Досега повеќе македонски здруженија и организации од Албанија посочија дека Тирана фактички ѝ дава простор на Софија да го спроведе пописот во Албанија, особено во оние региони каде што живее македонски народ. Познавачите на оваа проблематика велат дека постојат реално допуштени и спроведувани модели на притисоци од страна на бугарските државни институции и приватни фондации, кои се насочени кон Македонците за да се изјаснат како Бугари. Соговорниците со кои се консултиравме велат дека активностите на бугарската амбасада во Тирана, како и на други структури што се морално и финансиски поддржани од Софија, се особено силни додека се одвива попишувањето на населението во Република Албанија, но споменатите спорни активности треба да се согледаат како дел од една поширока бугарска кампања, која има цел да ги претстави Македонците како бугарско малцинство. Оваа бугарска кампања започна со уценувачкото вето од Софија кон Тирана, кога беше изнудено бугарско етничко малцинство во Република Албанија, покрај фактот што до 2017 година во ниту еден албански официјален попис не е забележено присуство на бугарска етничка заедница. Од тој момент, бугарските активности постојано се засилуваа во Република Албанија, како што беше посетата на училиштата во кои учат македонски деца од страна на претставници на бугарската амбасада или заканите дека ќе им ги одземат бугарските пасоши доколку не се изјаснат како Бугари на пописот на населението, велат нашите соговорници
Како Бугарија директно се мешаше при пописот на македонското малцинство во Република Албанија
Контроверзиите околу пописот на населението во Република Албанија и понатаму продолжуваат, а потврда за тоа се и последните информации што пристигнаа од Македонска алијанса за европска интеграција, за директно влијание на Бугарија, за да излезе што помал бројот на вкупното население во Мала Преспа. Поради контроверзиите со пописот на населението во Република Албанија, политичката партија Македонска алијанса за европска интеграција ги достави сите неправилности до албанската влада и до странските амбасади во оваа држава, но Владата на Република Албанија досега нема преземено никакви мерки. Според информациите што ги добивме, доколку албанските државни институции не ги земат предвид укажувањата на Македонска алијанса за европска интеграција, но и на другите македонски друштва и здруженија, македонското малцинство нема да ги признае резултатите од пописот на населението во Република Албанија.
Бугарскиот амбасадор во Албанија, Ивајло Киров, исклучително активен на теренот во екот на пописот
Соговорниците со кои се консултиравме велат дека активностите на бугарската амбасада во Тирана, како и на други структури што се морално и финансиски поддржани од Софија, се особено силни додека се одвива попишувањето на населението во Република Албанија, но споменатите спорни активности треба да се согледаат како дел од една поширока бугарска кампања, која има цел да ги претстави Македонците како бугарско малцинство.
Оваа бугарска кампања започна со уценувачкото вето од Софија кон Тирана, кога беше изнудено бугарско етничко малцинство во Република Албанија, покрај фактот што до 2017 година во ниту еден албански официјален попис не е забележено присуство на бугарска етничка заедница, велат нашите соговорници. За овие притисоци предупредија повеќе македонски друштва и здруженија, а меѓу нив беше и друштвото „Илинден“ – Тирана, кое посочи дека во односите меѓу Софија и Тирана, измислувањето на Бугарите во Албанија е направено со уцена по албанското пристапување во Европската Унија.
– Македонското друштво „Илинден“ – Тирана не ја спори помошта што Бугарија ѝ ја дава на Албанија преку нејзините фондови и фондовите на Европската Унија, меѓутоа најостро протестира што Софија го прави тоа во областите каде што живеат Македонците, а проектите ги претставува како помош за „бугарското малцинство“ во Албанија, општините и селата каде што живеат Македонци ги именуваат за „бугарски села и општини во Албанија“ – предупредија од друштвото „Илинден“ – Тирана.
Сегашниот попис е индиректно поврзан и со контроверзните активностите на фондацијата „Бугарска памет“ на Милен Врабески меѓу Македонците во Република Албанија, активности што беа оцените од страна македонските здруженија и организации како обид за денационализација. Тука треба да се споменат и контроверзните активности на бугарскиот државјанин Виктор Стојанов и неговата т.н. „Фондација Македонија“. Неколкупати досега претставниците на македонското малцинство во Република Албанија укажаа дека Виктор Стојанов врши антимакедонска пропаганда и насилно се обидува да направи асимилација на македонското национално малцинство, поради што беше побарано да биде прогласен за персона нон грата и да му биде забранет влез во Република Албанија бидејќи предизвикува вознемиреност кај македонскиот народ во екот на попис.
Нашите соговорници велат дека бугарската амбасада во Тирана презела особено енергични активности што се индиректно поврзани со сегашниот попис на населението во Република Албанија. Според нив, особено била контроверзна активноста на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров, кој во екот на пописот ги убедувал Македонците во Голо Брдо и во Мала Преспа да се изјаснат како Бугари. Македонските друштва и здруженија реагираа на оваа активност, а од друштво „Илинден“ – Тирана нагласија дека ваквиот недозволив акт претставува и директно мешање во работата на албанската држава и на албанските институции, кои се задолжени за спроведување реален и законски попис во државата.
– Како Македонци, свесни сме дека од бројот на попишаните Бугари во Република Албанија зависи количеството агресивност што ќе се врши врз нашата матична држава Македонија за промена на Уставот и запишувањето на Бугарите како конститутивен народ во него – нагласија од македонското друштво „Илинден“ – Тирана за активностите на бугарскиот амбасадор.
