Македонија деновиве е обвиена во тага и скршена од болка. Граѓаните со солзи во очите и гнев во душата се прашуваат што ни се случи. Што толку сме згрешиле како народ за да ни се случи ваква трагедија, која ретко може да се види дури и на филмското платно?
Киднапирањата и убиствата на малото девојче Вања Ѓорчевска и велешкиот бербер Панче Жежовски ги потресоа и шокираа не само граѓаните на нашата држава туку и земјите во регионот. Ова грозоморно убиство, какво што не можат да смислат ни најболните умови ни инспиративните трилер-режисери, кои во својата фантазија смислуваат какви не злосторства и убиства, последните денови е на насловните страници и во ударните вести на сите медиуми во регионот, па и пошироко. Ни најинспиративните новинарски пера, кои во својата новинарска професија пишувале за какви не злосторства, не можат да се сетат кога на овие простори се случиле вакви монструозни убиства.
И покрај тоа што истражните органи и полицијата во релативно краток период ги пронајдоа жртвите и ги приведоа осомничените за грозоморните убиства пред лицето на правдата и на јавноста им ги соопштија деталите за времето и начинот на извршување на злосторството, сепак јавноста сѐ уште со неверување се прашува зарем во оваа држава, во која барем до вчера веруваме дека живее мирољубив и добар народ, постојат такви монструми што можат да направат такви убиства.
Голем број психолози, психијатри, социјални работници, педагози и експерти, вчудоневидени од мотивите за убиствата и начинот на нивната ликвидација, засега се без одговор што им се случило во главите и мозоците на убијците да смислат и направат вакви монструозни убиства. Збунетоста на граѓаните е уште поголема затоа што некои од убијците и осомничените до извршеното злосторство важеле за пристојни граѓани, а првоосомничениот за убиството Љ.П., кој е во бегство и кој иако честопати беше во судир со законот, постојано на своите портали и фејсбук-статуси промовираше политики со високи морални и етички вредности.Најголемиот број граѓани со неверување и згрозеност ги примија информациите на надлежните истражни органи за мотивите и начинот на кој беа киднапирани и убиени малата Вања и Панче, за кого постои основано сомневање дека бил убиен за наводен долг од 500 евра.
Од спроведените истражни дејства на надлежните истражни органи утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“. Зарем кај нас животот стана толку евтин и безвреден, за наводен долг од само 500 евра да се убие човек на таков свиреп и монструозен начин?
Полицијата и обвинителството ги дадоа своите првични сознанија за убиствата на Вања и на Панче. Зад решетки завршија и осомничените, од кои некои ги признаа убиствата и до детали објаснија на кој начин ги ликвидирале своите жртви. Но за мотивите и начинот на кој беа убиени жртвите ќе се знае откако сите тие, како и првоосомничениот за убиствата, кој е во бегство, ќе се соочат со доказите и со правдата во судскиот процес.
Дотогаш не ни преостанува ништо други освен не само да се прашуваме туку конечно да најдеме одговор како да се заштитиме себеси, а пред сѐ малите беспомошни деца, кои во последно време се цел на монструмите и свирепите убијци што имаат поматен ум.
„Оваа трагедија нека ни биде повод да размислиме како да ги вратиме вредностите и како да бидеме луѓе“, напиша во својата објава министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Во изјавата на првиот полицаец во државата стои одговорот на прашањето како да им се спротивставиме на ваквите монструми. Ова убиство покажа и колку малку се познаваме. Иако најчесто „знаеме“ сѐ за другите, ние очигледно не се познаваме меѓу себе. Тоа што е најтрагично е дека добар дел од луѓето не се познаваат доволно добро ни себеси.
Живееме во време невреме, на извртени и превртени вредности. Кај нас со години постојано се промовираат извртени вредности, каде што среброљубието и лакомоста за богатство станаа национален спорт. Наместо вистински вредности за емпатија, почитување и сакање на луѓето, кај нас во последните години се промовираат луѓе што имаат болни амбиции за брзо богатење, извртени човечки вредности, луѓе што на социјалните мрежи промовираат насилство, омраза, клеветење. Социјалните мрежи станаа место на кое секој еден може да ве наклевети, обвини, осуди, па дури и ликвидира без да му трепне око. Таму, во трката за кликови и лајкови, се промовираат работи и „политики“ што не само што немаат ништо од вистинското информирање туку, во најмала рака, се неточни и неетички.Тоа што особено загрижува е што човечкиот живот стана речиси безвреден, па во последно време може да ти го одземат за погрешен паркинг, бразда, нива, песна во кафеана, политичка мисла…
Кога станува збор за заштитата на најмладите, во нашето соседство има неколку начини за алармирање за исчезнати деца. Таков систем, кој е наречен „Најди ме“, уште од пред две години се обидува да заживее во Македонија, но сѐ уште е на ниво на ангажман на невладини организации. Сепак, колку да се добри тие системи и во согласност со новото време, ми се чини дека кај нас најдобро ќе биде доколку покрај вистинските вредности се вратат реонските полицајци, како во минатото. Реонските полицајци беа тие што беа уво и око во секое маало или реон. Тие едноставно знаеја сѐ, кој што прави во реонот што го контролираа и покриваа. Тие можеа да го детектираат и забележат секое сомнително лице и навреме да го спречат во криминалните активности.
Но, сепак, најдобро од сѐ ќе биде доколку секој од нас се обиде да ги врати човечноста во себе и љубовта и почитта кон луѓето.
Во спротивно, доколку и натаму преовладуваат злобата, омразата, користољубието, лакомоста за брзо богатење и не се почитуваат вистинските вредности, ќе ни се повторуваат вакви трагедии, од кои сите уште долго ќе ги чувствуваме последиците и не ќе можеме да закрепнеме.