Кон шестото издание на изложбата „Сè што ни е заедничко“, Музеј на современата уметност

Во Музејот на современата уметност по шести пат се одржува годишната изложба „Сè што ни е заедничко“, курирана од Јованка Попова. Темата за оваа изложба се фокусира на неколку аспекти од современото живеење и неговите преокупации: состојбите на општа несигурност, прекријатниот дискурс (општествена конструкција), историските нивелации во глобални рамки, глобалните конфликти, родовата експлоатација, колонијализам, расизам, мигрантското прашање, третманот кон животните, здравствените состојби, кршливоста на индивидуите и колективитетите. Акцентот е на нееднаквоста на „динамиката на моќ“, „насилството и штетата врз маргинализираните“, како и „потребата да се најде начин за излез надвор од рамките на личното и политичкото затвореништво“. Покрај обемниот и сеопфатен концептен/кураторски ракурс, фокусот е на „сомнежот кон апсолутизмот и антропоцентризмот“, односно „специфичните неправди што ги крие“. Дополнително, целта на оваа изложба е „да го истражи ‘колаборативниот опстанок’ развиен преку уметнички дела…“, „имагинација и наратив за преживување“, „форми на поврзување, зависности и симбиози на заемно спасување“.
Делото/инсталација на косовско-холандскиот уметник Јакуп Фери – „Фреквенција на искреноста“ (2012-2022), покажува трансфер на цртеж (модел за слика) во медиумот на вез (извезена шара на ткаенина), поврзувајќи ги фолклорното и народната уметност (применета), изработка во соработка со традиционални занаетчии. Првичниот впечаток е – дека уметникот се занимавал со вистинска вештина на мануелното творештво (грч.: τέχνη) и дека времето неопходно за реализација на еден ваков визуелно впечатлив уметнички вокабулар е навистина долго и макотрпно. Така барем се знае за уметниците од македонски контекст што користеле разбој и работеле во медиумот таписерија, (Димче Коцо, Лазар Личеноски и др.). И покрај податокот дека Јакуп Фери прагматично и досетливо го третирал медиумот (како на пр. практиката од „Фабриката“ на Енди Ворхол или пак на Демијан Хирст и нивните помошници), конечната естетска завршница дејствува моќно и убедливо (монохроматски фон со фигурални елементи во контура), наспроти сè подоминантните плакати, букви, текстови, видеоинсталации и дигитални медиуми, практично потпирајќи се на идејата, на цртежот и имагинацијата во нивната конечна визуализација. Впрочем, ваквите уметнички предлози се резултат на „постдишановската ера“ и „институционалниот“ поредок на „автономијата“ на уметноста. Она што го одвојува косовскиот уметник од преостанатите е потенцијалот за размислување во минијатура (кроки-цртеж), која пропорционално добива манифестирана, отелотворена хроматска формална завршница, содржински сосредоточена на комуникацијата и заедништвото помеѓу имагинарните суштества.
Колаборативното дело „2 гуштера“ (2020) (видео/анимирана емисија) на мароканската уметница Мерием Бенани и на израелската уметница Ориан Барки е дел од колекцијата на „МоМа“. Антропоморфизираните гуштери се дел од надреалистичката фикција на авторките, чија приказна (беспомошност, изолација) се одвива во Њујорк за време на пандемијата на ковид-19.

