Белгиската полиција уби осомничен за вооружениот напад во Брисел во кој загинаа двајца шведски државјани, изјави белгиската министерка за внатрешни работи Анелизе Верлинден.
Верлинден рече дека автоматската пушка пронајдена во близина на лицето кое беше застрелано утрово е истото оружје што беше употребено во нападот во понеделникот во кој загинаа двајца Швеѓани.
Во лицето осомничено за нападот било пукано по интензивна потрага.
Белгискиот премиер Александар де Кро претходно изјави дека осомничениот е маж со туниско потекло кој илегално живеел во Белгија. Тој на прес-конференцијата рече дека во нападот е рането и трето лице.
Шведска изрази тага поради вооружениот напад што се случи непосредно пред фудбалскиот натпревар Белгија-Шведска во понеделникот вечерта, додека европските лидери ја изразија својата солидарност. Шведска оваа година беше во центарот на жестокиот спор со муслиманските земји по повеќекратното палење на Куранот, светата книга на исламот.
Во видеото објавено на арапски на социјалните мрежи, маж кој се претставува како напаѓач вели дека е „инспириран од екстремистичката група Исламска држава“, соопштија обвинителите.
Обвинителите рекоа дека напаѓачот на видеото како мотивација ја посочил шведската националност на неговите жртви, но се чини дека нападот не е поврзан со конфликтот меѓу Израел и Хамас на Блискиот Исток.
Како што се прошири веста за нападот, квалификацискиот натпревар за Европското првенство беше прекинат на полувремето и околу 35.000 навивачи беа евакуирани од стадионот во Брисел.
Полицијата обезбеди дополнителна заштита на шведските државјани на натпреварот и ја придружуваше шведската репрезентација директно до аеродромот, изјави генералниот директор на белгискиот фудбалски сојуз.