АВНОЈ не само што јавно го прокламирал „југословенското решение“ на македонското национално прашање за вардарскиот дел на Македонија туку индиректно, со промовирањето на Димитар Влахов од егејскиот дел и на Владимир Поптомов од пиринскиот дел на Македонија за членови на АВНОЈ, го проширувал и врз тие два дела на Македонија. Со тоа, преку АВНОЈ, практично, вардарскиот дел ја добил улога на „пиемонт“, улогата на „обединувачки центар“ за Македонците од пиринскиот, егејскиот и делот на Македонија под Албанија. Декларативно тоа било дефинирано во паролата „обединета Македонија во рамките на Југославија“. Со таквите „решенија“ на АВНОЈ се демантираат и лажните ревизионистички тврдења дека Јосип Броз-Тито и раководството на антифашистичката борба биле против „обединувањето на Македонија и Македонците“
Повод: 80 години од АВНОЈ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Југославија) и прокламирањето на југословенското решение на македонското национално прашање за вардарскиот дел на Македонија
Автор: Александар Литовски
Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, на 29 ноември 1943 г., се конституирало како највисоко политичко и претставничко тело на југословенската антифашистичка борба и ги конституирало основните државноправни и политички органи на новата југословенска федеративна заедница. На него имало кооптирани делегати од Македонија, но тие не биле присутни на заседанието. Со своите решенија, Второто заседание на АВНОЈ ја конституирало нова Југославија како федеративна држава составена од шест републики, на пет нации. Со тоа бил прекинат континуитетот на Кралството Југославија, бил прекинат континуитетот со државата во која не било признаено постоењето на македонскиот народ и тој бил изложен на големосрпска денационализација и асимилација.
Второто заседание на АВНОЈ создало Национален комитет за ослободување на Југославија (НКОЈ), како највисок извршен орган на власта, односно како орган што ќе ги извршува одлуките на АВНОЈ до формирањето влада по ослободувањето на земјата. Тој ги имал сите прерогативи и овластувања на привремена влада на Демократска Федеративна Југославија. Освен претседателот Јосип Броз-Тито и тројцата потпретседатели, имал повереници што ги раководеле одделните поверенства што извршувале задачи на извршни ресорни органи на власта.
АВНОЈ во новоконституираната државна заедница ги вброил како рамноправни конститутивни елементи македонскиот народ и македонската држава. Македонскиот јазик бил прогласен за рамноправен со српско-хрватскиот и словенечкиот на целата територија на Југославија. Со сето тоа, правно и политички биле санкционирани стремежите на македонскиот народ за самостоен национален живот во сопствена национална држава. Токму заради усогласеноста на решенијата на АВНОЈ со целите на антифашистичката и националноослободителна борба и со македонските национални интереси, тие решенија, децидно, биле потврдени од Првото заседание на АСНОМ.
Злонамерните антимакедонски толкувања дека поради неприсуството на македонски претставници АВНОЈ нема легитимитет за Македонија, било во минатото, а и денес, фактички е дел од вокабуларот на антимакедонските пропаганди што го негираат македонскиот национален индивидуалитет и го проблематизираат самостојниот македонски државноправен развој. Фактички, решенијата на АВНОЈ за Македонија биле антиципирани и одобрени преку Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од октомври 1943 г.
Кузман Јосифовски-Питу уште кон крајот на 1943 г. пишувал: „Самите решенија на скупштината, Векето прогласувајне за врховен, законодавен и извршен орган, конституисање H.K.O.J. co право на привремена влада, федеративно уредувајне на Југ[ославија] на началото самоопределување до отцепување и доброволно присаединувајње co други народи, декларацијата за монархијата, како и саставот на Претседателството на АВНОЈ и НКОЈ, јасни се факти и потврда за правилноста на линијата на Манифесто во денешниот етап на HO Борба.“
Во секој случај, АВНОЈ не само што јавно го прокламирал „југословенското решение“ на македонското национално прашање за вардарскиот дел на Македонија туку индиректно, со промовирањето на Димитар Влахов од егејскиот дел и на Владимир Поптомов од пиринскиот дел на Македонија за членови на АВНОЈ, го проширувал и врз тие два дела на Македонија. Со тоа, преку АВНОЈ, практично, вардарскиот дел ја добил улога на „пиемонт“, улогата на „обединувачки центар“ за Македонците од пиринскиот, егејскиот и делот на Македонија под Албанија. Декларативно тоа било дефинирано во паролата „обединета Македонија во рамките на Југославија“.
Со таквите „решенија“ на АВНОЈ се демантираат и лажните ревизионистички тврдења дека Јосип Броз-Тито и раководството на антифашистичката борба биле против „обединувањето на Македонија и Македонците“. Впрочем, целосно политички е апсурдно кое било државно раководство да не сака проширување на сопствената државна територија, доколку тоа е можно и нема негативни импликации.
Оттаму, југословенско раководство апсолутно било заинтересирано за обединување на македонскиот народ во Југославија, со што таа држава би имала доминантна улога на Балканот. Тоа го рефлектира и Второто заседание на АВНОЈ.
Меѓутоа, ваквите југословенски интереси во корелација со реалните геостратегиски интереси на големите сили биле во длабока спротивност. Впрочем, во 1944 г., гледано во контекст на поделбата на интересните сфери меѓу големите сили, не е сигурна ни самата положба на југословенското народноослободително движење. Новата федеративна Југославија била далеку од своето меѓународно признавање и во постојните версајски граници, а камоли во некаква проширена територијална форма. И покрај целата воена и политичка моќ на југословенското партизанско движење, сè уште, реално фигурирала можноста од евентуално англоамериканско истоварување и нивен обид насилно да се врати предвоеното монархистичко уредување на целиот Балкан и да се воспостават предвоените граници.
Тоа било варијанта во која не би можело да стане збор ниту за опстанок на македонската национална свест ниту за некаква државност на Македонија. Оттаму, нема никакви дилеми дека АВНОЈ е основа на решенијата на Првото заседание на АСНОМ и со тоа темелот врз кој се постави современата македонска државност, та затоа денешната македонска држава треба да го почитува споменот за него и достојно да го одбележува.
Авторот е историчар од Институтот за национална историја на Македонија