Јакуп Фери, Фреквенција на искреноста (2012-2022)

Македонската уметница Зорица Зафировска се претставува со инсталација (мурал, публикација и видео) насловена „Простори на бездомност“ (2016). Муралот се состои од текст и цртеж, замислен како „Чекор по чекор водич за преминување на македонската граница доделен на бегалците во Идомени“ во два дела: „проблеми“ и „решение“, како и цртеж на ѕид: упатства и временски координати. Публикацијата содржи илустриран материјал и текстови, чија функција е да ги прикаже „дехуманизирачки услови“ на застапените „поединци, семејства и групи на луѓе“. Уметницата волонтерски истражувала во Скопје, Табановце, Њујорк и во Берлин, реконтесктуализирајќи ги просторите и сведочењата на бегалците и барателите на азил.
Делото „Балканска суровост“ (2020) на уметницата Лана Чмајчанин (Босна и Херцеговина/Австрија) го опфаќа речиси целиот простор во левата половина од изложбениот павилјон, со континуиран ѕиден принт/тапет, морфологија преземена од „графичкото портфолио ‘Балкангројел’ од Готфрид Зибен“ од 1909 година и прашањето за прераспределба на колонијализираните територии меѓу европските сили. Уметницата на директен начин ја соопштува „ангажираноста“ на концептот гледано од временска дистанца на случувањата/содржината (пропаганден материјал), естетизирајќи ја рамката на приказ со спојување на „егзотиката“ на Балканот, „украсните мотиви од виенските ентериери во 19 век“ и „цветни мотиви“, наспроти „насилството“ на војниците врз жените.
Инсталацијата „Никогаш незаљубен“ (2023) на Дарко Алексовски е составена од „Љубовни писма до осаменоста“ (неадресирани и неиспратени писма со интимна содржина, исчукани на пишувачка машина) и „Бранови“ (цртеж на гипс-картон), замислен како контекст кој има за цел толковно да кореспондира со содржината на писмата.
Асамблажите на Илија Прокопиев, насловени „Реликвии на заемно разбирање“ (2015-2023), се едно големо освежување во однос на изборот на медиумот, на ликовните постапки и техники. Интригантно го канат воспримателот кон набљудување, ловење на силуетите на тродимензионалните преобразливи морфолошки сопоставености и микронаративи, креирани од најдени и создадени предмети. Прокопиев се чини дека е уметник што добро ги познава и владее основите правила на композициската рамнотежа и дека поседува чувство за ликовност и асоцијативност.
Делото „Колку длабоко вилинско коњче може да плива под океанот“ (2021), видео на албанскиот уметник Дриант Зенели, е обмислено како наратив за симболот на духовната длабочина, моќта – вилинското коњче, метафорично посочувајќи на вистинита случка при „изолација во албанските затвори“. Политичката димензија во наративите на Зенели е евидентна, имено и просторот на случувањето на приказната е меморијалниот споменик во Тирана, според текстуалниот опис „на албанскиот диктаторот Енвер Хоџа“, посочен како објект што доживеал низа трансформации и функции, архитектура на брутализмот – пирамида што задржува и оневозможува преживување, полетување…

Илија Прокопиев, Реликвии на заемно разбирање (2015 – 2023)

Делото „Дали животните…?“ (2017), плакати-фотографии на хрватскиот уметник Игор Грубиќ, ги истражува „кланиците во Северна Италија“, „фабриките на смртта“, прикажувајќи ја празнотијата исполнета со минатоста на „патот на животното од животот до смртта“.
За квалитетот на изложбите во Музејот на современата уметност се важни – не само финансиските ресурси туку и човечките, имено, оваа изложба е показател дека еден единствен куратор (наместо вообичаените – двајца-тројца) може и успева професионално и како што прилега да обезбеди податоци (вообичаени музејски стандарди) за секое изложено дело/проект, добро да го осмисли просторниот концепт, излагање во даден простор со внимателно обмислено следство и читливост на групното претставување. Како меѓународен концепт, селекцијата опфаќа девет уметнички имиња, од кои три македонски (Дарко Алексовски, Зорица Зафировска, Илија Прокопиев), не сите со еднакви авторски потенцијали и квалификации, но со еднакви можности за понатамошно вмрежување, бидејќи меѓународното излагање како концепт е релевантно во пошироките рамки на глобалните музејски, галериски и политики од друг аспект на промоција и уметничко-кариерно напредување.

Натали Рајчиновска-Павлеска