Македонските друштва и здруженија во Република Албанија ги осудија и бесплатните превентивни прегледи на Македонците во областа Мала Преспа во организација на фондацијата „Бугарска памет“. Тогаш повеќе претставници на македонското малцинство укажаа дека бесплатните прегледи на пациентите треба да бидат дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како бугарско на претстојниот попис во Албанија.
Барање да се забрани доаѓањето на бугарскиот амбасадор во регионите каде што живее македонско малцинство
Поради контроверзиите со пописот на населението во Република Албанија, политичката партија Македонска алијанса за европска интеграција ги достави сите неправилности до албанската влада и до странските амбасади во оваа држава, но Владата на Република Албанија досега нема преземено никакви мерки. Васил Стерјовски, претседател на споменатата македонска партија, вели дека досега неколкупати и официјално реагирал до премиерот Еди Рама и албанската влада поради бугарските контроверзни дејанија.
– Укажавме на сите притисоци што се прават од страна на Бугарија и тоа што Албанија фактички даде слободен простор да го спроведе Бугарија, а не Албанија. Ние реагиравме на сето ова. Запознаена е албанската влада во текот на самиот процес, затоа што работите ги следевме секој ден на терен. Притисок, закана, мешање од самите структури на албанската држава, било тоа да се бугарската амбасада во Албанија, но и други структури што работат за Албанија, за да ги натераат Македонците да се попишат Бугари – рече Стерјовски.
Сите регистрирани неправилности се доставени до албанската и до странски амбасади во земјата. Но албанските државни институции немаат преземено никакви мерки за укажувањето дека Република Бугарија преку пописот во регионите каде што живеат Македонци во Република Албанија директно се меша во внатрешните работи, како и во самиот процес на попис на населението во Албанија.
– Бугарите на дневна основа знаеја кој како се попишува во нашите региони, така што ние на крајот на самиот процес, официјално како политичка партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, ќе излеземе со официјален извештај и ќе ги објавиме јавно – вели Стерјовски.
Васил Стерјовски исто така посочи дека пописот во Мала Преспа траел шест недели, но, како што вели, реално, на терен се попишувало вкупно три недели.
– Во последните три недели од официјалниот попис не се попишуваа жителите што физички живеат таму, кај нас е проблем тоа што сме пограничен регион со Македонија и Грција и повеќето од луѓето својата егзистенција ја обезбедуваат со сезонска работа, било во Грција било во Македонија. На граница ако одите, секој ден од 400 до 500 лица влегуваат дневно во Македонија во овој период, бидејќи е бербата на јаболка во Ресен и многу од овие жители не се попишани. Значи доаѓаат жалби од самите жители дека попишувачите не ги попишуваат. Ние официјално уште тогаш имаме реагирано, откога се случи овој проблем. Од Тирана бараа да се попишат, но проблем се случуваше што пописните комисии, попишувачите не ги попишуваа и тука се сомневаме дека е директно влијание на Бугарија, за да излезе што помал бројот на вкупното население во Мала Преспа, но и на Македонците – вели Стерјовски.
Стерјовски исто така нагласува дека Македонска алијанса за европска интеграција има повеќе барања до албанската влада да се продолжи рокот за попишување на населението во Мала Преспа, но сѐ уште нема добиено ништо официјално. Постојат сомнежи дека станува збор и за стратегија на Албанија со која би се укинала општината, со образложение дека нема доволно жители, но и играта на Бугарија.
– Дали е и плус игра на Бугарија да има што помалку Македонци да се декларираат, бидејќи кај нас, особено во Мала Преспа, Бугарија, по сите притисоци што ги правеше, не можеше да извади Бугари и тоа ѝ беше голем проблем. Затоа единствен начин е да влијае до нивните структури во албанската држава со попишувачите и Заводот за статистика на Албанија – рече Стерјовски.
Претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција ги потврди контроверзните активности на бугарската амбасада. Имено, бугарскиот амбасадор ги посетил Гора, Голо Брдо, Преспа и ги убедувал Македонците да се изјаснат како Бугари.
– На сите што имаат аплицирано за бугарски пасоши им се јавуваат од бугарската амбасада дека мора да се пишат Бугари, во спротивно нема да земат бугарски пасош, а тие бугарски пасоши не се бесплатни, тоа се неколку илјади евра за едно семејство за таков пасош. Постоеше реално тој притисок – рече Стерјовски.
Тој додаде дека сите овие притисоци и закани ги имаат објавено и официјално, а на самиот почеток на пописот од Владата на Албанија е побарано да се забрани доаѓањето на бугарскиот амбасадор во регионите каде што живеат Македонците, бидејќи се прекршува и Виенската конвенција, за тоа како се однесува еден дипломат, кој се меша во внатрешните работи и врши директен притисок на пописот во Албанија. Стерјовски истакна дека на пописот, секој граѓанин треба слободно да се изјасни како се чувствува. Тој додаде дека последната недела албанските медиуми информираат за загриженоста и барањата на Македонците во Албанија.
Според информациите што ги добивме, доколку албанските државни институции не ги земат предвид укажувањата на Македонска алијанса за европска интеграција, но и на другите македонски друштва и здруженија, македонското малцинство нема да ги признае резултатите од пописот на населението во Република Албанија. Д.Ст.