Фото: ЕПА

Ѓоковиќ е број 1 рекорден осми пат (двапати повеќе од Сампрас), сега има рекордни 402 недели на врвот на АТП-рангирањето (гарантирано ќе остане број 1 до 22 јануари), првпат по 23 години двајца играчи до 20 години на крајот на една година се во врвните 10 (во 2000 година тоа беа Сафин и Хјуит), а првпат тројца тенисери до 22 години се меѓу водечките десет (пред 14 години меѓу најдобрите беа Ѓоковиќ, Мареј и Дел Потро), пишува АТП

АТП ГО ОБЈАВИ ЗАВРШНОТО РАНГИРАЊЕ ЗА 2023 ГОДИНА

Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) го објави рангирањето за крајот на 2023 година, при што Новак Ѓоковиќ е број 1 осми пат, што е зголемување на рекордот и тој сега е на два пласмана бр. 1 на крајот на годината повеќе од играчот на второто место на таа листа, Пит Сампрас (шест), пишува АТП.
Ѓоковиќ, кој се изедначи со Роже Федерер со најмногу пласмани на крајот на годината на првите три места на листата со 15, сега има рекордни 402 недели на врвот на АТП-рангирањето и гарантирано ќе остане број 1 до 22 јануари, пишува АТП.
Освојувачот на седум големи титули на турнејата сезонава, Ѓоковиќ, го држеше првото место 28 недели во четири периоди. Првото место се менуваше седум пати во 2023 година, и тоа помеѓу Ѓоковиќ и Карлос Алкараз, најмногу промени на врвот од 2018 година, кога исто така имаше седум промени. Единствените години во кои почесто на првото место на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци се менуваа водечките играчи беа 1983 (10) и 1999 (осум) година.
Алкараз ја заврши годината меѓу првите двајца тенисери втора година по ред. Холгер Руне е на осмото место и тоа е првпат двајца тенисери на возраст до 20 години да бидат на крајот на една година во врвните десет играчи на АТП-листата, по 20-годишниот Марат Сафин (број два) и 19-годишниот Лејтон Хјуит (број седум), во 2000 година, објави Асоцијацијата на тениските професионалци.

Руне е осаменото ново лице во првите 10 на крајот на годинава (во август беше на четвртото место) и е првиот дански тенисер што е меѓу првите 10 на крајот на годината. Ова е првпат тројца играчи до 22 години да бидат меѓу првите 10, откако пред 14 години меѓу најдобрите беа 22-годишниот Ѓоковиќ (трет), 22-годишниот Енди Мареј (четврти) и 21-годишниот Хуан Мартин дел Потро (петти), пишува АТП.
Вкупно 504 места напредуваше Алекс Михелсен, најмногу меѓу првите 100 тенисери на крајот на годината (601-от во 2022 година, 97-от во 2023 година), 13 места скокна од Артур Филс, најмногу меѓу врвните 50 играчи на крајот на годината (249-от во 2022 година, 36-от во 2023 година), шест тенисери напредуваа најмалку 100 места за да бидат меѓу првите 50 на крајот на годината…, пишува АТП.
Новата сезона на АТП-турнејата почнува на 29 декември 2023 година со Јунајтед-купот, на кој треба да настапат 18 земји, а треба да се игра во австралиските градови Перт и Сиднеј.
Пласман на првите десет тенисери за 2023 година: Новак Ѓоковиќ, Карлос Алкараз, Данил Медведев, Јаник Синер, Андреј Рубљов, Стефанос Циципас, Александер Зверев, Холгер Руне, Хуберт Хуркач и Тејлор Фриц. Н.М.


ПРВИТЕ 10 ЗА 2023 ГОДИНА

Новак Ѓоковиќ 11.245
Карлос Алкараз 8.855
Данил Медведев 7.600
Јаник Синер 6.490
Андреј Рубљов 4.805
Стефанос Циципас 4.235
Александер Зверев 3.985
Холгер Руне 3.660
Хуберт Хуркач 3.245
Тејлор Фриц 3.100

Извор: АТП