Фото: ЕПА

За споредба, фентанилот (односно транк или зомби-дрога) е 50 пати посилен од хероин, луѓето брзо стануваат зависници од него, а бидејќи е силен аналгетик, легално се користи во медицината во последните 40 години, но и во ветеринарната медицина и за медицински истражување. Може да се набави само на рецепт, но дивиот пазар секогаш брзо си го наоѓа патот, па се користи како замена за хероинот и некои други дроги. Фентанилот и неговите деривати се одговорни за најмалку 137 смртни случаи во ЕУ: 88 луѓе починале во Германија, 18 во Литванија, девет во Австрија, шест во Данска и Финска, четири во Естонија, двајца во Словенија и Португалија и по еден за Унгарија и Литванија

ЗОМБИ-ДРОГАТА ПРИСТИГНА НА БАЛКАНОТ

Новата опасна дрога позната под името фентанил, а кај корисниците како транк или зомби-дрога, од која во Соединетите Американски Држави годишно умираат и десетици илјади лица, пристигна на Балканот. Хрватска ги регистрира и првите смртни случаи, а тамошниот институт за јавно здравје и официјално излезе со предупредување за опасностите што демнат од оваа дрога.

ДЕЦА ВО ГРАДИНКА ПРЕДОЗИРАНИ СО ФЕНТАНИЛ?!

„Имаше само една година. Одеше во градинка само една недела. Потоа почина, а други негови другарчиња од градинката едвај преживеаја. И сето тоа во градинка, каде што четирите дечиња требало да бидат безбедни, но наместо сигурни, децата се предозирале со фентанил, смртоносната дрога што била сокриена под прекривките на децата за спиење“. Оваа вест неодамна ги шокира САД и остатокот од светот и претставува уште еден доказ дека Американците ги губат и контролата и битката со оваа опасна дрога, позната и како зомби-дрога.
Фентанил деновиве стана тема и на Балканот, откако психијатарот Иван Ќелиќ јавно кажа дека две лица во Хрватска починале од оваа дрога. По неговата изјава, Хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ) издаде предупредување. За опасностите што демнат од оваа дрога зборуваше и Никола Милина од полицијата, кој во јавните настапи за медиумите изјави дека фентанил сѐ уште не е запленет во Хрватска, но постојат показатели дека дрогата е присутна и кај дилерите и кај корисниците. Од своја страна, Ќелиќ предупредува дека моментално тоа е најсмртоносната дрога во оптек.
За споредба, тој е 50 пати посилен од хероин, луѓето брзо стануваат зависни од него, а бидејќи е силен аналгетик, легално се користи во медицината во последните 40 години, но и во ветеринарната медицина и за медицински истражување. Може да се набави само на рецепт, но дивиот пазар секогаш брзо си го наоѓа патот, па се користи како замена за хероинот и некои други дроги.
За да имате идеја колку е опасна оваа дрога, доволно е да се вратите на примерот од почетокот на текстот. Во њујоршка градинка е пронајден килограм фентанил, а тамошниот началник на полицијата рекол дека тоа количество на дрога би било доволна да убие 500.000 луѓе!? Фентанил исто така се смета за одговорен за зголемениот на смртни случаи од предозирање во САД, па статистиката на надлежните американски служби вели дека во 2010 година во САД од предозирање со дрога починале околу 40.000 луѓе, а само 10 отсто од тие смртни случаи биле поврзани со фентанил. Од друга страна, од 2021 година, 100.000 луѓе умираат годишно од предозирање во САД, а 66 отсто од тие смртни случаи се поврзани со фентанил.

СЕ МЕША И СО ДРУГИ ДРОГИ

Дополнителен проблем е што фентанилот на црниот пазар се меша со кокаин и хероин, па зависниците не ни знаат дека го користат додека не биде предоцна. Фентанил, според некои процени, е релативно лесен за производство, а уште полесен за шверц, па поради големиот број дози што можат да се направат од мали количества, гарантира брз и голем профит. Не е ни чудо што јужноамериканските наркокартели брзо се вклучија во бизнисот со него, намирисувајќи брз и голем профит.
Што се однесува на Хрватска, засега не е официјално потврдено дека двајцата починати за кои зборувал Ќелиќ починале од фентанил. Во јавните настапи тој изјави дека станува збор за долгогодишни зависници, кои нивните семејства ги пронашле мртви, а покрај нив биле пронајдени и пакувања фентанил. Но за да се потврдат сомнежите на семејството и на психијатарот Ќелиќ, треба да се почекаат резултатите од обдукцијата.
Што се однесува на Хрватскиот завод за јавно здравје, оттаму појаснија дека фентанил и мал број негови деривати, како алфентанил, суфентанил, ремифентанил и карфентанил, се користат како аналгетици и анестетици во хуманата и ветеринарната медицина во последните 40 години. Но тие забележуваат дека покрај тоа што се легално користени како лек, тие имаат и долга историја на недозволена употреба како замена за хероин и други опиоиди.
Тие наведуваат дека постои сомневање дека фентанил и неговите деривати се одговорни за најмалку 137 смртни случаи во ЕУ во текот на 2021 година: 88 луѓе починале во Германија, 18 во Литванија, девет во Австрија, шест во Данска и Финска, четири во Естонија, двајца во Словенија и Португалија и по еден за Унгарија и Литванија.
– Слично на другите видови опиоидни аналгетици, како што се морфинот, фентанил и неговите деривати произведуваат најголем дел од своите ефекти со активирање на опиоидните рецептори во централниот нервен систем – велат оттаму.
Акутните ефекти вклучуваат: еуфорија, релаксација, аналгезија (намалена способност за чувствување болка), седација (предизвикување состојба на смиреност или сон), брадикардија (забавување на срцето), хипотермија (опасно ниска телесна температура) и респираторна депресија/асфиксија (запирање на дишењето). Токму респираторната депресија претставува најголема опасност за корисниците, бидејќи поради високата јачина на овие супстанции, мали количества може да предизвикаат труење на респираторниот систем опасно по живот. Ако не се лекува, може да доведе до респираторен застој (престанок на дишење) и смрт. Во значителен број случаи навременото давање налоксон може ефикасно да го запре труењето…
Покрај тоа, недозволениот фентанил најчесто се произведува како бел прав, кој може да личи на други дроги, како кокаин, а може да се направи и како таблети. Лесно се меша со други лекови, па изгледа како опиоид на рецепт. Иако фалсификувањето недозволени дроги со фентанил е релативно ретко во Европа, во споредба со САД и Канада, ризикот од труење опасно по живот е висок, бидејќи во повеќето случаи потрошувачите не се свесни за фалсификувањето. Оваа практика уште повеќе го отежнува откривањето на шверцот и употребата на фентанил – предупредуваат од ХЗЈЗ, наведувајќи дека од 2021 година досега се откриени вкупно 38 нови деривати на фентанил.