Проф. д-р Тамара Јованов Апасиева:
Дозволете ми да ја започнам избраната тема со цитат што му се припишува на еден од најкреативните лидери што светот ги познава (според моето скромно мислење), Денг Сјаопинг: „Без разлика дали е бела мачка или црна мачка; сѐ додека лови глувци, тоа е добра мачка“.
Оваа реченица ги сумира основите на креативната трансформација – процес на размислување надвор од конвенционалните граници, доведување во прашање на воспоставените норми, иновативност и приспособливост во услови на променливи околности. Креативната трансформација подразбира замена, комбинација, приспособување, модификување, ставање во друга употреба, елиминирање, пробување со обратен редослед и/или експериментирање со процеси, идеи, материјали, ресурси, модели… Некои попознати и современи примери се: отворена наука, циркуларна економија, социјално претприемаштво, универзален доход, флексибилно работно време и формати, урбани фарми и др.
Сметам дека е крајно време да истражиме што можеме да научиме од извонредната креативна трансформација на разни општества, меѓу кои Кина е, повеќе од сигурно, една од поуспешните приказни.
Оттука, се јавува потребата да отидеме на кратко патување во историјата на Кина, не многу далеку – периодот на лидерство на Денг Сјаопинг, доцните 1970-ти, окарактеризиран со голем број креативни реформи:
- Еклектични економски реформи:
Повеќеслојна (М) структура на економијата: комбинација на државни компании во клучни области како што се банкарството, комуникациите, инфраструктурата, нафтата, челикот и електричната енергија, дополнето со процес на децентрализација и пренос на контролата над одредени јавни претпријатија на регионалните и локалните власти преку „петте мали индустрии“ (ситен челик и железо, машини, ѓубрива, ископ на јаглен и цемент), што доведе до нивен раст во секој регион и се разви силна основа за нужно потребната земјоделска механизација.
Развој на т.н. мали градски и селски претпријатија (во колективна сопственост на сите основачи/работници), со што се зголемија иновациите во секторите на т.н. производствена индустрија за широка потрошувачка (храна, облека, техника и др.). Овој модел, денес, се претставува и како модел на иднината со голем број придобивки за намалување на јазот во поседување на богатството.
Воспоставување специјални економски зони (СЕЗ) во места како Шенжен, каде што беше дозволен влез на странски капитал, не примарно како крајно решение за невработеноста, туку пред сè за трансфер на технологија, под силна контрола на државата. - Фокус на земјоделието и самоодржливост во производството на храна преку „Системот за одговорност на домаќинството“. Моделот подразбираше давање под закуп земјиште и механизација на домаќинствата во руралните области, за да произведуваат за потребите на државата (населението) и гарантиран откуп на приносите по утврдени квоти, со можност за дополнителен приход од продажба на преостанати количини на пазарот по нерегулирани цени. На овој начин, за само 10 години од воведувањето (1975-1985 г.), постигнат е раст од 25 отсто на земјоделското производство.
- Инвестиции и иновации во образованието, науката и технологијата. Денг воведе задолжително образование, го воспостави повторно задолжителниот приемен испит за високо образование (Гаокао), ги зголеми платите и обуките на учителите, го направи јавното образование базирано на мерит-систем, подостапно за населението. Наедно, Кина во перидот на Денг почна да инвестира значително во истражување и развој (т.н. Технолошка програма 863), иновирајќи значително во области како: биотехнологија и фармација – за здравство; ИТ, ласерска технологија, автоматизација, енергија, нови материјали, телекомуникации – за индустријата; вселенска и морска технологија – за одбрана. Промените беа раководени и изведувани како проекти од докажани научни експерти во областите. Фокусот на Кина на иновациите и технологијата како двигатели на растот, денес е евидентен во подемот на компании како „Хуавеј“, „Алибаба“ и „Тенсент“. Овие компании станаа глобални лидери во телекомуникациите, е-трговијата и социјалните медиуми, соодветно. Кина, исто така, инвестираше многу во истражување и развој (R&D), постигнувајќи значајни откритија во области како што се вештачката интелигенција, обновливите извори на енергија, биотехнологијата и други.
- Развој на одбранбениот систем и инфраструктурата. Раководството на Денг забележа огромни инвестиции во воена технологија, обучување и создавање народна војска и силна инфраструктура. Преку инфраструктурата (брзи железнички мрежи, експресни патишта и мегаградови) се поставија темелите за одржлив економски раст и урбанизација.
l Глобална интеграција и соработка преку вин-вин пристап. Денг ја препозна важноста на глобалната трговија и инвестициите, поради што Кина ги отвори вратите за странските инвестиции и соработка со други држави ширум светот. Неговата теза беше дека Кина треба да учи од странските економии, без притоа да дозволи да се наруши ориентацијата кон колективниот просперитет на населението.
