СП ЗА МЛАДИ ШАХИСТИ, ТРЕТО КОЛО
Три поени на македонските претставници
Македонските претставници освоија три поени во третото од вкупно 11-те кола на Светското првенство (СП) за шахисти до осум, 10 и до 12 години, во Египет. Настапуваат вкупно 502 шахисти од 66 држави, од кои четворица се ФИДЕ-мајстори (ФМ). Во категоријата до 10 години, Мартин Гоцев (рангиран 103-ти пред СП) го победи Казахстанецот Ајсултан Анетов (1.123, рангиран 88.), во категоријата до 12 години, Никола Петровски (1.427, рангиран 69-ти) беше подобар од Англичанецот Киан Вард (1.723, рангиран 40-ти), во категориите до осум години, Јован Вукашиновиќ (рангиран 86-ти) беше слободен во ова коло и службено доби еден поен, а Ина Крумова (рангирана 44-та) загуби од Германката Сали Елсајед (33-та). Г.И.
ШАХ – МАСТЕРС-ТУРНИР ВО КАТАР
Втор пораз на Карлсен
Поранешниот светски првак и најсилен шахист на денешницата, со највисок рејтинг (2.839), Норвежанецот Магнус Карлсен, неочекувано вторпат загуби на силниот мастерс-турнир во Доха (Катар), на кој играат 250 играчи (58 велемајстори) од 44 држави. По сензационалниот пораз од Казахстанецот Алишер Сулејменов (рејтинг 2.512) во второто коло, Карлсен загуби и во седмото коло од ВМ Мурали Картикејан (2.611, рангиран 20-ти пред турнирот). Мурали (24), кој е двократен индиски шампион во низа (2015 и 2016), ѝ се приклучи на водечката петорка со 5,5 поени.
Картикејан брилијантно ја искористи грешката во 23-от потег на Карлсен, кој со жртва на ловец за пешак бараше шанса за победа во отворањето „Руи Лопез“. И покрај тоа што имаше помалку од пет минути за преостанатите 17 потези, Индиецот добро се снајде и славеше во 45-от потег. Карлсен на две кола до крајот е 28. со 4,5 поени и загубени 16 рејтинг-поени и ги намали шансите да го повтори триумфот во Катар од 2015 година.
Водечките на турнирот ремизираа, Пархам Магсудло (2.707) со Хикару Накамура (2.780), Нодирбек Јакубоев (2.616) со Арјум Еригаиси (2.712), а Сунидут Нарајанан (2.651) со Јавохир Синдаров (2.658). На табелата водат Нарајанан, Синдаров, Еригаиси, Паравјан, Картикејан и Јакубоев со по 5,5 поени. Г.И.