Фото: МНР

Според некои опционални сценарија, во голема мера е можно претседателството на Македонија со ОБСЕ да биде продолжено уште една година. Во една таква ситуација, она што на внатрешен план се поставува како прашање во Македонија е што се направи и што се постигна досега, кои се придобивките од претседателството со ОБСЕ и што ако ни се укаже дополнителна шанса. Дали е тоа навистина шанса, предизвик или тест и за нас и за организацијата? Односно, успеа ли Македонија во текот на претседавањето со ОБСЕ да отвори прашања што нѐ засегаат токму нас, а се во доменот на надлежностите на оваа организација – на пример прашањето за правата на македонското малцинство во соседството? Дали воопшто Македонија се обиде да ги афирмира своите предизвици во контекст на малцинските и безбедносните прашања преку претседавањето со ОБСЕ?

Можност претседателството на Македонија со ОБСЕ да биде продолжено уште една година

Конкретниот предизвик на Македонија со претседателството на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е да обезбеди консензус за изгласување на претседавачот што ќе ја наследи. Имено, Русија веќе стави вето на единствениот актуелен кандидат за претседавач во 2024 година, Естонија. Затоа, на врвот на агендата на Министерскиот совет во Скопје, на 30 ноември и 1 декември, ќе биде прашањето која земја треба да го преземе претседавањето во 2024 година. Доколку земјите учеснички не постигнат договор за претседавач за наредната година, последиците нема да бидат безначајни. Повеќе од која било друга меѓународна организација, ОБСЕ се потпира на својот претседавач, за да постигне консензус, да поставува приоритети, да води состаноци и да ги пополни клучните места. Без еден член, постои опасност ОБСЕ да остане без кормило и неефикасно. Во таков контекст, се покажува дека е важно присуството на ОБСЕ-самитот во Скопје на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и покрај сите контрадикторни аргументи дали да се дозволи прелет на руски авион во воздушниот простор на Македонија, и покрај забраната што ја има ставено македонската влада од почетокот на војната во Украина.
Одредени европски медиуми веќе проценуваат дека „ОБСЕ би можело да загине во руско-украинската војна“, па дури и со малициозна забелешка дека тоа не би било голема загуба за постојниот меѓународен поредок. Сепак, ова погрешно ја проценува важната улога што ОБСЕ ја одигра во минатото, поставувајќи стандарди за прашања од набљудувањето на изборите до малцинските права и борбата против трговијата со луѓе. Ниту, пак, ОБСЕ нема да биде без употреба во иднина: арсеналот на организацијата на мерки за доверба и градење безбедност останува релевантен за намалување на ризикот од несакана ескалација на војната во Украина. Во случај на прекин на огнот или мировен договор, потребата од цивилна мировна мисија би можела да биде задоволена од ОБСЕ. Други долготрајни конфликти во Молдавија, Јужен Кавказ и Централна Азија, исто така, бараат внимателно управување во сенка на војната против Украина.

Несомнено, ОБСЕ е најголемата регионална безбедносна организација во светот, со 57 земји-членки, но и таа е соочена со предизвикот на опстојување врз своите базични принципи во контекст на искушенијата на геополитичките прегрупирања. Според некои опционални сценарија, во голема мера е можно, претседателството на Македонија со ОБСЕ да биде продолжено уште една година. Доколку нема договор до крајот на годината, Македонија, со поддршка од членките на НАТО и ЕУ меѓу земјите учеснички, може да изјави дека ќе продолжи со улогата поради чувство на одговорност кон ОБСЕ. Целта би била ОБСЕ да продолжи да работи додека Финска не го преземе претседавањето во 2025 година, годината на 50-годишнината од Хелсиншкиот завршен акт на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС), претходникот на ОБСЕ. Секако, Естонија ја нема повлечено кандидатурата за претседавач на ОБСЕ и покрај ветото на Русија, а како алтернативни кандидати се споменуваат Малта и Австрија.
Сепак, она што на внатрешен план се поставува како прашање во Македонија е кои се придобивките од претседателството со ОБСЕ. Односно, успеа ли Македонија во текот на претседавањето со ОБСЕ да отвори прашања што нè засегаат токму нас, а се во доменот на надлежностите на оваа организација – на пример прашањето за правата на македонското малцинство во соседството? Дали воопшто Македонија се обиде да ги афирмира своите предизвици во контекст на малцинските и безбедносните прашања преку претседавањето со ОБСЕ?

– За жал, не. Немаше да биде лесно да се направи тоа, бидејќи улогата на претседателството е претежно да го држи кормилото на оваа важна платформа за дијалог и да дава насоки за теми и одлуки важни за безбедноста и соработката во целиот регион на ОБСЕ. Но тоа не значи дека министерот треба да забрани да се обидеме, ниту дека тимот треба да го прифати тоа и да не побара ни стручна помош и поддршка. Лесно можеше да се искористи, на пример, 30-годишнината на канцеларијата на високиот комесар за малцински прашања, па да се зададеа насоки за процена на имплементација на одредени права меѓу државите членки (препораките од Болзано или Љубљана ми паѓаат на ум) или да се искористат експертите и мрежите за градење на нашите домашни капацитети. Па кога ќе зборуваме на овие теми во ЕУ, да имаме извештаи, процени, мислења од релевантни меѓународни институции како ОБСЕ, а не да продолжуваме со политички злоупотребени божемни преговори, секогаш кога на Бугарија ќе ѝ притреба криза заради внатрешнополитички потреби. Не мораше да зборуваме за нашите конкретни проблеми. Доволно ќе беше да инспирираа дискусија за тие теми, кои се пречка во нашите евроинтеграции, кои се со повторливи и препознатливи модели и им се проблем и на другите земји учеснички и дури имаат потенцијал да ескалираат во насилство и оружени конфликти. Ама за таков потфат беа потребни стручни кадри и посериозни подготовки – вели професорката за меѓународни преговори и медијација Ида Мантон, која е добро запознаена со структурите, механизмите и принципите на функционирање на ОБСЕ.
Колку и да е хипотетичка можноста за дополнително продолжување на мандатот на Македонија за претседавањето со ОБСЕ, сепак го наметнува предизвикот како да се искористи таквата можност за создавање повисок авторитет на македонската дипломатија на меѓународен план.

– Се чини дека за тоа е веќе предоцна. Парите за претседателствувањето на Македонија со ОБСЕ се потрошија ненаменски и на начини на кои се прават работите кога сакате нешто да забошотите. Само ќе ги спомнам спортската сала каде што ќе се одржува министерскиот совет и цената за изнајмување возила за делегациите на самитот. За да градите авторитет треба да имате производ, бренд и содржина. Ние имаме осакатена и неефикасна дипломатија и што помалку се топориме, помалку ќе ни ги знаат валканиците со кои ние како општество живееме со децении. Нашата политичка и дипломатска сцена не се пример што треба да се презентира и се далеку од нешто со што треба да се гордееме. Напротив, тоа е пример за ситни пазарења, непотизам и сегрегација. Не треба да го извезуваме тоа. Другите си имаат свои проблеми и ние треба да имаме доблест да не правиме дополнителна штета во многу важен историски момент за нешто што е градено 50 години – со висок критички тон ги оценува Ида Мантон капацитетите на македонската дипломатија да создаде авторитет на меѓународен план, но и да се избори за националните интереси на Македонија. Според неа, претседателството со ОБСЕ е уште една пропуштена шанса за вистинско позиционирање на Македонија на меѓународен план.