Јавното мислење, ставовите на експертите, на невладиниот и граѓанскиот сектор, на граѓаните воопшто… треба да бидат столб на кој здраво и перманентно ќе се гради државна политика, врз база на издржани решенија. Имено, реактивноста на јавноста природно се генерира од општиот јавен интерес. Јавните реакции за одредени прашања најчесто содржат здрави елементи на општоопштествен интерес и целисходност, а често и насоки и предлози како да се носат одлуките. Но за македонските политичари јавната дискусија за одредени проблеми повеќе е „губење време“ на нешто за што тие веќе однапред зазеле став или постигнале интерен политички договор, така што немаат намера да го променат по никоја цена. За жал, примери има безброј, а токму „пат-позицијата“ во која сега се наоѓа Македонија со уставните измени е најдобриот показател што се случува кога не се слуша мислењето на пошироката јавност и не се следи широкиот јавен интерес

Политичките центри на моќ ја направија јавноста флуидна аморфна маса, подложна на контрола и манипулација

Вклучувањето на јавноста во процесите што се важни за иднината на државата е од исклучителна важност, бидејќи на тој начин се овозможува низ една транспарентна постапка да се носат квалитетни и издржани одлуки зад кои ќе стои целото општество или барем најголемиот дел, наместо одлуките да се носат зад затворени врати од неколкумина поединци, што води кон длабоки општествени поделби.
Последните случувања со предлог-законот за амнестија, кој на собраниска седница треба да се најде на 2 ноември, уште еднаш потврдуваат дека политичарите воопшто не се грижат за мислењето на експертската, невладината и сета преостаната јавност, туку постапуваат исклучиво врз основа на дневнополитичките и партиските интереси. Конкретно, експертската јавност смета дека со овој закон, Собранието презема улога на судска власт и страдаат уставното и кривичното право.
– Се прават измени што се незамисливи во судската сфера – вели професорот по уставно право Светомир Шкариќ, кој оцени дека законот се носи од нужда, а не од рационални причини.
Академик Владо Камбовски смета дека со овој закон Собранието упаѓа во сферата на казнената политика, а аргументите според кои треба да се донесат измените треба да се преиспитаат.
Ова се само мал дел од забелешките што ги изнесува експертската јавност, иако повеќе од јасно е дека со нив не биле направени консултации кога се подготвувал законот, туку законското решение е плод на одредена политичка процена и затоа за политичарите целосно е ирелевантно мислењето на стручната фела.

Политичарите не сакаат да губат време за мислења поразлични од нивните

Реакцијата на јавноста за одредени прашања често е клучна кога се носат одлуки, но за македонските политичари јавната дискусија за одредени проблеми повеќе е губење време на нешто за што тие веќе однапред зазеле став или постигнале интерен политички договор, така што немаат намера да го променат по никоја цена.
Токму пат-позицијата во која сега се наоѓа Македонија со уставните измени е најдобриот показател што се случува кога не се слуша мислењето на пошироката јавност.
Имено, целата македонска јавност, почнувајќи од експертската, преку невладиниот сектор, граѓанската јавност, па дури и обичните граѓани, инсистираше преговорите со Бугарија да се водат на транспарентен начин, а за сите одлуки да се постигне широк општествен консензус со кој ќе се обезбеди заштита на државните интереси и ќе се спречат внатрешни поделби. Но повиците на јавноста едноставно беа игнорирани, по што следуваше францускиот предлог, за кој македонските власти првично најавија дека е неприфатлив, но се премислија по ден-два, за да соопштат дека овој предлог е прифатлив и дека ќе биде предмет на широка јавна расправа пред да се најде пред пратениците во Собранието. Сепак, таканаречената дебата во јавноста се сведе на едночасовно штуро претставување на францускиот предлог без никакви детали, со што беше невозможно да се има вистински увид во она што содржи документот. Експертската фела дојде до некои детали од францускиот предлог и јасно ги истакна сите ризични точки, со апел Владата да не го прифаќа оти на тој начин Македонија не преговара за европски, туку за бугарски критериуми. Реагираа и голем број невладини организации, кои исто така сметаат дека францускиот предлог излегува од европската рамка и е целосно асиметричен, односно наметнува обврски само за Македонија, но не и за Бугарија. Граѓаните го искажаа своето мислење со повеќе протести, јасно истакнувајќи дека се против ваков непристоен предлог. Епилогот од сите овие реакции на јавноста е игнорантскиот однос од страна на политичарите, кои го прифатија францускиот предлог и ја доведоа државата во подредена положба во однос на Бугарија. Недопустливо е да се прават дополнителни поделби што ги делат граѓаните на европски и антиевропски.
Не треба да се заборави и дека експертската јавност го крена својот глас и пред промената на името на државата, јасно посочувајќи дека тоа ќе повлече промена на идентитетот и дека враќање назад нема. На референдумот народот повторно јасно го кажа своето мислење така што не излезе да се произнесува за нешто за што нема мандат ниту оваа ниту некоја идна генерација. Името на државата е свето и за него не можат да решаваат група политичари што во одреден момент се нашле на власт, така што тезите дека за промена гласале 600 илјади граѓани не држат вода бидејќи никој нема мандат да одлучува за нешто што е вековно наследство.
Гледајќи дека политичарите целосно го занемаруваат мислењето на јавноста, голем дел од истата таа јавност веќе и одбива да се произнесува за многу прашања и свесно се повлекува бидејќи е свесна оти некој ја користи само како декор за да прикаже дека некоја одлука била плод на широка дебата и била донесена врз основа на мислењето на јавноста.
Тука треба да се бараат причините зошто најголемите експерти во делот на уставната проблематика одбија да учествуваат во фарсата со изготвувањето на уставните амандмани за внесување на Бугарите во Уставот, оти знаеја дека ќе бидат искористени само како обични алатки за да се прикаже некакво експертско мислење, иако на крајот завршниот збор ќе го имаат политичарите.
Таква експертска група работеше речиси три години на измените на Кривичниот законик, за прекуноќ во Собранието да бидат изгласани измените без никаква консултација со оние што ги вложија сопственото знаење и интегритет да подготват кривичен законик со кој ќе се спречи корупцијата во државата, а не да се стимулира. Затоа и невладиниот сектор се повлече од работата во телата за реформи во правосудството, оти, народски кажано, виде колку е часот и дека политичарите повторно ќе го имаат последниот збор.
Стручната фела, невладиниот сектор, граѓанските здруженија и еколозите го кренаа својот глас против давањето на македонските води на странски инвеститор, протестираа против урбанистичкото дивеење, бараа вистинска борба со корупцијата, но наместо развивање сериозна општествена дискусија за сите проблеми за кои алармира јавноста, политичарите продолжуваат со она што го наумиле, целосно игнорирајќи ги јавното мислење и јавните иницијативи.

