ШАХ

Македонија ќе има осум претставници на СП за јуниори

Осум млади надежи на македонскиот машки и женски шах, од денеска до 24 ноември ќе настапат на поединечното Светско првенство (СП) за јуниори и за јуниорки (до 14, 16 и до 18 години) во Монтесилвано (Италија).
Боите на Македонија до 14 години ќе ги бранат Малакај Насков (1.324 рејтинг-поени, рангиран 166-ти пред почетокот), меѓу 186 учесници од 82 држави (прворангиран е ИМ од Русија, Сава Ветохин, 2.403), и кај девојките Ивана Велкоска (1.157, рангирана 144-та) меѓу 130 учеснички од 67 држави (прва фаворитка е ЖФМ Ана Шухман, 2.263 од Русија).
До 16 години за Македонија ќе играат Антон Златков (2.220, 47.) меѓу 144 шахисти од 73 држави и Никола Бошковски (1.635, 121.). Прворангиран е полскиот ИМ Јан Климковски (2.520). Во женска конкуренција ќе настапи Јована Давиткова (1.322, 59-та), меѓу 107 шахистки од 62 држави (прворангирана е ЖФМ од Казахстан, Алуа Нурманова, 2.637).
До 18 години ќе играат Теодор Јовановски (2.140, 76-ти) и Стојан Велковски (1.985, 92.), меѓу 133 шахисти од 69 држави (прв фаворит е рускиот ВМ Володар Мурзин, 2.625). Кај девојките ќе игра Инџи Ајрадиноска (1.594, 60-та) меѓу 88 шахистки од 55 држави (прворангирана е ЖИМ од Украина, Јелизавета Хребеншчикова, 2.292).
На СП има вкупно 773 учесници во сите категории (453 момчиња и 320 девојчиња) од 94 држави. Водач на македонската шаховска експедиција е ВМ Трајко Недев Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Прекуграничниот спуст за мажи е откажан поради снежни
врнежи и силни ветрови

Историскиот машки спуст во Светскиот куп (СК) во алпско скијање во Цермат-Червинија е откажан во неделата поради обилните снежни врнежи, кои почнаа рано наутро, силните ветрови и неповолната прогноза во текот на денот, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Тоа го заокружи викендот со предизвикувачки временски услови, кои, исто така, донесоа откажување на планираниот спуст за отворањето на сезоната во саботата на новопроектираната патека, првата во СК што преминува меѓудржавна граница (стартот е во Швајцарија, а целта во Италија).
Сите потенцијални планови за одржување трка за мажи денеска беа, исто така, отфрлени, пишува ФИС. Воведните планирани трки за ноември 2022 година беа откажани поради недоволно снег. Следните брзински трки за скијачи треба да се одржат во САД, од 1 до 3 декември.
Нови прекугранични трки се предвидени за неделава, во спуст за скијачки. Тренинзите се планирани да почнат в среда, а двете трките се викендов, пишува ФИС.
– Нема да се откажеме, позитивни сме, ќе направиме сѐ што е можно викендов да има две трки за жени, кои се, исто така, исклучително важни за нас – рече претседателот на Организацискиот комитет на Цермат-Червинија, Франц Јулен, пренесе ФИС. Н.М.