„Фитилот догорува“ од македонскиот драматург Зоран Пејковски

Вчеравечер, на 23 октомври 2023 година, во конзулска Битола, во симболот на македонските подвижни слики, киното „Манаки“, премиерно се одигра драмата во стих „Фитилот догорува“, патриотска инспирација и книжевно преточување на јубилеите 130 години од формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација и 120 години од Илинденското востание, факлите на македонското сознајно будење.
Пејковски со својата посветеност кон клучните историски процеси и личности од кулминацијата на македонското национално разбистрување станува нивен бележник, оживувач на нивната меѓусебна комуникација. Ако историографијата се интересира за клучните факти што се однесуваат на минатите настани и личности, тогаш со овие стихови искажани во драмски наратив се навлегува длабоко во мисловниот вриеж на родоначалниците на македонската државност.
Свесни за историскиот момент што го носат со своите животи, учесниците во создавањето на Внатрешната македонска револуционерна организација, како и главните протагонисти во Илинденското востание, не се имуни на психолошкиот притисок што им го наметнуваат и самото време и исправеноста пред историските одлуки. Пејковски мошне сликовито и со возвишеност го доловува токму тој момент. Ако за миг ги изземеме историските чинители, ќе забележиме луѓе што мислат, премислуваат, страдаат од бесоност поради свесноста на предисторискиот габарит, луѓе од крв и месо, а не само историски податок, но на крајот со непоколеблива гордост.
Сликата што ја создава авторот толку понесува, што слевајќи се во просторот на публиката/читателот не знае дали е само еден восхитен гледач/читател или е составен дел на тие историски дијалози и самиот тој. Но што е тајната на ваквиот интерактивен занес меѓу авторот, изведбата на драмските стихови и публиката/читателот? Тоа е несекојдневната моќ на забележување на авторот на внатрешниот мисловен немир на историските ликови, овозможувајќи ѝ на публиката, односно читателот да го сонува историскиот сон со широко отворени очи, вдахнувајќи бесмртност на мигот. Забележливо е што во дијалозите се проткаени верата и христијанската црква, која е носител на националното будење, но и основа за формирање на националниот идентитет.
Зборовите на првиот претседател на Внатрешната македонска револуционорна организација, д-р Христо Татарчев, допираат токму до моментот кога молкот треба да се претвори во крик што треба да означи будење:

„О, бденија, О, виденија, О, мајки, родилки на просветлината, фиданки на молкот, воздишје на крикот, воздржан од гласје во грлото стуткан, напнат вулкан, здив запрен од страви.
Времето опасно тивко се гласи, од шепоти стравично тајни, за денот суден, за новденот, за разденот, за Илинденот.“

Овие зборови на Татарчев означуваат и поттик за идно севкупно општествено дејствување, па затоа не е ни малку случајна мислата на Петар Поп Арсов за општественото дејствување, пак, на поединецот изразена во реченицата: „Одземете му го на човека полето на дејствување – тој е веќе мртов.“
Следејќи ги свесните мисли на револуционерите во драмско-поетскиот вознес, не е ни малку случајно што македонскиот народ живееше во револуционерната република создадена тајно на територијата од султанската држава цели 19 години (1893 – 1912), потоа со себеодрекување го создаде Илинден, водејќи крвопролевна оружена борба против вооружените пропаганди, се бореше и против султанските војски на улиците од Цариград. Затоа, македонскиот народ никогаш нема да го заборави своето историско минато, наспроти перманентното оспорување од секаков вид и методолошки пристап. Македонија нема да го изгуби својот етнички лик, ни својот дух, ни својот мајчин говор.

м-р Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство