Израелската армија објави дека организација во Сирија испратила беспилотно летало кое целело на училиште во јужниот израелски град Еилат, а Израел одговорил на нападот.
Армијата не соопшти која организација во Сирија го испратила дронот во Еилат, град кој се наоѓа на Црвеното Море на околу 400 километри од најблиската точка на сириската територија.
Но, во соопштението се додава дека тие ја сметаат сириската влада целосно одговорна „за каква било терористичка активност на нејзина територија“. Во извештаите за нападот со дронот, кој предизвика мала штета, не се наведува дали има повредени.
Движењето Хути во Јемен, поврзано со Иран, изврши неколку ракетни и беспилотни напади врз Израел по 7 октомври, од кои сите беа или спречени или неуспешни.
Групата Хути, која владее со делови од Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана, вчера објави дека истрелала ракети врз неколку цели во Израел, вклучително и цели во Еилат кои воениот портпарол на групата ги нарече воени цели.
Израелската армија објави дека нејзиниот воздушен систем „Ароу“ пресретнал ракетен напад на израелска територија во близина на Црвеното Море и дека нејзиниот одбранбен систем „Патриот“ пресретнал „сомнителна мета“ на југот од пустината Негев, но не прецизираше кого смета дека е одговорен за напади.
Израел го зголеми своето поморско присуство во Црвеното Море за подобра заштита на јужниот брег, а САД исто така имаат значително поморско присуство во областа.
Еилат е главниот трговски излез на Израел кон Црвеното Море.
Даниел Мулер, аналитичар во британската компанија за поморска безбедност Амбри, рече дека нападот со беспилотно летало во четвртокот е „прв во градот Еилат за кој е потврдено дека предизвикал штета“ од почетокот на конфликтот на 7 октомври.
Хамас и Хутите „испалија повеќе ракети, крстаречки ракети и беспилотни летала кон Еилат“, додаде Мулер.