Македонија – земја магнет за странските туристи

Се сеќавам, беше тоа пред повеќе од две децении, кога Битола ја посети висока турска делегација, предводена од тогашниот потпретседател на турскиот парламент. Во еден момент, обраќајќи му се на тогашниот бивш градоначалник на Битола, Владимир Талески, тој буквално рече дека за Турците како народ постојат само три града. Тоа се Анкара, Истанбул и Битола.
Битола кај Турците буди многу емоции, бидејќи во градот под Пелистер своето средно образование го заврши реформаторот на Турција, Мустафа Кемал Ататурк. По снимањето на турската серија „Збогум, Румелија“, која главно се снимаше во Битола, Битола стана градот што сакаа да го посетат речиси најголемиот број туристи од Турција.
Оттаму не е случајно што ова лето, а и овие доцни есенски денови во Битола по Широк сокак постојано се движат голем број турски туристи, кои во групи покрај спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк, која се наоѓа во Заводот и музеј-Битола, ги посетуваат куќата во која живееше големата љубов на Ататурк, Елени Каринте, градскиот часовник, старата битолска чаршија, како и не малиот број џамии, кои последните години со средства на фондацијата „Тика“ се целосно обновени.
Кога станува збор за посетата на турските туристи, тие не се интересираат само за Битола туку и за другите градови во земјава – Охрид, Велес, Скопје, Крушево.
Македонија во последно време е вистинска атракција за турските туристи, но не само за нив. Напротив, Македонија во последно време е доста ја посетуваат и голем број други странски туристи, каки што се Србите, Полјаците и Холанѓаните. Не изостануваат ни Грците, ни Албанците, па ни Бугарите.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во септември Македонија ја посетиле вкупно 124.800 туристи, од кои 27,9 отсто биле домашни, а дури 72,1 отсто биле странски туристи. Хотелиерите пресметале дека туристите оствариле 256.831 ноќевање, од кои 34,3 отсто се од домашните туристи, а 65,7 проценти од странските туристи.

Според овие податоци, кумулативната споредба со лани од јануари до крајот на септември покажува дека бројот на туристи што ја посетиле Македонија е зголемен за 21,8 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 0,5 проценти, а кај странските има зголемување за 40,3 проценти. Ваквото значително зголемување на странските туристи во Македонија може да ги радува не само туристичките работници и хотелиерите туку и другите граѓани во земјава, бидејки туристите во голема мера придонесуваат за пополнување на буџетската каса.
Македонија е држава со многу убавини. Таа е богата и со големо историско и културно наследство. Во многувековната историја на Македонија низ овие простори поминале разни цивилизации, кои со своите традиции и култури оставиле длабоки траги во историјата и во културата на земјава. Оттаму, голем број странци сакаат да ја посетат Македонија и да ја запознаат одблиску.
Господ бог великодушно ја дарувал Македонија со природни убавини. Македонија е богата со прекрасни предели, планини, езера, реки, клисури… со археолошки локалитети, од кои секој за себе е посебна приказна, кои зборуваат за историјата на градовите, но и на државата. Во оваа држава кај да копне човек и кој било камен да го откорне ќе пронајде доказ за богатото културно-историско наследство, со кое изобилува државата. Но природните убавини не се доволни да ги привлечеме домашните и странските туристи. Туристите бараат и други содржини со кои би ги исполниле деновите додека престојуваат во Македонија. Туризмот не може да се развива само на тоа што ни останало во наследство од минатото, од историјата.
Време да се свртиме кон иднината за развој на туризмот. А иднината за развој на туризмот бара инвестиции, вложувања. За жал, освен во некои градови, тие засега изостануваат. Македонија сѐ уште не ги препознава барањата и желбите на туристите кога престојуваат во државата.

За развојот на туризмот не се доволни само природните убавини. Потребни се и други услови. Ние како народ и држава сѐ уште талкаме во настојувањето да ја најдеме најдобрата приказна што треба да им ја продадеме на странците.
Пред сѐ е политичката стабилност на државата. Мирот, безбедноста и стабилноста се работите што секој турист сака да ги почувствува кога е на одмор и во посета на Македонија. Стабилноста на државата и безбедноста придонесуваат да доаѓаат странски инвестиции. А подобрувањето на економската крвна слика на државата во голема мера ќе придонесе за изградба на патната инфраструктура, отворање нови хотели, скијачки центри, спа-центри…
Иако се мислеше дека Македонија со зачленувањето во НАТО ќе привлече доста странски инвестиции, искрено кажано засега инвестициите не се движат со очекуваната динамика. Политичките елити и државните власти наместо својата енергија да ја насочат кон подобрувањето на условите за инвестирање, реконструкцијата на патната и железничката инфраструктура, авиоврските, инвестициите во планинскиот, селскиот екотуризам, манастирскиот туризам.., македонските политичари постојано се занимаваат со дневна политика, со која ги трујат граѓаните.
Сите паметни луѓе постојано нѐ убедуваат дека Македонија како држава е мошне мала за да води големи политики.
Крајно е време да се најде консензус за сите отворени прашања и конечно политичарите да се договорат кој пат ќе го фатат. Ако порано како народ го баравме и се прашувавме кој пат води за Мариово, денес, кога светот е едно глобално село, мора да се запрашаме како да ги привлечеме не само странските туку и домашните туристи да ја посетуваат Македонија и да остануваат барем еден ден повеќе отколку што планирале.
А за таков туризам ги имаме сите предуслови.
Време е да го вклучиме рациото и конечно да се определиме каков туризам сакаме и како да ги доведеме гостите во Македонија, каде што ќе се чувствуваат убаво како дома.