Фото: Игор Басколиев / Архива

Ако оваа иницијатива на Таравари за некаков дводомен парламент потекнува од таа федерална историја на македонскиот парламентаризам, тогаш треба да се каже и дека истата таа воопшто не кореспондира со декларираните заложби за членство во ЕУ и членството на Македонија во НАТО, тврдат соговорниците со кои се консултиравме. Тие додаваат и дека иницијативата за дводомен парламент не е достојна дури да се разбере ни како притисок за спроведување на уставните измени“. Едноставно, таа треба да се третира како уште еден јалов обид да се претстави како хипотетичко решение со „закана со состојби на изразено незадоволство на едно етничко малцинство од незапочнувањето на преговорите со ЕУ“

Дали постои врска помеѓу идејата „Дводомен парламент“ И „Предлогот за уставни измени“

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, за иницијативата на Таравари за дводомен парламент, како „решение за претпоставено незадоволство на едно малцинство од неспроведувањето на уставните измени“, смета дека всушност иницијативата не кореспондира со критериумите за членство во ЕУ и со членството во НАТО.

Иницијативата на Таравари за дводомен парламент потекнува од историјата на македонскиот федерален парламентаризам

– Треба да се знае дека Македонија своевремено имаше тродомен парламент, во времето кога беше во составот на федеративна Југославија. Всушност, сите републики во составот на Југославија имаа така форматирани парламенти. Во рамките на Собранието, како три дома функционираа: Собор за здружен труд, Собор на месни заедници и Општествено-политички собор, со надлежност утврдена според тогашниот устав. Ако оваа иницијатива на Таравари за некаков дводомен парламент потекнува од таа федерална историја на македонскиот парламентаризам, тогаш воопшто не кореспондира со декларираните заложби за членство во ЕУ и членството на Македонија во НАТО. Не може дури да се разбере ни како притисок за спроведување на уставните измени, како услов за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Едноставно тоа е нерелевантна иницијатива, претставена како хипотетичко решение за најава/закана со состојби на изразено незадоволство на едно етничко малцинство од незапочнувањето на преговорите со ЕУ (?!) Дури и како закана за државноста, иницијативата е ирелевантна, ако како крајна цел е потсетување на „скриените намери“ за федерализација. Бидејќи иницијативата е ирелевантна, може само да се претпостави дека идејата е, всушност, Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието да прерасне во статус на собор, или еден од двата дома на парламентот со право на вето. Иако ветото е веќе институционализирано и во еднодомниот македонски парламент, со Бадентеровото мнозинство. Тој инструмент често е злоупотребен и проширен за многу повеќе прашања од тоа што е предвидено со уставната позиција на Бадентеровото мнозинство. Дури и како закана за државноста, иницијативата е ирелевантна, ако како крајна цел е потсетување на „скриените намери“ за федерализација – вели Тодор Петров.

Идејата „дводомен парламент“ не е толку во интерес на желбата за
евроинтеграција, туку повеќе во препознавање шанса за реализирање на големоалбанската идеја

Секое реактивирање на идејата за дводомен парламент во Македонија, макар и како предупредување за последиците што би се појавиле од отпорот на Македонците спрема уценувачките условувања за уставни измени, всушност не е толку во интерес на желбата за евроинтеграција, туку повеќе е препознавање на шансата за реализирање на големоалбанската идеја. Впрочем, дводомниот парламентарен концепт што би водел до федерализација на Македонија е во целосна спротивност на унитарниот карактер на државата, договорен и гарантиран од меѓународната заедница во Охридскиот договор, по конфликтот во 2001 година. Секој „излет“ за нарушување на таа воспоставена уставноправна рамка е дерогирање и на авторитетот на меѓународниот фактор, кој тоа го гарантираше, загрозување на државотворниот статус на мнозинскиот македонски народ во државата и опструкција на евроинтеграциите под маската на загриженост за европската иднина на Македонија, велат соговорниците, професори по политички систем и уставно право. Ј.П.