Пелагонија го менува својот лик. Во пелагониската рамница, каде што порано акцентот беше ставен на примарното земјоделско производство на житни, индустриски и фуражни култури, како што се пченица, јачмен, маслена репа, сончоглед или пченка, сега „никнуваат“ сосема други дејности. Плодните површини сѐ повеќе се покриваат со фотоволтаични панели, стоваришта, магацини, површини за разни работилници, паркинг-простори за тешки товарни возила…
На житната пелагониска рамница никнуваат фотоволтаични централи, стоваришта, магaцини
Кога во минатото земјоделските стручњаци со мелиоризацијата на мочуриштето ја претворија Пелагонија во најголема плодна рамница, ретко кој можеше да очекува дека овој огромен простор ќе претрпи такви драстични промени. Имено, најнапред дел се трансформира во најголем басен за ископ на јаглен за производство на струја и во плодната Пелагонија беа изградени најголемите три термоцентрали во Македонија, РЕК „Битола“, со капацитет од по 210 мегавати, кои произведуваат над 70 отсто од електричната енергија потребна за цела Македонија. Но тоа како да не беше доволно, па сега, по само четири децении од пуштањето во експлоатација на првиот блок на РЕК, пелагониската рамница повторно забрзано ќе го менува својот лик.
Во пелагониската рамница, каде што порано акцентот беше ставен на примарното земјоделско производство на житни, индустриски и фуражни култури, како што се пченица, јачмен, маслена репа, сончоглед или пченка, сега никнуваат и се „раѓаат“ сосема други дејности и култури.
Свежи се сеќавањата кога во најголемата и најплодна пелагониска рамница, во близината на селото Логоварди, пред десетина година никна првата биогасна електроцентрала „Пелагонија енерџи ДООЕЛ Логоварди“ на ЗИК „Пелагонија“, со инсталиран капацитет од шест мегавати. Тогаш малкумина помислија дека за толку кратко време Пелагонија од најголема житница ќе стане рамница каде што ќе се отвори најголемата фотоволтаична централа на Балканот.
Деновиве во Пелагонија, компанијата „Меј енерџи“ официјално ја пушти во употреба најголемата приватна инвестиција во фотоволтаична централа на Балканот, со вкупна површина од 57 хектари. Новата централа, која е изградена во атарот на селото Новаци, која е со капацитет од 55 МW и може да произведува 85.000 МWh, што претставува електрична енергија што е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства во државата.
Деновиве кога бевме во обиколка на Пелагонија, на самиот пат за Новаци и РЕК „Битола“, на неколку локации затекнавме како наместо трактори или комбајни, на неколку некогаш земјоделски површини на кои се одгледуваа разни земјоделски култури, сега работат багер и други градежни машини, кои ги посипуваа површините со камења, чакал, песок и градежен шут за изградба на капацитети за сосема други дејности.
На патот за Новаци, на површините на Пелагонија, покрај фотоволтаични централи, во последно време никнуваат стоваришта, магацини, површини за разни работилници, паркинг-простори за тешки товарни возила.
За ваквата појава во подрачното министерство за земјоделство во Битола велат дека интересот за пренамена на земјоделското земјиште во градежно е огромен.
– Постојано во подрачното министерство пристигнуваат барања за пренамена на земјиштето. Голем број битолски бизнисмени се интересираат и купуваат парцели во Пелагонија, кои подоцна бараат да ги пренаменат од земјоделско во градежно земјиште. Најголем интерес има за купување земјоделско земјиште од трета, четврта и петта класа, кое може да се пренамени во градежно. Точно не можам да кажам колку изнесуваат тие барања, но морам да нагласам дека нивниот број е мошне голем – ни вели началникот на подрачното одделение за земјоделство во Битола, Методија Илиевски.
Според Илиевски, особено на удар се површините што се во сопственост на приватни лица или нивни наследници, кои немаат намера да се занимаваат со земјоделство и ги продаваат своите површини.
Градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, вели дека е огромен интересот на заинтересирани инвеститори и од Турција, кои сакаат својот капитал да го вложат во изградба на фотоволтаични централи. По отворањето на онаа во Новаци, наскоро ќе се изградат уште две фотоволтаични централи, кои ќе ги градат инвеститори од Турција. Изградба на фотоволтаична централа најавуваат и од АД ЕСМ – Битола, на површините на јагленовиот коп Суводол.
Огромен е интересот и за изградба на индустриски капацитети во индустриската зона на Новаци.
Битолските стручњаци предвидуваат дека нема да помине многу време кога Пелагонија ќе го смени својот лик, не само во одгледувањето на земјоделските култури што ќе се произведуваат оваа најголема рамница во државата туку и во други дејности, кои во моментот и во иднина ќе бидат многу поисплатливи и подоходовни.
Земјоделците се плашат само да не се случи не само површините од трета, четврта и петта класа од земјоделски да се пренаменат во градежни, туку и оние поквалитетните, па и на тој начин да се скуси пелагониската рамница.