Концертот во Скопје беше неверојатен. Преполна сала, рокери и рокерки, панкери и панкерки, фолк-вљубеници, металци, со кожени јакни, бради, „бркови“, надвор паркирани мотори, ни на филм не верував дека ова може да се спои на ваков начин
И повторно МКЦ на ниво на задачата. Прекрасна организација, без инциденти, навремен влез на публиката, почеток на концертот, безбеден излез на крајот на концертот, добро озвучување и светло. Многу е добро што постои овој простор и што има екипа што е добро организирана и има слух за сите настани, без разлика дали во публиката има десет или илјада посетители. Нивниот однос со медиумите е на највисоко ниво. Се надевам дека МКЦ и понатаму ќе носи бендови што се далеку од мајнстрим-струењата.
На 6 октомври во МКЦ за првпат настапи хрватската панк-фолк велнес-атракција „Бркови“, со свој целовечерен самостоен концерт. На овој концерт беше промовиран нивниот нов албум „Крвава новчаница“, од кој беа изведени неколку нови песни, а остатокот од репертоарот го сочинуваа најзначајните песни од сите периоди на нивното постоење. Шамсо 69 и екипата досега имаат објавено осум студиски албуми. Нивните видеоспотови имаат неколкумилионски прегледи. Во претходните неколку години прераснаа во еден од најактивните бендови со концерти низ републиките, а бележат и настапи во Европа, Велика Британија и Канада.
Концертот почна околу 21 часот, пред преполна сала, всушност се бараше и карта повеќе за загрепската панк-фолк-ска-метал група, позната под името „Бркови“. Основани во 2004 година во Загреб, тие имаат издадено девет албуми и претставуваат некаков вид откровение за оние што се наоѓаат на крстопат помеѓу панк-ска-рок-метал турбофолк-музиката. Текстовите им се како од најдобрите турбофолк-песни од златниот период на владеењето на оваа музиката. Најинтересно е што речиси секоја песна им е хит, како на пример: „Бауштела“, „Сакам детето да ми слуша народна музика“, „Повеќе ни панкерите не слушаат панк“, „А јас ќе пијам“, „Само пијан можам“, „Подобро со пријателите да пиев рујно вино“…
Концертот во Скопје беше неверојатен. Преполна сала, рокери и рокерки, панкери и панкерки, фолк-вљубеници, металци, со кожени јакни, бради, „бркови“, надвор паркирани мотори, ни на филм не верував дека ова може да се спои на ваков начин. Песните ги пеат наглас сите заедно, и публиката и музичарите и шанкерите и организаторите. Чудесија. Како на фудбалски спектакл се палеа факли, публиката скокаше, се качуваше на бината да пее со групата, скокаа од бината право во прегратка на публиката, општа лудница. Пејачот со прекар Шамсо 69 (веројатно го добил под влијание на англиските панкери „Шем 69“ од крајот на 1970-тите години) почнува да пее: „Хочу да ми дете“, а публиката посилно од него продолжува „слуша народњаке, а не да носи дугу косу и прљаве старке“, и така за секоја песна.
Такво количество енергија ослободија што Македонија ќе можеше да се грее барем две недели бесплатно. А музичарите, зрели, уиграни, подготвени за секоја ситуација. Пејачот, лидер на групата, дојде во пижами, едниот гитарист облечен како да е на бокс-меч, басистот се соблече до половина, како и другите од групата. Карневал на балканскиот менталитет, без его, целосно соголување на она што сме ние од овие простори. Еден бис, публиката бара уште, уште еден, сите пеат, скокаат, играат, не постои замор во нивните мисли. Нема крај.
Сѐ уште сум под огромен впечаток на тоа што го видов вечерта, иако во текот на наредните седум дена бев на уште два концерта на други две групи, ништо не може да се спореди со она што го направија „Бркови“ во МКЦ. Иако не сум љубител на музиката што ја свират, им симнувам капа. Секоја чест.
Љупчо Давчев