Телата на неколку Израелци, кои изминатата недела беа киднапирани од Хамас за време на нападот, се пронајдени од израелската армија за време на вчерашниот копнен напад врз Газа, јавија израелските весници.
Весниците „Харец“ (Haaretz) и „Џерусалим Пост“ (Jerusalem Post) наведуваат дека израелските одбранбени сили пронашле неодреден број тела, враќајќи ги на израелска територија, како и некои работи што им припаѓале на исчезнатите лица.
Пешадија и оклопни единици на израелската армија вчера учествуваа во неколкуте рации во кои е „елиминирана ќелија на Хамас која истрелуваше противтенковски проектили на израелска територија“, пишува „Џерусалим Пост“.
– Хамас во Појасот Газа во заробеништво држи над 120 цивили, јавија израелските одбранбени сили (ИДФ).
Претходно, израелските медиуми објавија дека за време на рациите на ИДФ биле пронајдени мртвите тела на исчезнатите во минатонеделниот напад.
Според израелскиот весник „Харец“, вооружените сили влегле во енклавата каде што се верува дека Хамас држи до 200 лица како заложници и ги извлекле телата на неколку од нив.