Јавно мислење или обичен декор?

Гледајќи што сè се случува во државата во последно време, граѓаните со право си го поставуваат прашањето дали во Македонија сè уште постои јавност и дали некој го слуша нејзиното мислење.
Она на што досега сведочеа граѓаните е дека јавното мислење и сугестиите не наидуваат на никаков повратен ефект кај политичарите, туку напротив, постои само политичко самоволие и самоволие на политичките партии, кои ја користат јавноста само како декор пред ЕУ да покажат дека сите одлуки се носат во еден демократски и транспарентен амбиент, што во суштина е далеку од вистината. Ако е во интерес на политиката, тогаш ќе се донесе и закон за амнестија, ќе се промени и Кривичниот законик, ќе се донесе и аболиција, ќе има и вонредна состојба, ќе се зголемат платите на функционерите и слично. Но кога треба да се послуша мислењето на стручната и воопшто на целата јавност за многу работи, тогаш тоа е второстепено и речиси без исклучок, неважно.
Со години во земјава нема широка јавна дебата за многу прашања, туку секоја одлука е плод на партиска процена и резултат на дневнополитички пазарења поради што сите решенија што се подготвуваат во партиските кујни се лоши и уште повеќе ги дезавуираат состојбите во државата.
Впечатокот што се добива е дека целосно е замолчена експертската јавност, невладиниот сектор полека крева раце, граѓанските здруженија се фрлени на маргините, медиумите се борат колку што можат да го презентираат јавното мислење без разлика дали тоа некому му се допаѓало или не, така што сликата е далеку од розова како што некој сака да ја претстави пред Европа.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека во Македонија постои јавно мислење за многу прашања, но истовремено, тоа воопшто не се зема како основа при носењето одлуки од страна на политичарите.
– Несомнено во Македонија има јавност и таа се произнесува за повеќе прашања, но најчесто политичарите не го слушаат мислењето на таа јавност. Истата таа јавност треба да се сети на односот на политичарите кон неа, така што пред избори ќе почне да ги бојкотира нивните настани, промоции и гостувања. Само со силен притисок ќе се слушне гласот на јавноста и политичарите конечно ќе почнат да го слушаат и гласот на јавноста – вели Пекевски.
За жал, аналитичарот е скептик дека во блиска иднина ќе се промени односот на политичарите и дека тие и натаму ќе продолжат да го користат јавното мислење само тогаш кога ќе им одговара. Истовремено, тој смета дека јавноста мора да биде поагилна кога застапува некаков став и да не се откажува толку лесно од притисокот врз политичарите.
– Гледаме дека јавноста не реагира со доволен интензитет на најкриминални дејанија од политичарите, таков беше случајот со измените на Кривичниот законик, така што не верувам дека и во далечна иднина нешто ќе се промени во релацијата меѓу политичарите и примената на јавното мислење при носењето разни одлуки – резигнирано посочува Пекевски.