Креативната трансформација на модерна Кина доведе до извонреден економски раст, извлекувајќи стотици милиони луѓе од сиромаштија!
Кои лекции можеме да ги извлечеме од растот на змејот?
- Визионерско лидерство и радикални промени се нужни, а не нешто од кое треба да се плашиме! Лидерите како Денг Сјаопинг имаат храброст да се оттргнат од конвенционалното размислување и да прифатат нови, радикални идеи, како и да експериментираат и да го развиваат општеството на база на комбинирани модели.
- Посветеноста на мерит-систем во образованието, развој на социјалистичка култура на заедништво и солидарност, како и инвестирањето во истражување е нужна компонента на општествениот развој!
- Вложувањето во силен човечки потенцијал преку државни инвестиции во основните човекови потреби како: квалитетна и достапна здравствена заштита, квалитетно јавно образование, одржливост во производството на евтина храна е самата основа за развој.
- Државната и колективна сопственост на компаниите, земјиштето и средствата за производство може да биде ефективна и ефикасна!
- Задржувањето на стратегиските индустрии од страна на јавниот сектор, владината поддршка на домашната индустрија и трговија, како и продуктивното јавно трошење, имаат важна улога во трансформирање на општеството.
Трансформативната ера на Кина обезбедува значајна рамка за разбирање како креативната трансформација може да поттикне развој и во други региони, како што се Западен Балкан и Македонија. Тука лежи инспирацијата да се истражат можностите за соработка и трансформација, и преку кинеската иницијатива за економска соработка и изградба на инфраструктура во Азија и Европа – „Појас и пат“ (BRI).
Некои можности од корист за Македонија (и регионот) се:
- Развој на образованието: Зголемување на бојот на стипендии за студирање во Кина, развој на програми за размена и стручната обука на студентите и професорите. Донации за нашите универзитети и училишта во ИТ-опрема, софтвер, истражувачки фондови и лаборатории за иновации, кои можат да го зајакнат националниот образовен систем. Проекти што резултираат со ново знаење, трансфер на технологија или промени во системот, исто така може да бидат корисни. Помош во имплементацијата на мерит систем во образованието има потенцијал во целост да го ревитализира нашиот образовен сектор.
- Развој на инфраструктурата: Соработката со Кина може да ги донесе потребните инвестиции за изградба и надградба на патишта, железници, енергетски мрежи итн. Дали не е подобро со кинеска помош и знаење и под државна сопственост да го реализираме проектот Чебрен, наместо да го оттуѓуваме на странци и да стануваме кираџии во сопствената земја?
- Развој на деловна соработка: Кина е една од ретките земји во светот што промовираат увоз на производи од странство! Постои огромен потенцијал за зголемување на бројот на b2b настани, создавање можности за бизнисите од Македонија и регионот да ги посетат кинеските компании, да учат од нивните деловни модели и иновативни практики, како и потенцијално да станат деловни партнери.
- Зголемување на активностите во доменот на културата и туризмот: За да учиме од другите култури и народи, потребно е организирање на заеднички прослави и настани, отворени за пошироката јавност, не само за експертски групи. Преку настаните се разменуваат информации за традицијата, вредностите, вкусовите, културата… Наедно, можноста за зголемување на бројот на кинески туристи во Македонија може да биде директен извор на приходи за националната економија, што всушност е алтернатива на извозот на производи, со многу помалку трошоци за нас. Размената на искуство и луѓе неминовно води до размена на идеи и перспективи, предизвикувајќи креативност и иновации. Време е да го укинеме непотребниот и комплексен визен режим за луѓето од Кина.
- Одржлив развој: Македонија и Западен Балкан може да имаат корист од експертизата на Кина за обновливи извори на енергија, користење иновативни материјали, одржливо урбанистичко планирање, развој на јавен превоз и др.
Противниците, секако, ги спомнуваат ризиците од задолжување или зголемување на кинеското влијание во регионот.
Сепак, вреди да размислиме:
Дали сега немаме долгови и што добивме за возврат?
Дали како суверена држава и народ (треба да) имаме право сами да одлучуваме кој е најдобриот модел за нашиот развој или треба некој однадвор да ни налага што смееме (не смееме) да правиме?
А дали е воопшто можна нашата креативна трансформација?
Како што рекол будалестиот кинески старец што ги поместил планините: „Сега копам јас. Кога ќе умрам, моите синови ќе продолжат; кога ќе умрат тие, ќе настапат моите внуци, па нивните синови и внуци и сè така до бескрај!“