваа земја

Експертите што долги години се занимаваат со оваа област од криминалистиката објаснуваат зошто криминалците од Балканот ја избираат Турција од сите земји во светот.
– Сега можете да влезете во Турција само со лична карта. Така е олеснет влезот во оваа земја, а секоја година милиони туристи од Балканот заминуваат во оваа земја – објаснуваат експертите.
Тие велат дека Турција е огромна земја, а Истанбул е град во кој има многу луѓе од Балканот и дека на криминалците им е многу полесно да комуницираат и затоа таму наоѓаат засолниште.
– Таму има многу Балканци, така што нема да имаат проблем со јазичната бариера. Она што криминалните кланови го видоа како добро за себе е дека Истанбул е огромен град и мислат дека нема да можат лесно да се лоцираат – велат познавачите.
Тие нагласуваат дека се очекувало криминалци од Балканот да заминат во Турција бидејќи со години од и преку оваа земја се транспортира хероин. И ако на криминалците им се даде можност да се пресметаат, тие несомнено ќе ја искористат.
Друга важна работа е фактот дека Турција има добра здравствена заштита, а криминалците користат пластична хирургија за да го променат својот личен опис.

Во Турција лоцирани некои од најголемите наркобосови

Турското министерство за внатрешни работи претходно спроведе истрага, по што откри дека во Истанбул живеат некои од најголемите трговци со дрога.
– Станува збор за Сани ал Мурда (38) од Босна и Херцеговина и неговата десна рака Албанецот Фљамур Синанај – објавил белгиски „Стандард“, а пренесува „Биргун“.
Белгија поднесе барање до Турција за екстрадиција на овие лица што ги бараше преку Интерпол и издаде црвени потерници по нив. Меѓутоа, во одговорот на Турција се наведува дека Сани ал Мурда и Фљамур Синанај се турски државјани и дека нема да бидат екстрадирани, пишува порталот од Истанбул. Таму се додава дека високорангираниот припадник на шкаљарскиот клан Сани ал Мурда, осомничен за шверц на 3,2 тони кокаин, е роден во Босна и Херцеговина и долго време бега од органите на прогонот.
И Јовица Вукотиќ, поранешниот водач на шкаљарскиот клан, беше уапсен во Турција во 2018 година со лажен пасош, по што беше екстрадиран во Србија. Тогаш било откриено дека долго време живеел во Турција. Вукотиќ беше убиен на 8 септември 2022 година во Истанбул.
Во Истанбул се уапсени и водачите на соперничкиот клан, кавачкиот, кои беа обвинети за неговото убиство во Турција.
Вукотиќ таму се криел од истражните органи, но и од ривалите од кавачкиот клан. Тој живеел таму во елитен кварт со својата бремена сопруга и едногодишната ќерка. Како што е утврдено, убијците го следеле кога одел кон трговскиот центар и го застрелале додека бил на совозачкото седиште во автомобилот.
За неполни две недели од убиството на Јовица Вукотиќ, поради оваа ликвидација во Турција беа уапсени дури 12 лица. Како што е констатирано, меѓу нив станува збор за црногорски државјани и истакнати членови на кавачкиот клан – Радоје Живковиќ Жути и Здравко Перуновиќ. Постои сомнеж дека соработувале со турското подземје.
Освен тоа, како што пренесуваат турските медиуми, на флеш-уредите одземени од водачот на „кавчаните“ имало слики од Ристо Мијановиќ, еден од водачите на „шкаљарците“, кој пред две години беше мачен и убиен во Истанбул. Мијановиќ од 2014 година беше во расправија со кавачкиот клан.
Истанбул беше честа дестинација на уште еден високорангиран шверцер на кокаин, кој моментално го чека судењето во затворот „Реметинац“ во Хрватска. Петар Ќосиќ Шарац е 52-годишен поранешен специјален агент на МУП, кој е познат и како еден од високите шверцери на кокаин од Јужна Америка во Европа и Хрватска. Тој е пријател на балканскиот наркобос Дарко Шариќ. Градот на Босфорот го посети и Виктор Милаковиќ, еден од плејадата „млада гарда“ шверцери на дрога, кој сега исто така го чека судењето.